Црвениот петел лета кон небото

Црвениот петел лета кон небото (српски: Црвени петао лети према небу) - роман на српскиот писател Миодраг Булатовиќ, првобитно објавен во 1959 година.

Структура

Корицата на романот, издание на Нолит од Београд (1982)

Романот се состои од 28 глави:[1]

  1. Глуварче и почеток
  2. Тажните браќа
  3. Белиот цвет
  4. Со ѓаволот меѓу себе
  5. Петелот
  6. Старецот и останатите
  7. Името на невестата е Иванка
  8. За нив
  9. Грабеж
  10. Прашина
  11. Младенецот побегна
  12. За нозете
  13. Задолжително
  14. Ваму петелот
  15. Кајица си игра со јарето
  16. Јаду мој
  17. Кајица и гревот
  18. Добар мој старецу
  19. Дивата круша и срцето
  20. Прегратка
  21. Немој да слеташ одозгора
  22. Недоразбирање
  23. Сите песни се мои
  24. Многу цвеќиња
  25. Браќа најродени
  26. Последната тајна
  27. Со главата до небо
  28. Луѓе, коски и кучиња

Содржина

  • Глава 1 - 9: Во близината на Бијело Поље, Лудата Мара лежи крај патот и се превиткува во болки. По патот минуваат скитниците Јован и Петар, легнуваат да се одморат под една дива круша и ја набљудуваат свадбата во блиската куќа. Тука минуваат и пијаните гробари Среќко и Исмет, носејќи го телото на една умрена жена. Истовремено, сиромашниот селанец Мухарем заминува на пазар со намера да го продаде петелот, а притоа фантазира за својата женидба со Иванка. И тој ја здогледува свадбата, а лудата Мара му кажува дека се жени Кајица. Тогаш, Мухарем се приближува поблизу и со ужас гледа дека невестата е неговата сакана Иванка. На свадбата, зетот Кајица е целосно незаинтересиран и наместо да учествува во веселбата, тој си игра со децата крај реката. Неговиот стрико, старецот Илија, чувствува голема тага - тој е загрижен и се труди да го охрабри Кајица. На невестата Иванка ѝ е здодевно и таа размислува за својата иднина во бракот со слабиот и ситен Кајица. Таа го забележува зачудениот Мухарем и не може да си го објасни неговото збунето однесување, зашто не знае ништо за неговата љубов кон неа. Јован и Петар се многу гладни и ја набљудуваат свадбата со надеж дека некој ќе им понуди малку храна.[2]
  • Глава 10: Додека гостите се веселат, старецот Илија цело време се наоѓа во лошо расположение, согледувајќи дека бракот меѓу Кајица и Иванка нема да биде успешен и дека нивниот род ќе пропадне. Тогаш, тој го здогледува Мухарем на патот и, на големо изненадување на гостите, се упатува кон него и го запира. Илија посакува да му ја искаже својата тага и љубов, но откако гледа дека свадбарите го следат, внимателно и љубопитно очекувајќи ја неговата реакција, за да се заштити од срамот, тој почнува да се однесува грубо кон Мухарем. Преплашениот Мухарем се присетува на своето најголемо понижување во животот кое му го направил токму Илија: одамна, кога Мухарем имал околу 15 години, Илија го соблекол гол, а потоа селаните го бркале по нивите; Мухарем успеал да побегне во шумата и оттогаш почнал да скита наоколу; пет години подоцна пак се вратил на имотот на Илија со петел во рацете и оттогаш постојано чувал петли. Следен од толпата, Илија го зема