Левандовски ја започнал својата кариера во Варшовија, каде како тинејџер играл фудбал цели седум години.[1] Потоа, тој се преселил во Делта Варшава, каде што конечно успеал да заигра за првата екипа, постигнувајќи четири гола.[2] Следната сезона (2005-2006) тој ја поминал во еден од најпознатите полски клубови Легија Варшава, меѓутоа играл за нивната втора екипа во третата лига и постигнал два гола.[3].
Во сезоната 2006-2007, Левандовски бил најдобар стрелец во полската трета лига со 15 гола, помагајќи му на својот нов клуб Знич Прушкув да освои промоција.[4] Следната сезона тој бил најдобар стрелец во втората лига на Полска со 21 постигнат гол.[4]
Лех Познањ
Во јуни 2008 година, Лех Познањ го купиле Левандовски од Знич за 1,5 милиони злоти.[1] Претходно истиот месец, агентот на Левандовски Цезари Кухарски му го понудил играчот на својота поранешна екипа Спортинг Хихон, кој штотуку изборил промоција во првата шпанска лига по десет години во втората лига. Сепак, Спортинг одбил да го ангажира младиот напаѓач.[5]
Тој го направил своето деби за Лех во јули 2008 година во првото квалификациско коло од Купот на УЕФА против Хазар Ленкоран од Азербејџан, влегувајќи како замена. Во истиот натпревар, го постигнал единствениот гол на мечот. За време на своето деби во Екстракласа во првиот натпревар од сезоната против Белхатув, тој постигнал гол со пета само четири минути по влегувањето во игра, доцна во второто полувреме. Во неговата прва сезона во првата лига, тој бил трет на списокот на стрелците со 14 гола зад дуото најдобри стрелеци Павел Брожек и Такесуре Чинијама кој постигнале по 19 гола, а четврти бил нашиот Филип Ивановски со два гола помалку од Левандовски. Следната сезона, тој бил најдобар стрелец во лигата со 18 гола, помагајќи и на својата екипа да ја освои титулата.
Борусија Дортмунд
Во јуни 2010 г., Левандовски потпишал четиригодишен договор со германскиот клуб од Бундеслигата, Борусија Дортмунд,[6] за пријавена трансфер-сума од околу 4,5 милиони €. На 19 септември, тој го постигнал својот прв гол во Бундеслигата во Рурското дерби против Шалке 04, правејќи го резултатот 3-0 за Борусија; натпреварот завршил со резултат 3-1.[7] Во првиот дел од сезоната Левандовски главно бил замена за главниот напаѓач на Борусија, Лукас Бариос, но со одличната форма Левандовски успеал да се наметне и во вториот дел од сезоната често да биде претпочитан пред парагваецот. Својата прва сезона во Дортмунд ја завршил со 33 првенствени настапи и 8 гола.
Во текот на следната сезона (2011-2012), Левандовски профитирал од повредата на Бариос и бил постојано во почетниот состав, сè до зимската пауза. Напаѓачот одговорил постигнувајќи два гола во победата со 3-0 од првото коло на Купот на Германија против Сандхаузен.[8] Левандовски ја отворил својата голгетерска сметка во лигата, постигнувајќи гол во победата со 2-0 над Нирнберг на 20 август 2011, завршувајќи ја акцијата на Марио Геце.[9] На 1 октомври, Левандовски постигнал хет-трик и имал една асистенција во победата со 4-0 над Аугсбург,[10] меѓутоа веднаш по тој натпревар уследил неочекуван и разочарувачки пораз со 3-0 од Олимпик Марсеј во групната фаза од Лигата на шампионите. Дортмунд се искачиле на второто место во Бундеслигата после рутинската победа со 5-0 над 1. ФК Келн на 22 октомври, во која Левандовски постигнал два гола.[11] На 17 декември на гостувањето против Фрајбург Левандовски погодил двапати и бил асистент при голот на Кевин Гроскројц во триумфот со 4-1.[12] Поради својте одлични перформанси, бил избран за Најдобар играч на годината во Полска.[13] После зимската пауза, на 22 јануари 2012 година, Дортмунд го прегазилеХамбургер со 5-1 и се израмниле по бројот на бодови со водачите Бајерн Минхен; Левандовски постигнал два гола и асистирал за голот на неговиот сонародник Јакуб Блашчиковски.[14] На 11 април, тој го постигнал единствениот гол на натпреварот во победата со 1-0 над директниот конкурент за титулата Бајерн Минхен.[15] Со оваа победа Дортмунд излегол на шест бодови предност во однос на Бајерн на само четири натпревари до крајот на сезоната.