ФК Сиетл Саундерс е американски професионален фудбалски клуб со седиште во Сиетл, Вашингтон, кој се натпреварува во западната конференција на МЛС лигата. Клубот е основан на 13 ноември 2007 година, а започнале да се натпреваруваат во 2009 како резултат на проширувањето на бројот на клубови во МЛС лигата, со што тие станале 15-тиот тим. Името Саундерс го избрале навивачите преку една онлајн анкета во 2008 година, со што ФК Сиетл Саундерс станал третиот фудбалски клуб од градот Сиетл кој го носи истото име.
Мнозинското сопствеништвото на клубот му припаѓа на американскиот стопанственик Едријан Ханауер, додека помал дел од акциите имаат холивудскиот продуцент Џо Рот, потоа Пол Ален и Дру Кери. Поранешниот тренер на стариот Сиетл Саундерс, Брајан Шмецер, е моментален тренер на клубот а функцијата ја преземал во 2016 година по заминувањето на Зиги Шмид. Својте домашни натпревари Саундерс ги играат на СенчриЛинк Филд. Заедно со уште неколку организирани групи, 53-члениот бенд наречен "Саунд Вејв" го поддржува клубот на секој домашен натпревар. Сиетл исто така се натпреварува во Каскадија купот со својте соперници од МЛС Портланд и Ванкувер.
Саундерс го одиграле својот прв натпревар на 19 март 2009 година, победувајќи ги Њујорк Ред Булс со 3-0. Сиетл се меѓу најуспешните клубови во лигата, водат по бројот на продадени сезонски билети, и се квалификувале во Плејофот за МЛС купот во секоја сезона досега по приклучувањето во лигата. Досега клубот го освоил 4 пати Отворениот куп на САД, MLS Supporters' Shield во 2014 и МЛС купот во 2016. Покрај тоа е водач по бројот на посетеност во МЛС уште од нивната прва сезона, со постојано одржување на просек од 50-65% повеќе од следниот тим со највисока посетеност во лигата, ЛА Галакси.
Официјалните бои на клубот, зелената и морската сина, се традиционални бои и на Каскадија, регион во северозападниот дел на американскиот континент, и ги претставуваат неговите типични елементи како што се шумите и тихоокеанскиот океан.[1]
При раѓањето на франшизата, во 1974 година, името Саундерс било избрано за да ги потсетува жителите на Puget Sound (на мак. Заливот Пуџет), огромниот залив со поглед на градот Сиетл. Кога клубот бил примен во МЛС, првата идеја на управата била да идентификува друго име, кое би претставувало нов почеток,[2] а потоа била отворена онлајн анкета за избор на новото име на клубот од следниве три алтернативи: Сиетл Алијанс, ФК Сиетл И Сиетл Репаблик. Сепак, со оглед на големиот притисок на навивачите да го задржат историското име, била вметната четврта опција за избор. Така името Сиетл Саундерс победило во изборот освојувајќи дури 49% од гласовите.[3]
Грбот избран од клубот во 2009 година е составен од зелен штит на кој во средината се наоѓа игла, што е симбол на градот, под кој има сини елементи. Двете фигури, кои се одржуваат заедно во група со името на клубот, претставуваат заедница помеѓу разни личности како што се сопствениците, играчите, навивачите и градската заедница.
ФК Сиетл Саундерс ги играат својте домашни натпревари на стадионот СенчриЛинк Филд во Сиетл, кој исто така е дом на Сиетл Сихокс.[4] Сопственикот дел од акциите на Саундерс Пол Ален, е исто така, сопственик на Сихокс, кои имаат 30-годишен закуп на СенчриЛинк Филд.[5] Поради овој однос, Саундерс го користат СенчриЛинк Филд без да плаќаат кирија.[6] За натпреварите на Саундерс, теренот се нарекува "The Xbox Pitch at CenturyLink Field" како дел од спонзорски договор со Мајкрософт.[7]
Капацитетот на стадионот СанчриЛинк Филд е со 67.000 седишта наменети за двата спорта: Американски фудбал и фудбал.[8] Меѓутоа Саундерс вештачки го ограничуваат капацитетот на стадионот за натпреварите од МЛС, така што некој сектори за седење се покриени со церади со цел да се обезбеди повеќе интимна атмосфера.
Рекордна посетеност на стадионот е поставена на 7 октомври 2012 година, кога толпа од 66.452 гледачи присуствувале на победата на Саундерс со 3-0 над најголемиот соперник Портланд Тимберс; тоа е воедно втора највисока посетеност на еден натпревар во МЛС во историјата.