Томас „Том“ Соер — лик во романот на Марк Твен, „Авантурите на Том Соер“ од 1876 година. Исто така, тој се појавува во уште три негови романи: „Авантурите на Хаклбери Фин“ (1884 година), „Том Соер во странство“ (1894 година) и „Том Соер, детектив“ (1896 година), како и во уште најмалку три недовршени дела на Твен: „Хак и Том меѓу индијанците“, „Училиште Хил“ и „Заговорот на Том Соер“. Иако сите три недовршени дела се објавени по неговата смрт, само Заговорот на Том Соер има целосна содржина.
Името на измислениот лик можеби е земено од вистинскиот Том Соер, со кого Твен се запознал во Сан Франциско, Калифорнија, додека бил вработен како репортер. Самиот лик е спој од три момчиња што Твен ги познавал додека растел. Името Соер е изведено од реката Мисисипи, од поим на пилот за „дрво кое се наоѓа во коритото на реката, со гранки кои го дофаќаат копното и се движат горе-долу со струјата“. Твен, во еден период, бил пилот на река и многу авантури на неговиот лик, Том Соер, се поврзани со реката Мисисипи и делумно произлегуваат од ова искуство.
Том Соер е 14 или 15 години, како што може да се заклучи од навестувањата во делата на Твен. Роден е во град на реката Мисисипи, каде што пораснал. Намерата е Том да го претставува слободниот и прекрасен свет на момчешките години во предвоениот период. Типично за момчињата од тој период, тој сака да оди бос поголем дел од времето. Меѓу најдобрите пријатели му се Џо Харпер и Хаклбери Фин. Во Авантурите на Том Соер, очигледен е љубовниот занес на Том за неговата соученичка Ребека „Беки“ Тачер. Том живее заедно со неговиот полубрат Сид, со неговата братучетка Мери и со неговата сурова тетка Поли во (измислениот) град Петерсбург, Мисури. Дополнително, има уште една тетка, Сели Фелпс, кој живее значително подолу по текот на Мисисипи, во градот Пиксвил. Том е син на починатата сестра на Поли.
Том Соер е палав, непредвидлив во постапките, фантазер и авантурист. Тој ги содржи сите компоненти на децата од целиот свет. Сепак, некоие негови особини се хиперболизирани. Том е премногу храбар, издржлив, а среќата секогаш е на неговата страна.Преку ликот на Том Соер, Марк Твен проповеда слобода на детството, слободно изразување на детската личност, слободен развој на склоностите и способностите.[1]
Во Авантурите на Хаклбери Фин, Том е спореден лик и е претставен како подлога за Хак, особено во подоцнежните поглавја, откако Хак сам оди на плантажата Фелпс. Незрелоста, фантазијата и опсесијата на Том со приказни, го става планот на Хак за спасување на побегнатиот роб Џим во голема опасност - и на крај го прави потполно непотребен, бидејќи знае дека сопственикот на Џим е починат, а пред смртта го ослободил. Во романот, централна тема е интелектуалниот и емотивниот развој на Хак и преку повторно претставување на лик од почетокот (Том), Твен може да го нагласи овој развој во карактерот на Хак.