Сегашниот устав на Боливија бил усвоен во 2009 година и овозможува балансирање на извршната, законодавната, судската власт и изборната комија, како и одреден број автономии. Традиционално силната извршна власт тежнее да го надвладее Националниот конгрес, чија улога е ограничена на дебатирање и усвојување законски регулативи зададени од извршната власт. Судската власт се состои од Врховен суд и департманските и пониски судови. Судовите во Боливија се соочуваат со корупција и неефикасност. Уставот од 1994 година се обидел да изврши реформи во судската власт, а воедно и да ги децентрализира департманите, општините и староседелските територии.
Главен град
Според уставот на државата, главен град на Боливија е Сукре. Ла Пас е седиште на владата и поради тоа често се смета за „де факто“ главен град. Името на Сукре пред независноста било „Ла Плата“ и бил прогласен како транзициски главен град на новата независна држава Горно Перу (денес Боливија) на 1 јули1826 година.[1] На 12 јули1839 година, претседателот Хосе Мигел де Веласко донел закон со кој градот се прогласил за главен град на државата и го сменил името во чест на револуционерот Антонио Хосе де Сукре.[1] На почетокот на 20 век, боливиската влада била префрлена од Сукре во Ла Пас, поради изолираноста на Сукре од економската активност на државата по падот на индустријата за сребро во Потоси.
Уставот од 2009 година го именува Сукре како главен град на Боливија и Ла Пас не се споменува во текстот.[2] Сепак, претседателската палата се наоѓа во Ла Пас, како и Националниот конгрес на Боливија.
Извршна власт
Извршната власт на Боливија е во рацете на претседателот, потпретседателот и министерствата, кои моментално (2012) се 20 на број. Претседателот на државата се избира на избори за мандат од пет години и негово седиште е претседателската палата, која неформално се нарекува „изгорена палата“ (Palacio Quemado).
Законодавна власт
Повеќенационалното законодавно собрание, или „национален конгрес“, е дводомен парламент. Претставничкиот дом (Cámara de Diputados) има 130 членови кои се избираат за мандат од пет години. Сенатот, или Сенаторски дом, (Cámara de Senadores) има 36 членови. Секој департман има по четири сенатори и се избираат за мандат од пет години. Собранието се наоѓа во Ла Пас на Пласа Муриљо. Потпретседателот на државата функционира како шеф на дводомниот парламент.
Судска власт
Судската власт на Боливија е составена од Врховниот суд, Уставниот суд, Судскиот совет, Земјоделскиот и еколошки суд, окружни и пониски судови.
Повеќенационалниот уставен суд (шпански: Tribunal Constitucional Plurinacional) има надлежност да ја проверува уставноста на владата и судовите;
Врховен суд за правда (шпански: Tribunal Supremo de Justicia);
Земјоделскиот и еколошки суд (шпански: Tribunal Agroambiental) има надлежност да се занимава со прашања поврзани со земјоделството и околината;
Судски совет (шпански: Consejo de la Magistratura) има надлежност да ги набљудува судовите и судиите во државата;
Окружен суд - има по еден суд во секој департман;
Покраински и локални судови.
Изборна комисија
Изборната комисија е независно владино тело која го заменила Националниот изборен суд на Боливија во 2010 година. Комисијата се состои од врховен изборен суд, девет департмански изборни судови, изборни судии, анонимно избрана порота и изборни нотари.[3] Претседател (2012) на врховниот изборен суд е Вилфредо Овандо. Првите избори на комисијата биле во октомври 2011.
Наводи
↑ 1,01,1"Sucre.", Sociedad Geográfica (1903). Diccionario geográfico del Departamento de Chuquisaca: contiene datos geográficos, históricos y estadisticos. Impr. "Bolívar" de M. Pizarro. стр. 296–97.
↑"I. Sucre is the Capital of Bolivia." Political Constitution of the State, First Part, Title I, Chapter One: Model of State, Nueva Constitución Política del Estado, p. 4.