револверот и пука во петелот, но не успева да го погоди. Тогаш, Мухарем му ја бакнува раката, а Илија губи свеста и паѓа на земјата, неподвижен и без способност за говор. По бегството на Мухарем, старецот Илија безуспешно го барал во текот на три години и за тоа време живеел како просјак; потоа, изнемоштен се вратил дома, а подоцна започнал нова потрага, повторно живеејќи како просјак сè додека некои луѓе не го пронашле на пазарот во Пријепоље и го однеле дома. Таму, тој го затекнал својот имот ограбен и опустошен, но мислел само на Мухарем, кој се појавил една година подоцна.[3]
  • Глава 11-17: По непријатната случка со старецот Илија, Мухарем останува да лежи на патот, а преку него поминува стоката која овчарите ја тераат на пазар. Свадбарите му го одземаат петелот на Мухарем, а потоа се забавуваат така што го фрлаат горе-долу и тој паѓа на земјата, здобивајќи се со тешки повреди. Потоа, четворица свадбари ја силуваат лудата Мара, а Кајица, исплашен од глетката, му го краде паричникот на главниот сват, откако претходно украл уште неколку други паричници.[4]
  • Глава 18-25: Неколку луѓе го забележуваат повредениот Мухарем, го креваат и го носат да ѝ честита на Иванка, а потоа го принудуваат да гледа како на петелот му тураат ракија во устата. Користејќи го невниманието на пијаните свадбари, петелот летнува на едно дрво, а свадбарите пукаат во него. Иако е погоден неколкупати, петелот успева да полета кон небото. Тогаш, Мухарем успева да се извлече од свадбата и, повреден и тажен, доаѓа кај гробарите Исмет и Среќко со желба заедно да пеат. Меѓутоа, пијаниот Среќко го присилува да ја допира умрената жена и засрамениот Мухарем бега од гробиштата. На патот, него го пресретнуваат просјаците Петар и Јован, кои го канат да им се придружи, но Мухарем се кае за направениот грев на гробиштата и одлучува пак да се врати кај свадбарите со намера да побара прошка од нив.[5]
  • Глава 26-28: Неподвижниот Илија гледа како Мухарем се влечка кон свадбарите и почнува да се исповеда во себе, откривајќи ја својата животна тајна - дека Мухарем е неговиот син. Во времето кога неговата жена била болна, неа ја негувала малоумната жена Ниџара; набргу, жена му умрела и Илија, чувствувајќи се осамен, почнал да се опива; еден ден, тој ја силувал Ниџара и таа останала бремена; за да ја скрие тајната, Илија ја избркал од имотот, а таа го родила Мухарем и некое време просела во селото и околината; по некое време, Илија ја избркал од селото, но Мухарем останал и живеел како сирак, работејќи на туѓите имоти. Откако во својата исповед го признава Мухарем како свој син, Илија ветува дека целиот имот ќе му го остави нему, а истовремено, заради направените гревови во животот, ја искажува својата желба да биде закопан без надгробен споменик. На патот кон свадбата, Мухарем паѓа на земјата и мисли на лудата Мара, на Иванка и на својот петел кого за последен пат го гледа како лета на небото. Во меѓувреме, просјаците Петар и Јован стануваат и со последните сили се обидуваат да го продолжат понатаму, оставајќи ги зад себе Мухарем и свадбарите.[6]

