No Doubt и нивните музичари за турнеја во 2009 година. Од лево кон десно: Том Думонт, Стивен Бредли, Адријан Јанг, Гвен Стефани, Тони Канал и Габриел Мекнер.
No Doubt ― американска рок-група од Анахајм основана во 1986 година. Во поголемиот дел од историјата на групата во неа членувале: пејачката и основач на групата Гвен Стефани, гитаристот Том Думонт, басистот Тони Канал и тапанарот Адријан Јанг. Клавијатуристот Ерик Стефани, брат на Гвен, е меѓу поранешните членови на групата.
На музичката сцена групата се пробила со третиот студиски албум, Tragic Kingdom (1995) понесен од оживувањето на третиот бран на ска-музиката во 1990-тите, а песната од тој албум „Don't Speak“, поставила рекорд со тоа што поминала 16 недели на прво место на Билбордовата топ-листа Hot 100 Airplay.
Следниот албум на групата, Return of Saturn (2000), бил пофален од критиката и бил номиниран за најдобар рок албум на 43-тите Греми награди. Следната година, групата го објавила албумот Rock Steady (2001), кој содржи реге и денсхол музика. Сингловите „Hey Baby“ и „Underneath It All“ добиле Греми награда.
По завршувањето на турнејата во 2004 година, членовите на групата продолжиле со соло проекти. Гвен Стефани објавила два успешни соло-албуми Love. Angel. Music. Baby. (2004) и The Sweet Escape (2006), а Том Думонт го издал неговиот соло музички проект, Invincible Overlord. Последниот албум на групата, насловен како Push and Shove бил објавен во 2012 година. Групата продала преку 33 милиони плочи во светски рамки.
Историја на групата
1986–1989: Основање, почетоци и промени во составот
Групата била основана во 1986 година во Анахајм, округот Оринџ (Калифорнија) од пејачот Џон Спенс, Ерик Стефани и неговата сестра Гвен Стефани. Подоцна на групата ѝ се приклучиле: Џери Мекмахон на гитара, Крис Лил како басист и Гејбе Гонзалес кој свирел на труба. Во групата биле и браќата Ален и Тони Мид.
Во декември 1987 година, Спенс извршил самоубиство, неколку дена пред настапот на групата во The Roxy Theatre се очекувало да се појават менаџери од неколку продукциски куќи од музичката индустрија.[1] No Doubt се распаднала, но по неколку недели решиле повторно да се состават[1] со Алан Мид како пејач.[2] Откако Мид ја напуштил групата, Гвен станала пејачка на групата.[2] На почетокот на 1988 година, Том Думонт ја напуштил хеви-метал групата Rising и се приклучил на No Doubt како замена за гитаристот Џери Мекмахон. Следната година ,Адријан Јанг го заменил Крис Веб како тапанар.[1]
1990–1992 година: Албум No Doubt
Импресиониран од концертите на No Doubt и владеењето со сцената на Гвен, Тони Фергусон во 1990 година на групата ѝ понудил договор за снимање на повеќе албуми со новооснованата издавачка куќа Interscope Records.[1] Истоимениот деби-албум на No Doubt бил издаден во 1992 година. Поради директниот фокус на гранџ-музиката, албумот на No Doubt не бил поддржан од издавачката куќа и не бил успешен затоа што се продал во само 30 000 примероци.[2] За поддршка на албумот, групата тргнала на турнеја низ САД, но Interscope не ја поддржал турнејата.[3] Групата не успеала да привлече доволно публика.[1] Ерик Стефани почнал да се повлекува од групата и час бил член, час не бил член на групата.[4]
1993–1997: Реорганизација и пробив на музичката сцена
Следната година групата започнала да работи на нов албум, но Interscope отфрлила голем дел од нивниот материјал, а продуцентот Метју Вајлдер требало да работи со групата. Ерик не сакал да ја отстапи креативната контрола некому надвор од групата и во 1994 година ја напуштил групата No Doubt; тој кариерата ја продолжил како аниматор на цртанатаТВ-серијаСимпсонови.[1] Канал потоа ја раскинал седумгодишната врска со Гвен, велејќи ѝ дека му треба „простор“.[5] Interscope ја пренел лиценцата за снимање со групата на Trauma Records во 1993 година.[6] No Doubt, во 1995 година независно го објавиле албумот The Beacon Street Collection. Албумот бил составен од записи од претходните сесии. Албумот бил продаден во тројно повеќе примероци од нивниот претходен албум.[7] Истата година, Trauma Records го објавила албумот Tragic Kingdom, а многу од песните се однесувале на врската меѓу Тони Канал и Гвен Стефани.[8]
