Свети Терапонт (грчки: Αγίου Θεράποντος, Άη Θεράπη) — црква во градот Солун, Егејска Македонија. Влегува во состав на Солунската епархија на Цариградската патријаршија.[1][2]
Храмот се наоѓа во населбата Горна Тумба, на улица „Артаки“ бр. 1 и претставува крстокуполен храм. Првата црква е изградена по доаѓањето на грчките доселеници од Турција во 1922 г. и е наречена „Св. Терапонт“ по името на поклоничкиот храм во Бунарбаши, Смирненско. Камен-темелникот на црквата е поставен на 11 јуни 1924 г. Храмот е осветен во 1929 г. и отворен на 1 октомври 1933 г. Мештаните ја нарекуваат „Ај Терапи“. Со брзиот пораст на населението се појавила потреба од поголема црква. Новата црква е започната во 1949 и завршена во 1951 г. Отворена е од епископот Стефан Талантски на 31 октомври 1971 г. Во храмот се чува историската икона на Свети Терапонт, зачувана од турски оџа по иселувањето на Грците од Смирна во 1922 г. и донесена во Егејска Македонија во 1955 г. од свештеникот Јоанис Пицокос заедно со путир. Во црквата се чуваат и мошти на Свети Терапонт и Свети Харалампиј. Освен на овој светец, црквата има делови посветени на Свети Теона Солунски и на Свети Козма Етолски, како и параклис на Свети Јосиф.[2]
Параклис на храмот е и црквичката „Св. Ефросина“ во сиропиталиштето „Александар Велики“ меѓу улиците „Олимпија“, „Григориос Ламбракис“ и „Павсилипос“, изградена во 1971 г.[3]
Поврзано
Наводи