Македонската лексикографија — дел од науката за македонскиот јазик што се занимава со теоријата и практиката на составување речници, лексикони, енциклопедии.
Историја
Иако официјално кодифицирана во слободна Македонија(1945), македонската наука за јазикот не е без традиција во областа на лексикографијата.
Уште во 16 вeк е направен еден речник на костурски говор - Македонски речник од 16 век, а во 1802 г. во Венеција бил испечатен и „Четиријазичникот” на Даниил Москополец (македонски, грчки, влашки, албански). Македонски речнички материјал оставиле Константин Петкович (1848) и Рајко Жинзифов. Браќата Миладиновци (во својот „Зборник”) објавиле и мал македонско-хрватски речник, а пак Ѓорѓија Пулевски отпечатил „Речник от четири језика” (македонски, албански, турски и грчки, Белград, 1872) и „Речник от три језика” (македонски, албански и турски, Белград, 1875, всушност разговорници). Речнички материјал оставија и собирачите на народното творештво Шапкарев и Цепенков. По кодификацијата се појавија „Македонски правописен речник” (1950) и „Речник на македонскиот јазик” (I 1961, Ⅱ 1965, Ⅲ 1966), а потоа и големи двојазични речници на повеќе словенски и европски јазици.
Во 2019 година се појавил и првиот Дигитален речник на македонскиот јазик, а две години подоцна и Официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик.
Речници на македонскиот јазик
- 16 век - Македонски речник од 16 век, непознат автор
- 1802 - Четиријазичник, Даниил Москополец, Венеција
- 1872 - Речник от четири јазика, Ѓорѓија Пулевски, Белград
- 1875 - Речник от три јазика, Ѓорѓија Пулевски, Белград
- 1893 - Речник на Ѓошо Колев, Ѓошо Колев, ракопис
- 1950 - Македонски правопис со правописен речник (1950), Блаже Конески, Крум Тошев, Скопје
- 1961-1966 - Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања, комисија во состав: Блаже Конески, д-р Михаил Петрушевски и Крум Тошев, Скопје
- 1983-2024 - Речник на македонската народна поезија, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ под редакција на Тодор Димитровски.
- 2003-2014 - Толковен речник на македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ под редакција на Кирил Конески (главен уредник), Живко Цветковски и Снежана Велковска (раководител на проектот)
- 2016 - Речник на турцизми, архаизми, дијалектизми и ретко употребувани зборови во македонскиот јазик, Толе Белчев, Штип
Дигитални речници на македонскиот јазик