Со објавувањето на Tragic Kingdom во 1995 година и на синглот „Just a Girl“ групата успеала да забележи комерцијален успех. No Doubt започнале со турнеи за поддршка на албумот кон крајот на годината, а таа прераснала во 27-месечна меѓународна турнеја.[9] Вториот сингл, „Spiderwebs“ (1996) бил успешен, а баладата „Don't Speak“, напишана од Гвен и Ерик Стефани за раскинувањето на Гвен и Канал,[10] бил објавен како трет сингл и го соборил претходниот рекорд со тоа што била шеснаесет (непоследователни) недели на врвот на Billboard Hot 100 Airplay. На доделувањето на Греми наградите во 1997 година, No Doubt биле номинирани за две Греми награди: за најдобар нов изведувач и најдобар рок албум. Половина од песните од албумот „Tragic Kingdom“ биле издадени како синглови, а албумот бил осумкратно платинест. Подоцна, групата била номинирана за уште две Греми награди: за песна на годината и најдобра поп изведба на дуо или група со вокал; двете номинации биле за „Don't Speak“.[11]Здружението на музичките сниматели на Америка во февруари 1999 година го сертифицирал албумот со дијамантски тираж,[12] а во светски рамки бил продаден во шеснаесет милиони примероци.[13] Со успехот на Tragic Kingdom, започнал да се продава и првиот албум на групата кој достигнал вкупна продажба од над 250 000 примероци.[7]
По објавувањето на албумот имало спор меѓу Траума и Интерскоп Рекордс околу договорот за снимање со No Doubt. Траума ги тужел Interscope, и побарала отштета од 100 милиони долари за прекршување на договорот, измама и изнуда и побарала да се раскине договорот за за заедничко вложување, тврдејќи дека Interscope се откажал од договорот откако групата станала поуспешен од очекуваното.[6] No Doubt претходно изјавиле дека се префрлиле на Trauma Records и дека транзицијата е „навистина одлична...бидејќи сега го имаме вниманието и фокусот на мала независна издавачка куќа“.[14] Случајот бил вонпарнично решен со исплата од 3 милиони долари.[15]
1998–2003: Нови турнеи и албуми
Групата ја завршила турнејата во декември 1997 година и следните две години додека го подготвувале следниот студиски албум објавила неколку изданија.[1]Live in the Tragic Kingdomбило долгометражно видео во живо од настапот на групата на Arrowhead во Анахајм, а бил реиздаден и The Beacon Street Collection. Групата го снимила и синглот „I Throw My Toys Around“ со Елвис Костело и придонела за трибјут албумот на The ClashBurning London: The Clash Tribute. Стефани почнала да снима без групата. Во 2000 година, групата го издала албумот Return of Saturn. Фокусот на албумот се префрлил од врската на Гвен Стефани со басистот Тони Канал на нејзината нова врска со Гевин Росдејл.[9] Иако албумот добил позитивни критики, тој не се продавал онолку добро како нивниот претходен албум, а водечкиот сингл, "Ex-Girlfriend", не се ни пласирал на Billboard Hot 100 топ-листата во САД. Како синглови од албумот биле објавени нумерите "Simple Kind of Life" и "Bathwater". Поради слабата продажба драстично била скратена турнејата која следела по објавување на албумот.
Во јануари 2001 година групата почнала со снимање на следниот албум. Во меѓувреме, придонеле со преработка на песната „Love to Love You Baby“ од Дона Самер за саундтракот на Зулендер и снимиле песна со Келис за нејзиниот албум Wanderland. Стефани пеела на песната „South Side“ од Моби и на „Let Me Blow Ya Mind“ на Ева. Студискиот албум на групата од 2001 година, Rock Steady, бил под силно влијание од јамајканскатаденсхол музика и претежно бил снимен во Јамајка. Албумот имал две песни наградени со Греми: „Hey Baby“ и „Underneath It All“. И двете песни успеале да стигнат до топ-5 на Billboard Hot 100.
На 22 ноември 2002 година, No Doubt го добила клучот за градот Анахајм, даден од градоначалникот на Анахајм, Том Дејли, во Дизниленд за време на настапот на групата на KROQ-FM каде извеле пет песни.[16]
2003–2008: Најголеми хитови и пауза
На 25 ноември 2003 година го објавиле албумот The Singles 1992–2003, компилација од објавените синглови на групата. На албумот се нашла и преработката на песната „It's My Life“ прво испеана од синтпоп-групата Talk Talk во 1984 година, а за оваа песна No Doubt биле номинирани за Греми за поп изведба од дуо или група со вокал.[17] Исто така бил објавен специјален сет (2 ЦД-а и 2 ДВД-а) под наслов Boom Box. Во 2003 бил објавен и ДВД под наслов Rock Steady Live, од настапот на групата во Лонг Бич од нивната турнеја Rock Steady. Кон средината на 2004 година групата имала турнеја со Blink-182, а потоа заминале на пауза.