Ликови

  • Илија: Тој е типичен претставник на суров, автократски и нарциосоиден патријархален старешина. Грубоста во карактерот на Илија е изразена во неговиот нечовечен однос кон болната сопруга која ја мрази и постојано ја тепа, зашто во неговата назадна свест жената е само објект. Неговите чувства се движат од една до друга крајност: на едната страна се омразата и нечовечношта кон жената, а на другата страна се наоѓа најлирската љубов кон вонбрачниот син. Кај него е присутно чувството на вина поврзана на немоќта да го одржи машкиот пород во семејството. Но, неговата вина има пасивна природа, таа е фаталистичка, т.е. тој се чувствува како жртва на проклетството. На тој начин, кај него е присутен стремежот за универзализација, т.е. пренесување на личниот случај на метафизички план како судир со судбината. Во тој поглед, неговиот лик може да се сфати како карикатура на старите митски претстави за мажествената борба против небесните сили. Имено, судирот со небесните сили Илија несвесно ги приземјува, а херојската традиција од паганските митови ги заменува со лукавство и кукавичлак. Тој нема сила да ѝ се спротивстави на судбината, зашто не ја знае нејзината суштина и поради тоа, во согласност со менталитетот на неговото време, се служи со поедноставување, сметајќи ја жената за одговорна за потомството. Уште повеќе, неговата фрустрираност и интровертност се манифестираат низ насилството врз жените. Илија нема храброст да ги прекрши конвенциите и да го признае татковството на детето од вонбрачната врска и така неговиот план за спасување на машката линија пропаѓа и кај него се претвора во извор на страв. Затоа, тој е принуден да се однесува спротивно на неговите татковски чувства, а таа секојдневна игра на прикривање и спречување на сопствената татковска среќа претставува казна за неговата психолошка несовршеност. Наместо да им се препушти на емоциите, тој постојано ги потиснува од страв да не биде откриена неговата тајна и да не биде нарушен неговиот углед. Оттука, неговиот страв го наведува на нечовечко однесување кон Ниџара која ја брка од куќата штом таа останува бремена, потоа бездушно гледа како таа проси со неговото дете за на крајот да протера од селото. На свадбата, додека го измачува Мухарем, Илија останува парализиран и без способност за говор. На тој начин, тој е претставен како најголемиот грешник и најголемиот страдалник во романот кој е сурово казнет за своите гревови и од богат и угледен домаќин завршува како просјак кој живее од туѓата милост. Сепак, откако го казнува за суетата и нечовечниот однос, авторот на романот покажува милост кон Илија и му дозволува растоварување и олеснување така што Илија запаѓа во самоказнување. Драмата на Илија се одвива на две полиња: внатрешно, во областа на моралистичкото вреднување на човечките побуди и надворешно, на физичкото казнување за направените гревови. Дури откако ќе помине низ физичката и душевната казна, старецот Илија ќе биде ослободен и откупен за своето нечовечно однесување. Меѓутоа, ослободувањето на Илија е само условно: на крајот од романот не се остварува ниту една негова желба (озаконување на татковството, пренесување на наследството врз Мухарем, исклучување од обредниот закоп), но тој верува дека сите негови желби ќе се остварат. На тој начин, Илија е жртва на илузионистичко-иронична игра во која тој е заслепен и се однесува како да ги пребродил сите тешкотии, а со тоа се наоѓа од другата страна на реалноста.[7]
  • Лудата Мара: Романот започнува со лудата Мара која е исфрлена од заедницата, а која е носителка на утописката идеја за збратимените луѓе и за општата љубов. Исто така, таа е магиска личност која со упорна автосугестија, фокусирајќи се на убавото и доброто, ги отстранува своите физички болки. Иако е луда, таа умее со мислите да се вивне над својата бедна состојба, а во своето лудило ја носи визијата на општочовечката љубов. Автосугестијата на лудата Мара има утописко-социјален и колективно-емоционален карактер: таа ја намалува поединечната болка само така што си ја претставува сликата на општата среќа и исчезнувањето на болката од целата земја. Со други зборови, задоволувањето на нејзиниот социјален инстинкт претставува клуч за поединечното ослободување од болката и страдањето. Со тоа, нејзината лична среќа е зависна од општата благосостојба, а тоа го покажува несебичниот универзално-хуман карактер на нејзиното битие - алтруистичката основа на хуманоста. Тоа зборува за идеалната општествена интеграција на единката која е можна само во социјално-магискиот однос со заедницата. Сепак, тука е присутен и рационална и позитивистичка логика во која личната благосостојба постои само ако е дел од општоважечката законитост, само ако е резултат на објективната неизбежност. Со тоа е воспоставена рамнотежата меѓу емотивното и рационалното, а тоа е знак за поединечната зрелост односно за утописката реалистичност.[8]
  • Мухарем: Мухарем е вонбрачениот син на старецот Илија, но никогаш не дознава за тоа. Тој е едноставна, хумана, поетизирана и невина човечка душа, оптоварена со чувството на вина. Тука се работи за несвесен механизам како последица на тоа што не е познат татко му, мајка му била протерана од заедницата, така што тој е потполно сам. Мухарем се одликува со една достоевска или христијанска црта - бескрајната подготвеност за простување и преземање на гревовите на околината врз себе. Така, тој воопшто не им се лути на насилниците кои го мачат, туку само се плаши од срамот пред народот, т.е. тој е подготвен да прифати секакво измачување и исмејување, само ако е подалеку од очите на светот. Исто така, тој е преокупиран со желбата „да стане човек“, а кај него тоа значи да се стекне способност за социјализација и зрелост за општествена асоцијација. Мухарем ја носи во себе трагичната, неисполнета љубов кон Иванка, но не е способен да ја искаже и исполни. Оваа љубов ја задржува само во своите соништа и монолози, а потоа завршува со донкихотски епилог, станувајќи уверен дека и таа го сака него при што постојано пронаоѓа разни оправданија за нејзиното однесување, иако Иванка воопшто не мисли на него, а во моментите што се клучни за неговите чувства, таа не го ни забележува.[9]
  • Ниџара: Како жена, таа е роб на патријархалниот менталитет и затоа страда од чувството на вина кое ѝ го наметнал Илија поради неможнота да го одржи машкото потомство. Таа е малоумно, но душељубиво суштество со бескрајна човечност, но неможно за ефикасна одбрана и постојано подготвнено на секаква жртва со цел да го намали страдањето околу себе.[10]

