Заспаната убавица (француски: La belle au bois dormant, „Убавицата заспана во шумата“) или Трнорушка е класична бајка за една убава принцеза по име Аурора, една маѓепсница и еден згоден принц. Ова е првата бајка од збирката на Шарл Перо, Contes de ma Mére l'Oye („Бајките на мајката гуска“), објавена во 1697 година. Анимираниот филм на Волт Дизни од 1959 година за Заспаната убавица е најпознат за луѓето од земјите со англиско говорно подрачје, а црпи инспирација од балетот на Чајковски (премиера во Санкт Петербург во 1890 г.) исто колку и од Перо.
Развиена е генетска верзија на Заспаната убавица во областа на молекуларната генетика и хумано-генетичката терапија - Транспозонски систем Заспана убавица. Овој генетски елемент бил „разбуден“ од еволутивно спиење што траело подолго од 10 милиони години.
Раскажување на Перо
Основните елементи во раскажувањето на Перо се поделени во два дела. Некои фолклористи сметаат дека тоа првично биле две одделни приказни, како што подоцна биле во верзијата на браќата Грим и биле соединети во една од Базил, и Перо по него.
Прв дел
На крштевката на долгопосакуваната принцеза, самовилите поканети како куми ѝ подариле разни подароци - убавина, остроумност и талент за музика. Но, злобната самовила бидејќи била изоставена од свеченоста, како подарок за принцезата ја маѓепсала, пред да стане полнолетна да си го боцне прстот на вретено од предалото на смртта и да умре. Сепак, останала уште една самовила која требало да го даде својот подарок за принцезата. Таа делумно ја тргнала клетвата на злобната самовила, изрекувајќи принцезата наместо да умре, да падне во длабок сон долг 100 години.
Кралот забранил предење на фурка или вретено, или поседување на такви предала со казна смрт, но сето тоа залудно. Кога принцезата наполнила петнаесет или шеснаесет години сретнала некоја старица, која всушност била злобната самовила преправена, во кулата на замокот во која имало предало. Принцезата сакала да проба да преде, бидејќи тоа било непознато за неа, па се случило неизбежното. Клетвата на злобната самовила се исполнила. Добрата самовила се вратила и ги успала сите во замокот. Шума од трње го завила замокот, штитејќи го од надворешниот свет, никој не можел да помине низ неа, без да се соочи со смрт.
Откако поминале сто години, некој принц којшто слушнал за приказната со магијата храбро тргнал да се пробива низ шумата, што се распарчувала пред него и принцот успеал да влезе во замокот. Тој затреперил од убавината на принцезата и паднал на колена пред неа. Ја бакнал, а таа се разбудила. Сите во замокот се разбудиле и продолжиле од каде што застанале и сите среќно си живееле.
Втор дел
Тајно венчани од пробудениот кралски бискуп, принцот продолжил да ја посетува принцезата, којашто му родила две деца L'Aurore (Зора) и Le Jour (Ден), криејќи ги од неговата мајка што потекнувала од семејство човекојадци. Откако дошол на престолот, ја донел својата сопруга и децата во неговата престолнина, која што ја оставил под регенство на мајката кралица, додека тој отишол да војува со Императорот Конталабут (Count of the Mount - „Грофот на планината“).
Човекојадката - мајка кралица ја испратила младата кралица и децата во куќа зафрлена во шумата и го упатила таму готвачот да го зготви момчето со сос Роберт за нејзината вечера. Човечниот готвач ја подготвил вечерата, но со јагнешко месо, наместо со момчето, со што ја задоволил мајката кралица, а таа подоцна го побарала девојчето, па наместо неа добила јарешко во истиот вкусен сос. Кога човекојадката побарала да биде зготвена и младата кралица, готвачот предложил да ѝ го исече гркланот на младата кралица за таа да им се придружи на своите деца, за кои кралицата мајка верувала дека се мртви. Додека кралицата мајка уживала во месото од срна подготвено со сос Роберт, во куќата на готвачот тајно се одржала трогателна средба. Наскоро таа ја открила измамата и во царскиот двор подготвила базен полн со змии и други опасни суштества. Но, во последен момент кралот се вратил и човекојадката, бидејќи била разоткриена, се фрлила во базенот што таа сама го подготвила и била изедена, а сите останати среќно си живееле.
Извори
Перо го трансформирал тонот на „Sole, Luna e Talia“ на Базил. Освен разликите во тонот, најзабележливи разлики во содржината се дека, во верзијата на Базил сонот не ја прекинал клетвата, туку ја претскажал, дека кралот не ја разбудил Талија со бакнеж, туку ја силувал и кога таа ги родила двете деца, едното го цицало нејзиниот прст со што го извлекло парчето лен што ја успало и на тој начин се разбудила, а жената која што ја мразела и сакала да ја изеде не била мајката на кралот, туку неговата љубоморна сопруга. Љубомората на свекрвата е помалку мотивирана, иако е вообичаена во бајките.
