Андерсон започнал да игра младински фудбал за неговиот клуб од родниот град Енгелхолм ФФ кога имал само пет години. По неколку години започнал да игра и за фудбалскиот клуб Винсловс ИФ. Тоа било затоа што неговите родители доживеале развод на бракот, а тој морал да живее секоја втора седмица на различни локации поодделно со секој од родителите, така што морал да патува помеѓу двата клуба од двата различни града. Кога наполнил 15 години, се приклучил на младинскиот тим на Хелсингборг, но само неколку години подоцна клубот ја прекинал возрасната група за која играл и бидејќи не му било дозволено да потпише договор тој морал да си замине.
Потоа се вратил во Енгелхолм, каде што како седумнаесетгодишник, бил поставен да игра директно во тимот до 21 година. Тој го одиграл својот прв натпревар за новиот тим во 2010 година. Првата успешна сезона на Андерсон му била во 2011 година, во која тој бил еден од најдобрите десет голгетери во второто по ранг натпреварување во шведската фудбалска лига. Поради неговиот успех во Алсвенскан подоцна преминал да игра во клубот Калмар ФФ.[1]
На 1 август 2014 година, Андерсон му се придружил на тимот на Ѓургарден.[2] Тој одиграл 39 натпревари и постигнал 16 гола за тимот од Стокхолм пред да ја смени својата средина и да премине во тимот на ИФК Норшепинг во 2016 година.[3]
ФК Кајзерслаутерн
На 31 август 2017 година, на последниот ден од летниот преоден рок, Андерсон потпишал тригодишен договор со претставникот на втората Бундеслига ФК Кајзерслаутерн.[4]
Униион Берлин
Во јуни 2018 година, по испаѓањето на Кајзерслаутерн, тој преминал во тимот на ФК Унион Берлин и објавил дека ќе му се приклучи на новиот клуб со бесплатен трансфер, како слободен играч. Тоа се случило во сезоната 2018-19, откако се договорил за двегодишен договор со новиот тим.[5]
ФК Келн
На 15 септември 2020 година, Андерсон се преселил во првата Бундеслига и тоа во тимот на 1.ФК Келн каде потпишал договор до 2023 година. Трансферот кој морал да го плати ФК Келн на екипата на Унион Берлин бил 6 милиони евра.[6] На 19 септември 2020 година, Андерсон постигнал гол на својот прв натпревар во Бундеслигата за екипата на ФК Келн во поразот од екипата на Хофенхајм со 2:3.[7]
Меѓународна кариера
Својот единствен настап за државната репрезентација до 21 година, Андерсон го имал на 15 ноември 2011 година на натпревар против екипата на Малта.[8] Тој го имал својот прв натпревар за сениорската репрезентација на Шведска во јануари 2017 година на пријателски натпревар против екипата на Брегот на Слоновата Коска.[9] Своите први два гола за тимот на Шведска Андерсон ги постигнал четири дена подоцна, во победата над тимот на Словачка.[10] Резултатот бил 6:0 за тимот на Шведска.
Андерсон својот прв натпреварувачки гол на официјален меѓународен натпревар го имал во квалификациониот дуел за УЕФА ЕУРО 2020 против тимот на Фарски Острови во кој тимот на Шведска победил со 3:0.[11]