Изданија

Првото издание на романот „Црвениот петел лета кон небото“ се појавило во 1959 година во Загреб, објавено од издавачката куќа „Напријед“ и содржело 180 + 2 страници; второто издание се појавило во 1963 година во Белград, објавено од издавачката куќа „Просвета“ во рамките на „Бразди - библиотека на современи југословенски писатели“ (32 книга), а имало 262 + 2 страници. Тоа содржело и поговор со наслов „Миодраг Булатовиќ или како човек да се смири со светот“; во 1972 година се појавило третото издание, објавено од белградската издавачка куќа „БИГЗ“ како 13. книга од едицијата на џепни изданија и имало 191 + 1 страница;[11] четвртото издание го објавила белградската издавачка куќа „Нолит“ во 1982 година, како 41 книга во едицијата „Српска книжевност“ и имало 260 + 1 страница, вклучувајќи ги поговорот на Зоран Глушчевиќ со наслов „Поезија на ниските и бедните“ и библиографски податоци за изданијата и преводите на романот.[12]

Покрај тоа, романот доживеал и повеќе преводи, и тоа на: шведски јазик (1960), германски јазик (1960, 1966 и 1967, 1978), италијански јазик (1960 и 1962), фински јазик (1961), шпански јазик (1961), дански јазик (1961), норвешки јазик (1962), англиски јазик (Њујорк и Лондон, 1962), француски јазик (1963), холандски јазик (1963), африканс (1963), унгарски јазик (1963), хебрејски јазик (1964), словачки јазик (1964), полски јазик (1964), португалски јазик (1966), јапонски јазик (1966), словенечки јазик (1967), турски јазик (1967), чешки јазик (1972), романски јазик (1978),[11]

Осврт кон романот

Основната имагинативна линија во романот се разгранува во две насоки, според системот на теза и антитеза: на приземните и ниски страсти им се спротивставува поетскиот стремеж симболизиран низ црвениот петел кој лета кон небото, бегајќи од човечкото зло. На овој судир меѓу идеалот и прагматизмот им се придружуав борбата меѓу доброто и злото во која злото постојано победува, но доброто никогаш не се повлекува. Во тој контекст, црвениот петел претставува повеќекратно структурирана фигура: тој ја симболизира хуманоста, најдоброто и најпоетичното во душата на човекот; тој е симбол на чувствителноста и душевноста, на поетичната димензија на животот; тој ја претставува подобрата страна на животот и линијата на разграничувањето на доброто од злото. Како антипод на петелот се јавува демонот, ѓаволот кој никогаш не мирува, а преку неговата персонификација Булатовиќ навлегува во областа на бајките и митското: злото е нераздвоен сопатник на човекот и така поприма митско обележје. Преку интерполацијата на магискиот пејзаж на бајката во реалистичкото проседе, авторот постигнува исклучителна поетичност. Притоа, тој успева реализмот и митската традиција на народното творештво да ги спои со модерната романописна постапка, со романтичниот идеал и со теоријата на апсурдот.[13]

