Јаким Синадиновски (Леуново 1924 – Скопје, 2000)[1] ― македонски револуционер, партизан, општественик, социолог, политички економист, етнограф и писател.
Животопис
Образование
Основно образование завршил во Гостивар, а поминал два класа учителско училиште во Скопје. Дипломирал на групата филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1953 година.[1]
Партизанска и политичка активност
Учествувал во Втората светска војна како борец против италијанско-албанските фашистичко-балистички воени сили. Бил дел од Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“. Бил и меѓу македонските партизани кои балистот Џемо Хаса ги пратил во заточеништво во тиранскиот затвор.
На 27 април 1943 година одредот влегол во судир со балистите на Џемо Хаса во Ново Село. При тоа, четворица борци биле убиени: Злате Дамјановски, Анте Гиноски, Радован Цониќ и Боге Велјановски; десетмина биле заробени: Душко Поповиќ, Илија Антевски - Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски, Ристо Оџаклиевски, Злате Малаковски, Јаким Синадиновски, Антигона Туфа и Сина Димитровска, а осуммина успеале да го пробијат непријателскиот обрач. Заробените партизани, балистот Џемо ги предава на италијанските власти, и тие се однесени во затворот во Тирана. Подоцна, шестмина од нив - Душко Поповиќ, Илија Антевски - Смок, Раде Угриновски, Драге Тодоровски, Трифко Андоновски и Ристо Оџаклиевски, од десеттемина заробени борци од одредот биле осудени на смрт и на 15 мај 1943 година - обесени во дворот на затворот во Тирана.[2]
Злате Малаковски, Јаким Синадиновски, Антигона Туфа и Сина Димитровска биле осудени на временски казни заради тоа што биле малолетни.
После Војната, до 1950 година, Синадиновски бил инструктор на политичко одделение во Куманово.[1]
Како географ и публицист
Бил уредник на рубрика во весникот „Нова Македонија“, основач и директор на Работничкиот универзитет во Скопје.[1]
Од 1962 година, работел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје каде предавал филозофија, марксизам и политичка економија. Предавал и бил вработен на Институтот за географија при ПМФ каде останал до пензионирањето во 1985 година. Вршел голем број општествени функции. Добитник е на повеќе награди и признанија и носител е на Партизанска споменица 1941. Објавил голем број трудови и книги од областа на социологијата.[1]
Според Јаким Синадиновски, во Албанија тогаш имало 180.000 етнички Македонци - христијани и муслимани.[3]
По војната, во независна ФНР Македонија, Јаким Синадиновски ѝ се посветил на публицистиката. Негови дела се:
- „Непокорот на Македонците во Гостиварско низ вековите“ (1995)
- „Национален парк Маврово“ (1993)
- „Емпириски општествени истражувања: Процедури, методи и техники“ (1992)
- „Националното прашање и меѓунационалните односи кај нас“ (1988)
- „Трите мавровски села: Монографска студија“ (1976)
- „Непосредно самоуправување и меѓучовечките односи во работните единици на комбинатот“ (1970)
- „Титоввелешките села: Социо-економски испитувања“ (1969)
Поврзано
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Маркоски, Благоја (2019). Македонската географска мисла по повод 70 години Македонско географско друштво. Скопје: Македонско географско друштво. стр. 34-35. ISBN 978-608-65155-5-3.
- ↑ Гале Фиданоски: „Априлскиот злостор во Ново Село“, Гостивар, 1976 година
- ↑ Јаким Синадиновски: Македонски муслимани, Тогаш и сега