[16] На 21 април, Левандовски асистирал за голот на Шинџи Кагава против Борусија Менхенгладбах во 59-тата минута, а откако натпреварот завршил и Дортмунд победил со 2-0 клубот и математички ја заверил титулата во Бундеслигата.[17] Во последниот натпревар од кампањата во Бундеслигата, Левандовски постигнал два гола во првото полувреме, а Дортмунд го победил Фрајбург со 4-0 и на тој начин ја прославил титулата.[18] Левандовски ја заврши сезоната како трет стрелец во Бундеслигата со 22 гола, ниту еден од белата точка, а имал и шест асистенции. Во финалниот натпревар на сезоната за Дортмунд, тој постигнал хет-трик во финалето на Купот на Германија, во кој милионерите го поразиле Бајерн Минхен со 5-2, и за првпат во нивата историја ја освоиле двојната круна.[19][20] Левандовски завршил како најдобар стрелец во Купот на Германија, со седум гола во шест натпревари.[21]
Левандовски го направил своето прв настап во сезоната 2012-2013 во победата со 2-1 победа над Вердер Бремен на отворањето на сезоната.[22] Тој го постигнал својот прв гол во победата со 3-0 над Бајер Леверкузен, на 15 септември 2012 година, помагајќи да се продолжи серијата на Дортмунд до 31 натпревар без пораз со што клубот го зазел третото место во историјата на Бундеслигата по број на натпревари без пораз.[23] Три дена подоцна, во првиот натпревар на клубот во Лигата на шампионите за сезоната 2012-2013, Левандовски го постигнал единствениот гол во 87-мата минута за победа над Ајакс со резултат од 1-0.[24] Тој поставил нов клупски рекорд за постигнување голови во најмногу натпревари по ред, откако постигнал барем еден гол во 12 последователни натпревари во лигата, надминувајќи го рекордот на Фридхелм Кониецка од сезоната 1964-1965.[25] На 9 февруари 2013 година, Левандовски го отворил резултатот во домашен натпревар против Хамбургер, но бил исклучен во 31-вата минута добивајќи директен црвен картон за фаул над Пер Силјан Скјелбред; Дортмунд загубил со 1-4. Сезоната ја завршил со 24 гола во лигата, еден гол помалку од топ-реализаторот на Бундеслигата, Штефан Кислинг од Бајер Леверкузен.
Според спортскиот директор на Борусија Дортмунд Михаел Зорц, говорејќи во февруари 2013 година, Левандовски можеби нема да го обнови договорот со клубот и ќе замине во текот на летото на 2013 година или по завршувањето на сезоната 2013-2014.[26]
На 24 април 2013 година, Левандовски станал првиот играч кој успеал да постигне четири гола во полуфиналето на Лигата на шампионите кога Борусија Дортмунд го порази шпанскиот шампион Реал Мадрид со 4-1 во првиот натпревар од оваа рунда одигран на Сигнал Идуна Парк.[27][28] На 25 мај, тој играл во финалето на Лигата на шампионите за 2013 година во кое фудбалерите на Борусија биле поразени со 2-1 од Бајерн Минхен.[29]
Сезоната 2013-2014, Левандовски ја започнал со победа во Суперкупот на Германија во кои Дортмунд го победил Бајерн со 4-2 на 27 јули 2013 година.[30] Тој го постигнал својот прв гол во сезоната во победата со 4-0 над Аугсбург во натпреварот на отворањето на Бундеслигата на 10 август.[31] На 1 ноември, тој го постигнал својот единствен хет-трик за сезоната во победата со 6-1 над Штутгарт во 11. коло од Бундеслигата.[32]
На 25 февруари 2014 година, Левандовски постигнал два гола во првиот натпревар осминафиналето на Лигата на шампионите против Зенит, со што станал најдобар стрелец на жолто-црните во европските натпреварувања, надминувајќи го рекордот на Стефан Шапуиза од 16 гола.[33] На 16 април 2014, Левандовски го постигнал својот 100-ти гол за екипата во 182-от настап, кога Дортмунд загубил од ВФЛ Волфсбург во полуфиналето на Купот на Германија, прославувајќи со подигање на дресот и покажувајќи кон број 100 кој бил напишан на неговата маица под дресот.[34] Левандовски ја завршил сезоната 2013-2014, како најдобар стрелец во Бундеслигата со 20 гола.[35] Тој, исто така, постигнал шест гола во Лигата на шампионите, каде Борусија стигнала до четвртфиналето.[36] За време на реваншот на од осминафиналниот натпревар против Зенит, Левандовски заработил втор жолт картон, што резултирало со тоа тој да биде суспендиран за првиот натпревар од четвртфиналето против Реал Мадрид.