Постојат постари елементи коишто придонеле за создавањето на оваа приказна во средновековнаиот дворски љубовен роман Персефорест (Perceforest) објавена во 1528 година, во кој принцеза по име Зеландине се заљубила во маж Тројлус. Нејзиниот татко го пратил да изврши неколку задачи за да докаже дека е вреден за неа и додека него го немало, Зеландине маѓепсано заспала. Тројлус ја нашол и ја забременил додека таа спиела, а кога детето се родило го исцицало од прстот на мајка си ленот којшто ја успал. Од прстенот што ѝ го оставил Тројлус таа сфатила дека детето е од него, па по неговите авантури тој се вратил и се венчале.
Постари влијанија има од приказната за заспаната Брунхилда во Сагата за Волсунга и страдањата на светата маченица обичаите во ранохристијанските житија. Всушност, постоењето на Брунхилда ги натерало браќата Грим да ја вклучат приказната во подоцнежните изданија на нивните дела отколку да ја отстранат, како што правеле со други дела за кои сметале дека се чисто француски и потекнуваат од делата на Перо.
Втората половина, во која принцезата и нејзините деца се скоро убиени, но наместо тоа сокриени, може да е под влијание на Св. Геновева.
Варијанти
Оваа бајка е класифицирана како тип 410 според системот за класификација Арне-Томпсон.
Името на принцезата во сите варијанти е различно. Во Сонце, Месечина и Талија таа се вика Талија („Сонце“ и „Месечина“ биле нејзините деца близнаци). Перо ја оставил анонимна, но нејзината ќерка ја крстил „L'Aurore“. Браќата Грим во нивната збирка од 1812 година ја крстиле „Трнлива Роза“. Овој трансфер бил искористен и од Дизни во филмот, нарекувајќи ја Аурора. Во TeleStory Presents, Џон Стејен ја нарекол „Пупка Роза“. Браќата Грим во нивната збирка(1812г.)прикажуваат една варијанта на приказната наречена Трнлива Роза. Ја скратиле приказната на Перо и Базил до крајот којшто е сега општо познат: пристигнувањето на принцот ја завршува приказната. Некои преводи на приказните на Грим ѝ го дале на принцезата името Розамонд. Браќата решиле да не ја прифатат приказната бидејќи била произлезена од верзијата на Перо, но приказната за Брунхилда ги предизвикало да ја вклучат како автентична германска приказна. Сепак, тоа е единствената позната германска верзија на приказната, и скоро сигурно е влијанието на Перо.
Во првото издание на нивните бајки, браќата Грим вклучиле и нецелосна бајка Злобната свекрва. Започнува како и во вториот дел од приказната на Перо - хероината е мажена и има две деца, а нејзината свекрва се обидува да ги изеде прво децата, а потоа и неа. За разлика од верзијата на Перо, хероината сама предложила да се стави месо од животно во јадењето за свекрвата и извадокот завршува со загриженоста на хероината што не може да ги смири децата кои со нивното плачење го привлекуваат вниманието на свекрвата. Како и многу германски приказни со француско влијание, не се појавува во подоцнежно издание. Итало Калвино додал една варијанта во Италијанските народни приказни. Нејзиното заспивање е предизвикано од необмислената желба на нејзината мајка - не би ѝ било жал доколку ќерка ѝ умре боцнувајќи се на вретено, ако ѝ роди внука. Како и во Пентамерон, таа се буди откако принцот ја силувал во сонот, раѓа две деца, од кои едното ѝ го цица прстот и ја вади боцката што ја успала. Тој го зачувува оној дел каде што жената којашто се обидува да ги убие децата е мајката на кралот, а не неговата жена, но додава дека таа не сака да ги изеде, туку да му ги сервира на кралот. Неговата верзија потекнува од Калабрија, но тој забележал дека сите италијански верзии се блиски до онаа на Базил.
Освен Сонце, Месечина и Талија, Базил вклучил уште една варијанта од овој тип според Арне-Томпсон, Младата робинка. Браќата Грим вклучиле уште една не толку поврзана верзија, Стаклениот ковчег.
Џозеф Џејкобс забележал дека ликот на Заспаната убавица е сличен во оваа приказна и циганската приказна Кралот на Англија и неговите тројца синови во неговата збирка Повеќе англиски бајки.
Непријателството на мајката на кралот кон неговата нова невеста се повторува во бајката Шесте лебеди, како и во Дванаесетте диви патки, но тука се работи за маќеата на кралот и делот со канибализмот е испуштен.
