Нкунку потекнува од академијата на Париз Сен Жермен и своето професионално деби за клубот го забележал во декември 2015 година. Тој одиграл 78 натпревари за францускиот клуб и со него освоил три титули во Лига 1, две титули во купот на Франција и две титули во лига купот на Франција. Нкунку се приклучил на бундеслигашот РБ Лајпциг во јули 2019 година, во чиј дрес го добил признанието за најдобар играч во Бундеслигата во сезоната 2021–22 како и титулата во германскиот куп истата сезона.
Нкунку ја претставувал Франција во повеќето возрасни категори, а деби за сениорската репрезентација забележал во март 2022 година.
Почетоци
Нкунку е роден на 14 ноември 1997 година во Лањи на Марна.[3] Тој започнал да игра фудбал на шестгодишна возраст.[4] Во 2009 година, тој се приклучил на клубот Фонтенбло, каде бил забележан од скаути од неколку професионални клубови.[4] И покрај раната возраст и детска фигура, тој бил забележлив по „неговата брзина, техника и визија за играта“, зборови искажани од поранешниот раководител на фудбалската школа на Фонтенбло, Норберт Бож.[5] Тој се пробал на сите позиции во средниот ред, а според тренер од фудбалскиот клуб, таа разноврсност се должела на „неговата техника, но особено на неговата интелигенција во играта“.[5]
Поради тоа што бил сметан за премногу млад и слаб, Нкунку не потпишал за Ланс, Ле Авр и Монако; клубови во кои бил на проба.[4][5] Тој на крајот се приклучил на академијата на Париз Сен Жермен, каде бил во можност да напредува преку младинските екипи под 15 години во тренинг центарот Клерфонтен.[6] Тренирајќи во текот на неделата во Клерфонтен и играјќи само за викендите со екипата на Париз Сен Жермен, тој трајно се преселил во францускиот гигант на петнаесетгодишна возраст.[4][6]
Клупска кариера
Париз Сен Жермен
Нкунку се приклучил на академијата на Париз Сен Жермен во 2010 година.[7] Тој бил член на младинскиот тим на францускиот клуб кој бил финалист во младинската лига на УЕФА во сезоната 2015–16.[8] Своето професионално деби, Нкунку го забележал на 18-годишна возраст, на 8 декември 2015 година, во натпревар од Лигата на шампионите против Шахтјор Доњецк, заменувајќи го Лукас Моура во 87. минута од натпреварот.[9] Тој го постигнал својот прв професионален гол во победата од 7–0 против Бастија во францускиот куп на 7 јануари 2017 година.[10] На 10 март 2018 година, тој за прв пат постигнал два гола во еден натпревар, во победата од 5–0 над Мец.[11]
РБ Лајпциг
На 18 јули 2019 година, РБ Лајпциг го објавил потпишувањето на петгодишен договор со Нкунку за приближно 13 милиони евра плус бонуси.[12] Својот прв настап за клубот тој го забележал во натпревар од германскиот куп против Оснабрик, што Лајпицг го добил со 3–2.[13] Неговото деби во Бундеслигата следело една недела подоцна, постигнувајќи го својот прв гол во на својот прв натпревар во лигата во победата од 4–0 против регионалниот ривал Унион Берлин.[14]
На 22 февруари 2020 година, Нкунку постигнал четири асистенции во победата од 5–0 над Шалке 04. Правејќи го тоа, тој станал само вториот играч во поновата историја на Бундеслигата кој забележал четири асистенции на еден натпревар, по Саболч Хусти во 2012 година.[15]
На 15 септември 2021 година, Нкунку постигнал хет-трик за Лајпциг во поразот од 6–3 од Манчестер Сити во натпревар од групната фаза од Лигата на шампионите.[16] Тој бил првиот играч во клупската историја кој постигнал хет-трик во натпревар од Лигата на шампионите.[17] На 25 септември 2021 година, Нкунку постигнал два гола во победата од 6–0 над Херта Берлин.[18] Недела подоцна, тој постигнал два гола во победата над Бохум, со што за прв пат во својата кариера постигнал два гола на два натпревари едноподруго.[19] Во мај 2022 година, тој ја добил наградата играч на сезоната во Бундеслигата, откако успеал да постигне 20 гола и 13 асистенции на 34 првенствени натпревари.[20] Во сезоната 2022–23, тој постигнал 16 голови во лигата, поделувајќи ја наградата за најдобар стрелец во Бундеслигата заедно со Никлас Филкруг.[21]
Челси
На 20 јуни 2023 година, Нкунку потпишал со премиерлигашотЧелси шестгодишен договор со важност од 1 јули 2023 година.[22][23] Било објавено дека трансферот чинел 52 милиони фунти.[24] На 8 август било објавено дека тој бил опериран поради повреда на коленото и дека ќе биде надвор од терените подолг период, со што ќе го пропушти почетокот на сезоната.[25]
Меѓународна кариера
Нкунку е роден во Франција и има конгоанско потекло.[26][27] Тој бил француски младински репрезентативец, настапувајќи во дресот на репрезентациите на Франција под 16 години, под 19 години, под 20 години и под 21 година.[28] Тој забележал три настапи за репрезентацијата на Франција под 20 години на Светското првенство за играчи под 20 години одржано во 2017 година во Јужна Кореја.[29]
Нкунку за прв пат добил повик за сениорската репрезентација за пријателските натпревари против Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка на 25 и 29 март 2022 година.[30] Тој го забележал своето деби на натпреварот против Брегот на Слоновата Коска.[31] На 9 ноември 2022 година, тој бил именуван во францускиот состав од 25 играчи за Светското првенство 2022.[32] На 15 ноември, тој добил повреда на коленото по судир со Едуардо Камавинга при подготовките, што го приморало да го пропушти светското првенство.[33]