Левандовски го одиграл својот последен натпревар за Дортмунд во Финалето на Купот на Германија 2014 против Бајерн Минхен на 17 мај. Тренерот Јирген клоп го отстранил од неколку тренинзи пред финалето, поради загриженоста за повреда; иако Левандовски ги одиграл сите 120 минути во финалето, Дортмунд загубиле со 2-0.[37]
Бајерн Минхен
Во ноември 2013 година, Левандовски потврдил дека ќе потпише преддоговор договор со соперниците на Борусија Дортмунд, Бајерн Минхен[38] што и официјално се случило на 3 јануари 2014 година; договорот бил склучен на пет години, а тој требало да се приклучи на екипата на почетокот на сезоната 2014-2015.[39] Левандовски бил официјално претставен како играч на Бајерн Минхен на 9 јули 2014 година.[40]
Тој го направил своето деби за својот нов клуб во поразот со 2-0 од неговиот претходен клуб Борусија Дортмунд во Суперкупот на Германија на 13 август 2014 година,[41] а својот прв гол го постигнал во ремито 1-1 против Шалке 04 во својот втор првенствен натпревар на 30 август.[42] На 1 ноември, во својот прв натпревар во лигата против Дортмунд, Левандовски постигнал гол за победата со 2-1 со која го однел Бајерн на четири бода предност на врвот на табелата.[43] Во својот трет натпревар за сезоната против Дортмунд на 4 април 2015 година, Левандовски го постигнал единствениот гол во 36-тата минута во победата со 1-0.[44] Голот дошол кога Левандовски ја искористил одбиената топка откако Роман Вајденфелер го одбранил ударот на Томас Милер.[45]
На 21 февруари 2015 година, Левандовски постигнал два гола во победата на Бајерн со 6-0 на гостувањето против Падерборн, а вториот гол на натпреварот бил неговиот 10-ти во сезоната.[46] Тој постигна два гола во првото полувреме на 21 април помагајќи му на Бајерн да го елиминира Порто со вкупен резултат 7-4 и да се пласира во полуфиналето на Лигата на шампионите.[47] Пет дена подоцна, откако Волфсбург загубил од Борусија Менхенгладбах, Бајерн ја освоил титулата во Бундеслигата.[48] На 28 април, тој повторно постигнал гол против Дортмунд во полуфиналето на Купот на Германија, отворајќи го резултатот во натпреварот кој завршил 1-1 по 120 минути игра, но Бајерн бил елиминиран на пенали.[49]
Своето деби за сениорската национална репрезентација го направил на 10 септември 2008 година, три недели после неговиот 20 роденден, против Сан Марино во квалификациите за Светското првенство 2010 г, влегувајќи како замена во 59-тата минута и го постигнал вториот гол поставувајќи го конечнио резултат 2-0 за Полска. Само Влоѓимјеж Љубањски постигна гол на своето деби за репрезентацијата на помлада возраст од Левандовски, откако тој го сторил тоа со само 16 години. Левандовски постигнал уште еден гол во квалификациите против истиот противник на 1 април 2009 година, во победата со 10-0.[50]
Левандовски бил повикан за Европското првенство 2012 на кое Полска била ко-организатор заедно со Украина. Во првиот натпревар на турнирот игран во Варшава на 8 јуни против Грција, тој го постигнал првиот гол на натпреварот (а воедно и на турнирот) на асистенција од тогашниот соиграч од Дортмунд Јакуб Блашчиковски; Левандовски бил избан за играч на натпреварот.[51] Тој играше во сите три натпревари за Полска на турнирот, но домаќините биле елиминирани уште во фазата по групи со само два освоени бода.[52][53]
Левандовски постигнал два гола од пенал во победата со 5-0 против Сан Марино на 26 март 2013 во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2014, неговиот прв натпревар како капитен.[54] Подоцна во текот на кампањата, на 6 септември, тој постигнал изедначувачки гол против Црна Гора во ремито 1-1 на домашен терен.[55]
На 7 септември 2014 година, во првиот натпревар на Полска во квалификациите за Европското првенство 2016, на гостувањето против Гибралтар, Левандовски го постигнал својот прв хет-трик во националниот дрес, постигнувајќи дури четири гола во победата со 7-0.[56]
Во својата кариера Левандовски постигнал најмногу четири гола на еден натпревар, и има вкупно два такви натпревари;[58] еден во незаборавната полуфинална вечер од Лигата на шампионите против Реал Мадрид[28] и другиот со репрезентацијата на Полска против Гибралтар. Покрај нив има уште 4 натпревари на кој постигнал по 3 гола или т.н. хет-трик.[58] Три од нив се како играч на Борусија Дортмунд и еден додека играл за Знич Прушкув во втората лига на Полска.
Натпревари во кој постигнал хет-трик или повеќе гола