Црква „Света Ирина “ - Истанбул

Света Ирина
Αγία Ειρήνη(грчки)
Aya İrini(турски)
Поглед кон Света Ирина
Координати41°0′35″N 28°58′52″E / 41.00972° СГШ; 28.98111° ИГД / 41.00972; 28.98111
МестоИстанбул, Турција
Проектантнепознато
Тип
Материјалбел камен, тула
Започнат4 век
Завршен6 век
Посветен наБожјиот мир
Внатрешноста од црквата каде иконите биле заменети со христијански крст
Внатрешноста на црквата

Црквата Света Ирина (турски: Aya İrini) е поранешен христијански храм, денеска претворен во музеј, кој се наоѓа во Истанбул, Турција. Денешниот музеј се наоѓа во дворот на Топкапи-сарај. Била изградена во 4 век во времето на Константин I Велики.

Се смета дека оваа црква била првата која била изградена во Византија. Во 532 година за време на нередите во Ника, таа била запалена, но многу брзо повторно била обновена од страна на Јустинијан I. По падот на Цариград, најверојатно поради блискоста си со Света Софија и Султанахмедовата џамија, таа не била претворена во џамија но била користена како магацин за оружје. Од 1846 година била претворена во музеј.

Историја

Византиски период

Денешниот објект се наоѓа на местото каде некогаш се наоѓал хрмот на Афродита (откриен во 1946 година). Според историчарот Сократ, овој храм бил првото христијанско светилиште во Византион. На ова пишување може да му се верува доколку се знае дека Византион бил седиште на епископија пред основањето на Цариград. Споменувањето на црквата како античка односно Стара црква исто така го објаснува фактот дека црквата постоела во времето на Византион. Првото светилиште било мало, но кога Византион станал главен град на Римското Царство, храмот бил проширен и обновен од страна на Константин Велики. Црквата била посветена на Божјиот мир, и претставувала една од трите светилишта што императорот ги посветил на Божјите атрибути, заедно со Света Софија (Мудрост) и Света Динама (Сила)[1].

Во оваа црква, до изградбата на катедралниот храм Света Софија во 360 година, се наоѓало седиштето на Вселенската патријаршија. По изградбата на Света Софија или Големата црква како што ја нарекувале, Старата црква не го изгубила целосно приматот на главна црква. Напротив, двете цркви биле затворени во рамките на еден двор и биле одржувани од страна на исти свештеници. Според истражувањата, првата црква се состоела од главна купола, чиј пречник изнесувал 16,5 метри. Капелата во која се проповедало од тоа време била посветена на Света Анастасија.

Во 381 година во Света Ирина се одржал Вториот вселенски собор. Во 397 година, Нектариј Цариградски ја преместил патријаршијата во Света Ирина поради пожарот кој избил во Света Софија. Во 404 година, Света Софија изгорела целосно и седиштето на патријаршијата повторно било префрлено овде до 415 година, кога Света Софија била целосно изградена.

Во времето на бунтот Ника во 532 година, Света Ирина била опожарена[2], но императорот Јустинијан I ја реновирал веднаш по ова. Прокопиј Кесариски запишал дека величењето на новата црква ги засенувале сите останати во градот. Во неа се служеле литургии од патријархот и затоа црквата често се нарекувала патријаршиска. Црквата била повторно опожарена во 564 година.

Во текот на следните 176 година црквата не се споменува за некој значаен настан. Но, во 740 година во градот и околината имало силен земјотрес, а во тоа време владеел императорот Лав III Исавријанин. Земјотресот бил толку силен што оштетил објекти во Никеја и Тракија. Лав III починал по шест месеци од земјотресот и не е познато дали црквата започнала да се реновира во негово време, бидејќи неговото внимание пред да почине било свртено кон повторна обнова на разрушените ѕидини од земјотресот, која завршила во времето на неговиот син Константин V Копроним. И покрај тоа што не постои дата за тоа кога започнала реконструкцијата на црквата Света Ирина, се смета дека била започнала или во времето на Лав III или во времето на неговиот син. Црквата била премногу важна за православната религија за да биде запоставена подолг период.

Податоци за црквата се појавуваат во 857 година, односно во времето кога имало спор меѓу Игнатиј I Цариградски и Фотиј I Цариградски (двајцата цариградски патријарси) околу тоа кој е законски патријарх. Додека Фотиј и неговите приврзаници биле во црквата Свети Апостоли, Игнатиј бил во Света Ирина. Црквата исто така се споменува во времето на императорот Роман I, кој свикал собор во црквата и го осудил Лав VI, кој поради признавањето на неговиот трет брак, бил принуден да промени неколку патријарси.

Османлиски период

По зазимањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година, црквата никогаш не била претворена во џамија можеби поради блискоста со Света Софија, а подоцна и Сината џамија. Во првите години од османлиското владеење, султанот Мехмед II наредил изградба на нова резиденција, позната како Топкапи-сарај. По изградбата, веќе напуштениот храм Света Ирина се нашла во Првиот двор во палатата, од нејзината лева страна.

Така, објектот бил претворен во магазин за оружје, а служела и како касарна од јаничарскиот корпус до XVIII век. Во 1846 година била претворена во Археолошки музеј, а во периодот од 1869 до 1875 била султански музеј, а од 1908 Воен музеј.

Објектот денес

Денеска, музејот служи главно како концертна сала за класична музика. Од 1980 година, секое лето се проведуваат поголемиот дел од концертите на Истанбулскиот меѓународен музички фестивал.

Наводи

  1. Janin, pg. 106
  2. Allan Doig, Liturgy and Architecture: From the Early Church to the Middle Ages, (Ashgate Publishing, 2008), 65.

Литратура

  • Akşit I., "Hagia Sophia";Akşit Kültür ve Turizm Yayincilik, 2005, ISBN 975-7039-07-1
  • Alexander Kazhdan (ed.), The Oxford Dictionary of Byzantium, 3 vols., Oxford University Press, 1991 (ISBN 0195046528), s. v. Irene, Church of Saint, vol. 2, 1008–1009
  • Janin, Raymond (1953). La Géographie Ecclésiastique de l'Empire Byzantin. 1. Part: Le Siège de Constantinople et le Patriarcat Oecuménique. 3rd Vol. : Les Églises et les Monastères (француски). Paris: Institut Français d'Etudes Byzantines.
  • Krautheimer, Richard (1984). Early Christian and Byzantine Architecture. New Haven, CT: Yale University Press. ISBN 978-0-300-05294-7.
  • Necipoğlu, Gülru (1991). Architecture, ceremonial, and power: The Topkapi Palace in the fifteenth and sixteenth centuries. Cambridge, Massachusetts: The MIT Press. стр. 336 pages. ISBN 0-262-14050-0.
  • Fanny Davis. Palace of Topkapi in Istanbul. 1970. ASIN B000NP64Z2

Надворешни врски


Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!