Стипона — село во Општина Ресен, југозападна Македонија. Денес нема жители.[2]
Селото се наоѓа на источната падина на Галичица,[3], надвиснато на нејзините истурени разграноци Бука и Вртелка од северозападната страна, Каца и Мелишта од јужната и Кукуљ од западната страна.[4] Лежи југозападно од градот Ресен, северно од Лавци, а јужно од Евла. Атарот зафаќа површина од 3,27 км2. Над селото извира Стиопонска Река (Стипонка) која минува низ него и тече во југоисточен правец и источно Дрмени се канализира за наводнување на обработливото земјиште југоисточно од него. Во минатото нејзините води се користеле за наводнување на нивите во самото село, а на неа работела и воденица.[4]
Попознати топоними во атарот на селото се следниве:[4]
Бел Камен, Бела Земја, Бука, Воденица, Воденичарски Пат, Вртелка, Ветерник, Влачешки Копанки, Глобокана Ледина, Голема Нива, Горна Млака, Голоно, Дива Јасика, Дуљо Чежме, Дачка, Долна Млака, Дупенски Рид, Дупенска Корија, Кладенчено, Каменон, Кукуљ, Каца, Кафтејнци, Лескине, Ливадиште, Манастирка, Марко Трло, Мелишта, Млака, Осој, Песокна, Премрег, Присој, Ракица, Рудникон, Св. Ѓорѓија, Св. Недела, Св. Петка, Средна Млака, Стипона, Стипонска Река, Трпоа Колиба, Трска, Шипон и др.
Стипона отсекогаш била населена со православни Македонци. За првпат се споменува вотурски пописи од 1519 и 1583 година. Познато е дека во текот на историјата било имот на некој бег, по чија смрт неговата сопруга го подарила на манастирот „Св. Наум“, и селото останало во црковна сопственост сè до крајот на 1940-тите.[4]
Во 1519 г. во Стипона имала 18 куќи, а на пописот од 1583 г. во селото живееле 8 семејства.
Во XIX век Стипона било село во Горнопреспанската нахија на Битолската каза на Отоманското Царство. Според Стефан Верковиќ во 1889 г. селото имало 2 куќи со 4 семејства и вкупно 21 жител.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Стипона има 30 жители Македонци христијани[5].[6] Во 1902 г. според Л. Огненов селото имало 2 куќи со 22 жители. Во наредниот период селото почнало да расте, и набргу се удвоило.
Селото зело активно учество во Илинденското востание, во кое загинал еден негов жител.
На почетокот на XX век жителите на селото потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Стипона имало 40 Македонци (сите под егзархијата) и работело бугарско училиште.[5][7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Стипона се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 5 куќи.[8]
Во 1912 г. Георги Трајчев во Стипона попишал 4 куќи со вкупно 41 жител, но во 1925 г. тие се намалиле на 2 куќи со 14 жители.[4] Во Првата балканска војна, во ноември 1912 г. селото потпаднало под српско владение, а во октомври 1915 г. за време на Првата светска војна било под бугарска окупација. Подоцна низ него поминале војските на Антантата.
По војната селото повторно потпаднало под српска хегемонија и било подложено на денационализација и асимилација, што траело сè до 1941 г. Во тој период Стипона била во состав на Општина Стење, а потоа во Општина Царев Двор.
Во Вората светска војна селото било окупирано од Италија и ставено во составот на Албанија. По капитулацијата на Италија, Стипона била окупирана од бугарски сили, што траело до 1944 г. Населението се борело на страната на НОАБ. Од крајот на февруари до средината на март 1943 г. во селото престолјувал Битолско-преспанскиот одред НОПО „Даме Груев“.[4]
Стипона имала полјоделско и сточарско стопанство. Атарот на селото опфаќа рамничарски и ридско-алувијални предели. Сочинет е од 250,6 ха обработливо земјиште, 17,6 ха пасишта и 227,2 ха шуми. Пасиштата се наоѓаат во месностите Ветерник, Лавчански Копанки Опаљна и Кукуљ. Во шумите застапени се дабот, буката, јаворот, јасенот, габерот, леската и др.
Сè до 1948 г. селаните се издржувале работејќи на манастирскиот имот. Подоцна, по распуштањето на земјоделските задруги, земјата и стоката била вратена во приватна сопственост на жителите.[4]
Пред неговото напуштање, селото се состоело од седум куќи кои потекнуваат од едно семејство, наречени Митревци, односно Ѓорѓиовци.[4] Селото почнало да се иселува во 1970-тите, кога населението доживеало голем пад. Во текот на следната деценија е сосема иселено. Според пописот од 2002 година, селото немало ниеден жител.[2] Истото било потврдено и на пописот во 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Во селото никогаш немало училиште, туку децата посетувале настава во училиштето „Мите Богоевски“ во соседното Горно Дупени.[4]
Во селото постои избирачкото место бр. 1625 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на продавница на селото Горно Дупени.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 82 гласачи.[14]
Стипона има иселеници во разни околни села како Евла, Долно Дупени, Покрвеник, Долна Бела Црква и на други места.[4] Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1949 г. родови од Стипона (преселени во подалечното или поблиското минато) има во следниве села:[16]