Мајнинген се смета за културен, судски и финансиски центар на јужна Тирингија и економски се потпира на туризмот и високата технологија. Градот се наоѓа во лингвистичката област на Франконија.
Географија
Местоположба
Мајнинген има средишна положба во Германија и припаѓа на областа Франконија. Градот се наоѓа во долината на Вера, на источниот раб од ридскиот масив Рен, на надморска височина од 280 до 470 метри и е сместен на тромеѓето на Тирингија, Баварија и Хесен. Преку поранешната општина Хенеберг, која станала дел од градот, се граничи со сојузната покраина Баварија, а до хесенската гранична линија има околу 25 километри. Низ целата должина на градот од југ кон север поминува реката Вера, која е притока на Везер.
Мајнинген туристички припаѓа на областа Рен, каде е сместен истоимениот биосферен резерват, на кој припаѓаат местата Херпф, Штепферсхаузен и Требес. Блиски поголеми градови е покраинскиот главен град Ерфурт (80 км) и градот во Долна Франконија, Вирцбург (105 км).
Во 2000 година ја добил титулата „Кју-Сити“ (Q-City) преку истражување под водство на Бернд Штрајх од Кајзерслаутернскиот универзитет, кое сакало да го најде оптималната местоположба на еден град во Германија. По објавувањето, следеле особено тешки критики за изборот на Мајнинген.[2]
Панорамски поглед на Мајнинген
Градско подрачје
Градското подрачје на Мајнинген се протега на 105,65 квадратни километри и на нив шумите заземаат 40%. Населбите и патиштата заземаат површина од 15%. Јадрото на градот има компактно урбано лице.
Градски единици
Градот е поделен на 10 градски делови, од кои на седум административни градски единици: самиот град, составен од Иненштат со историскиот Алтштат, Нордштат, Остштат, Зидштат, Јерузалем, Хелба и Велкерсхаузен, како и шест други единици Драјсигакер, Херпф, Хенеберг со Ајнедхаузен и Унтерхарлес, Штепферсхаузен со Требес, Валдорф и Валбах.
Мајнинген бил првпат споменат во 982. Императорот Хајнрих Втори го подарил Мајнинген во 1008 на римокатоличката бискупија Вирцбург и цели 534 години останал дел од Вирцбург. Градот бил првпат споменат во 1230 како град. Мајнинген во 1542 преминал во посед на династијата Хенеберг, а потоа во 1583 на војводствата Ернестин.
Помеѓу 1680 и 1918 бил главен град на Војводството Саксо-Мајнинген. Собирачот на бајки и писателот Лудвиг Бехштајн бил архивист во Мајнинген. Една од принцезите на Саксо-Мајнинген, Аделхајд Луизе Тереза Каролине Амелија фон Саксо-Мајнинген, станала жена на британскиот крал Вилијам IV во 1818. По неа е наречен австралискиот град Аделаида. Првиот дворски театар во Мајнинген се отворил во 1831. Градот бил поврзан со железницата Вера со германската железничка мрежа во 1858. На почетокот на 20 век, постоењето на неколку големи банки довело Мајнинген да стане важен финансиски центар во Германија.
Војводството било укинато на крајот на Првата светска војна. Во текот на Втората светска војна, во Мајнинген се наоѓала болница за воени заробеници. Жестоките воздушни напади на Мајнинген на 23 февруари 1945 убиле 208 луѓе, уништиле 251 куќа и два моста и оштетиле 440 градби. Градот бил окупиран од американските војници во април 1945.[3] Во јули 1945, градот бил приклучен на источната окупациска зона, заедно со остатокот на Тирингија.
По повторното обединување на Германија, Мајнинген станал седиште на округот Шмалкалден-Мајнинген. Во 2003 градот бил поврзан со автопатот А71.
Театарот Мајнинген нуди музички театар (опера, оперета, мјузикли), претстави, симфониски концерти, куклени претстави, балет и театар за деца и младинци. Дворскиот театар Мајнинген бил отворен на 17 декември 1831. Бил уништен во 1908 во пожар и бил заменет во 1909 од неокласична градба. Театарот бил наречен „Мајнингер“ (Meininger). Активноста на војводата Георг Втори довела до меѓународна слава. Денес, неговото име е Државен театар на Јужна Тирингија („Südthüringisches Staatstheater“). Има повеќе од 300 вработени и обезбедува огромен простор за опера и драма.
Хофкапеле
Дворскиот оркестар Мајнинген е еден од најстарите и најтрадиционалните оркестри во Европа. Сегашниот оркестар до 68 членови е дел од Театарот и изведува симфонски концерти и концерти за млади и присуствува на оперите.
Дворскиот оркестар бил основан во 1690 од војводата Бернхард Први. Во октомври 1880 започнал најуспешниот период на оркестарот, кој се развил во елитен европски оркестар под водство на Ханс фон Билов. Во неговиот период стигнал Јоханес Брамс во Мајнинген и соработувал со дворскиот оркестар, а понекогаш и бил негов диригент. Други познати диригенти биле Рихард Штраус од 1885 до 1886 и Макс Регер од 1911 до 1914.
Уметничка куќа
Уметничката куќа Мајнинген („Kunsthaus Meiningen“) — културна институција во историската градба на Старата пошта, во фахверк стил. Прикажува изложби на современа уметност и нуди работилници и можности за вработување на локални и странски уметници.
Музеи
Музеите во Мајнинген се состојат од шест културни и историски музеи, кои ја нудат најголемата уметничка збирка во Тирингија. Главниот музеј е во замокот Елизабетенбург („Schloss Elisabethenburg“), поранешна резиденција на војводите на Саксо-Мајнинген.
Најновиот музеј, отворен во 1999, е театарскиот музеј „Магичен свет на бината“ во поранешното школо за јавање близу палатата.
Пријателски врски постојат и со градот Аделаида во Австралија, поради кралицата Аделаида (кралица на Обединетото Кралство), која е родена и израснато во Мајнинген како принцеза Аделаида од Саксо-Мајнинген.