Чамлиџа-џамија (турски: Çamlıca Camii) — џамија во округот Усќудар на градот Истанбул и најголемиот муслимански храм во Турција. Има сместивост од 63.000 луѓе и во себе вклучува музеј, ликовна галерија, библиотека, сала за собири и подземно паркиралиште за 3.500 возила.[1][2]
Џамијата е дело на архитектките, Бахар Мизрак и Хајрије Ѓул Тоту, а нејзината изградба чинела 150 милиони лири (59,65 милиони евра).[3] Секое од четирите минариња е високо 107,1 м, во спомен на Битката кај Манцикерт која се одиграла во 1071 г. помеѓу Селџучкото и Византиското Царство.[2]
Ова е еден од повеќе мегапроекти на турската влада како сведоштво за силата на стопанството и белег на владејачката Партија на правдата и развојот и претседателот Реџеп Таип Ердоган.[4]
Џамијата е свечено отворена на 4 мај 2019 г. од претседателот Ердоган.[1] На отворањето присуствувале повеќе странски државници како Маки Сал од Сенегал, Алфа Конде од Гвинеја, Илир Мета од Албанија, Мухамед Штаје од Палестина и претставници на други земји.[1]
41°02′05″N 29°04′15″E / 41.0347°N 29.0708°E / 41.0347; 29.0708