Во својот осврт кон делото, Зоран Глушчевиќ смета дека концептот на Булатовиќ во „Црвениот петел лета кон небото“ е развиен како класно-социјален и метафизичко-идеалистички став според кој сето она што е најубаво во човекот и емотивно вредно се содржи во презрениот и отфрлен човек од општественото дно, додека злото се наоѓа кај најбогатиот и најмоќниот човек во заедницата. Со тоа, романот го претставува најуспешното и најавтентичното продолжение на традицијата која ја започнал Бора Станковиќ во неговото дело „Божји луѓе“. Булатовиќ се надоврзува на идејата за духовното и карактеролошкото богатство на луѓето од „општественото дно“ и неа ја унапредува во комплексен и кохерентен систем на животна философија. На тој начин, за првпат во српската книжевност, метафизичката драматика на односот меѓу доброто и злото добива универзален облик и космополитска проекција. Големината на книжевната постапка на Булатовиќ се состои во тоа што успеал да ги направи уверливи неколку идеи од моралната философија а да ги избегне морализирањето и тенденциозноста. Инспириран од Достоевски, Булатовиќ ја прифаќа идејата за спојот на лудилото и идеализмот, кревајќи ја на нивото на утопистичкото доживување на стварноста. Олицетворено во ликот на лудата Мара, лудилото не е само биолошко проклетство, туку и засолниште на духовните вредности кои не ги признава околината која не може да ги достигне нив; истовремено, лудилото е и средство за самоодбрана на општествената средина која го прогласува луд оној кој е над малограѓанскиот просек и кој претставува предизвик за ниските морални страсти; најпосле, статусот на лудило може да се стекне и со колективната проекција на морално изопачената средина која секој идеализам го прогласува за негирање на животната прагматичност.[14]

На крајот од романот сликата на настаните е иста како на почетокот, но со една важна разлика: додека претходниет наративни елементи се нижат според принципот на истовременото случување или постепеното воведување во романескниот простор така што остануваат растурени во наративниот тек, на крајот од нарацијата, сите елементи или типски слики на настаните се собрани во една рамнина. Со оваа постапка дејствието е префрлено од временски на просторен план, а целата слика добива карактер на театарска игра. Авторот тоа го постигнува со истовремено, скратено повторување на она што е најважно во претходните настани. Во однос на фабулата, целата приказна во романот се одвива низ два настана: свадбата и погребот, а со овој паралелизам на случувањето писателот постојано црта иронично-гротескна линија од барокен тип. иако свадбата и погребот се одвиваат истовремено, во еден миг како да се брие границата меѓу нив, спојувајќи се во бесмисленост. Тоа ја претставува кулминацијата на дејствието во кој се вкрстуваат два семантички тека: магиски и гротескен. Овие два круга на дејствието кои го исполнуваат романескниот простор ја симболизираат животната динамика како апсурд.[15]

Централната философска и етичка идеја во романот е прашањето на страдањето и неговата поврзаност со животните проблеми и со карактерот на луѓето. Притоа, основната поента на авторот е дека најголемиот страдалник е најголемиот грешник - старецот Илија за кого страдањето е казна за неговата нечовечност. Во тој контекст, авторот смета дека чувствата се насветото нешто во човекот, единственото вистинско негово богатство и негирањето на чувствата предизвикува душевен пад и извор на страдањето. Другата философема во романот гласи: доброто е предизвик на злото, со самото свое постоење доброто ја предизвикува деструктивната агресивност кај луѓето. Така, како основен извор на страдањето на Мухарем и лудата Мара е нивната невиност и наивна природа, непорочноста и свртеноста кон доброто. На тој начин, апсолутното добро - она кое не може да му се спротивстави на злото - е осудено на страдање, зашто „совршено“ добрите со своето постоење поставуваат високи морални барања кои обичните луѓе не можат да ги достигнат. Овие психолошки и метафизички судири во човечкото битие Булатовиќ успева да ги приземји со помош на својата сликовита, поетична и умерена нарација, применувајќи двојна постапка: на фолклорно-партијархалниот менталитет му дава универзална метафизичка проекција, а метафизичкиот однос меѓу доброто и злото го оживува собеспрекорна реалистична опсервација.[16]

Наводи

  1. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982.
  2. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 7-53.
  3. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 54-94.
  4. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 95-136.
  5. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 137-190.
  6. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 191-217.
  7. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 226-237.
  8. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 221-223.
  9. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 224-225.
  10. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 226-227.
  11. 11,0 11,1 Станка Костић, „Издања романа Црвени петао лети према небу“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 251-253.
  12. Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 251.
  13. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 243-247.
  14. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 241-243.
  15. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 247-249.
  16. Зоран Глушчевић, „Поезија нишчих и бедних“, во: Миодраг Булатовић, Црвени петао лети према небу. Београд: Нолит, 1982, стр. 238-240.

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!