Во 2003 година, пејачката Гвен Стефани започнала да работи на нејзиниот новобранов и денс-поп-проект инспириран од 1980-тите, кој на крајот еволуирал во соло-албумот Love. Angel. Music. Baby., објавен на 23 ноември 2004 година.
No Doubt придонеле за албумот <i id="mwAU8">True Love</i> од Toots and the Maytals, кој во 2004 година освоил Греми за најдобар реге-албум; на албумот биле прикажани и многу значајни музичари, како: Вили Нелсон, Ерик Клептон, Џеф Бек, Треј Анастасио, Бен Харпер, Бони Рејт, Ману Чао, The Roots, Рајан Адамс, Кит Ричардс, Тутс Хиберт, Пол Даглас, Џеки Џексон, Кен Бут и The Skatalites.[18]
На почетокот од 2005 година, Том Думонт го издал неговиот сопствен соло музички проект, Invincible Overlord.[19] Адријан Јанг, тапанарот на групата, тропал на тапани на турнејата од Bow Wow Wow од 2004 година и на повеќето од песните од албумот на Unwritten Law од 2005 година Here's to the Mourning,[20] како и на неколку концерти во 2006 година за TheStart.[21] Јанг придонел и на албумот Inside Out од Дилана.[22][23]
Во 2008 година, Тони Канал соработувал со поп-рок пејачката Пинк за албумот Funhouse.[24]
2008–2013: Прво обединување и кам-бек турнеја
По објавувањето и последователната турнеја за промоција на вториот соло-албум на Гвен Стефани, No Doubt започнале да работат на нов албум без неа.[25] Тие планирале да го довршат по завршувањето на турнејата на Стефани.[9] Но, пишувањето песни одело бавно бидејќи Гвен Стефани, во тоа време, била бремена со нејзиното второ дете.[9][26] Албумот бил продуциран од Марк „Спајк“ Стен, кој помогнал во продукцијата и миксот на Rock Steady.
На нивната официјална веб-страница No Doubt објавиле дека летото во 2009 година ќе одат на турнеја со Paramore, The Sounds, Janelle Monáe, Bedouin Soundclash, Katy Perry, Panic! at the Disco и Мет Коста, а сето тоа додека го довршувале нивниот претстоен албум, кој требало да биде објавен во 2010 година.[27]
На 2 ноември групата објавила уште еден компилациски албум насловен како Icon. Албумот ги имал истите песни како и нивниот претходен компилациски албум The Singles 1992–2003, но со нова корица и пониска цена.[28]
На 11 јуни 2012 година, на нивната официјална веб-страница групата објавила дека новиот албум ќе биде објавен на 25 септември. Албумот бил насловен Push and Shove. Спотот за песната „Settle Down“ од тој албум го режирала Софи Мулер (која претходно режирала многу музички спотови за No Doubt).[29][30] „Settle Down“ се искачил на 34 место на Billboard Hot 100, а албумот се искачил на 3 место.
На 26 февруари 2013 година, групата преку нивната веб-страница објавила дека започнале да работат на нови песни, а го објавиле и распоредот за претстојната турнеја.[31][32]
2013–2015: Втора пауза и распуштање
Во октомври 2013 година, Том Думонт на Твитер напишал дека групата е повторно на пауза, но и дека ќе се состанат во 2014 година.[33] No Doubt, во текот на 2014 и 2015 година, имала повремени настапи во живо, но немале турнеја ниту објавиле нови песни.[34][35][36][37]
2022-сега: Второ обединување, Коачела и иднина
Во интервју за списанието WSJ во декември 2022 година, откако била прашана за повторно обединување, Стефани рекла: „Која е веројатноста за било што? ... Сè може да се случи“.[38] Но, Адријан Јанг на интервју за AKG (објавено во мај 2023 година) рекол дека: „Мислам (Push And Shove) ќе остане наш последен албум. И за жал, не гледам повеќе наши турнеи. Може да грешам, никогаш не знаеш, работите можат да се променат. Би сакал повторно да го доживеам тоа чувство, да се поврзам со фановите, и навистина е штета што не настапуваме во живо“.[39]
На 16 јануари 2024 година, групата најавила концерт за повторно обединување.[40][41][42] Подоцна истиот ден, било објавено дека No Doubt ќе настапат во Коачела во април 2024 година.[43] На 2 февруари, извор близок до групата за Us Weekly открил дека „целата група планира нов материјал и е спремна за турнеја веднаш потоа“.[44]
↑„Archived copy“. twitter.com. Архивирано од изворникот на March 8, 2021. Посетено на January 17, 2022.CS1-одржување: архивиран примерок како наслов (link)