Митски теми
Некои фолклористи анализирале дека Заспаната убавица ја покажува замената на месечевата година (со своите тринаесет месеци претставени симболично со целите тринаесет бајки) од месечевата година (која има дванаесет, симболика со поканетите самовили). Според основачите на оваа теорија, само во германските приказни злобната самовила е тринаесеттата самовила, а во онаа на Перо, таа е осма.
Меѓу познатите теми и елементи во приказните на Перо се:
Заспаната убавица стана популарна од многу прераскажувања на фантастични бајки. Тука спаѓа романот Портите на сонот од серијалот фантастични романи Господари на елементалите - Мерцедес Лакеј, потоа Врвот на предалото на Робин Мекинли, Магија на Орсон Скот Кард, Трнлива роза на Џејн Јолен, Клементина на Софи Месон, Трилогијата Заспаната убавица од Ен Рајс (како А.Н.Рокелор) и комплет книгите Принцези од Џим Ц. Хајнс.
Клетвата на кумата самовила, како таква била преземена од приказната и искористена во многу контексти. Џорџ Мекдоналд ја искористил во неговата пародија на Заспаната убавица - Лесната принцеза, во која злобната самовила не ја проколнала принцезата на смрт, туку на недостаток од гравитација, ја оставила без физичка тежина и направила да не ги сфаќа сериозно туѓите страдања. Во Принцот Приџо од Ендру Ленг, кралицата којашто не верува во самовили, не ги кани, но тие сепак доаѓаат и ѝ подаруваат добри подароци на принцот, освен последната којашто вели дека тој ќе биде „премногу паметен“, а проблемите со таквата дарба се откриваат подоцна. Во Хрониките на маѓепсаната шума на Патриша Рид, принцезата жали што не била проколната на нејзината крштевка. Кога друг лик посочува дека многу принцези не се проколнати (дури и во оваа бајка), таа се жали дека во нејзиниот случај злобната самовила дошла на крштевката, „одлично си поминала“ и не ѝ оставила начин на принцезата да ја открие својата соодветна улога во бајката. Друг расказ на Рид „Посилна од времето“ од збирката „Книга за магии“ е приказна за духови според Заспаната убавица. Во Обичната принцеза на М.М.Кеј, кралицата инсистира да ги покани самовилите на крштевката на принцезата во име на традицијата и покрај противењето на кралот, па самовилата Крустацеа ѝ го подарува на принцезата „подарокот“ да биде обична. Ангела Картер во делото „Крвавата соба“ прикажува постмодерно прераскажување на Заспаната убавица насловено „Дамата од куќата на љубовта“. Иако таа значително застранува од оригиналната тема, се држи до она што го нарекува „притаена содржина“, како на пример, иако главната личност не е заспана има неколку упатувања на фактот дека таа е месечарка. Приказната го следи животот на една вампирка од Трансилванија осудена да чека да пристигне млад војник кој со својата невиност ќе ја ослободи од нејзината клетва.
„Ноќната роза“ на Аналиезе Еванс продолжува да ги користи истите елементи од вториот дел на Заспаната убавица, во кој хероината Розмари Еденберг (принцезата) се стреми да го уништи целото племе човекојадци. Во нејзиното патување ја придружува нејзината советничка самовилата Емброус Нуит и вампирот Лорд Гарет Шинли. Џим Ц. Хајнс ја прераскажува приказната за Талија алијас Заспаната убавица (заедно со Даниел - Пепелашка и Снег - Снежана) во неговиот комплет книги Принцези, а ги вклучува и приказните „Заговорот полусестра“, „Лудилото на сирената“ и „Одмаздата на Црвенкапа“. Во ова прераскажување Талија е вешт и смртоносен воин. Благодарение на подароците добиени од самовилите таа поседува грациозност, убавина и глас на ангел. Хајнс ја користи помалку популарната верзија на будењето на Заспаната убавица - „Сонце, месечина и Талија“, спротивно на романтичното сценарио со бакнежот. Исто така, во овие книги Талија е лезбијка, што дава целосно нова димензија и интересна страна на ликот. „Розата и ѕверот“ од Франческа Лиа Блок содржи приказна насловена „Шарм“, каде што Заспаната убавица е зависник од хероин, сексуално злоупотребувана и живее во современ Лос Анџелес. Бакнеж навреме од Алекс Флин е современа верзија на Заспаната убавица, во која Талија, принцезата од Еуфразија, допира вретено и паѓа во длабок сон долг триста години. Таа се буди од бакнежот на американско момче по име Џек коешто е на турнеја низ Европа. Бидејќи сите во кралството ѝ се лутат поради тоа што го допрела вретеното, таа го убедува Џек да ја однесе во неговиот дом во Мајами, каде што таа влегува во современиот свет преполн со модели на плажа и пијачки. Хумористична романса ко риба на суво, магазинот Буклист (Booklist) вели во нивната критика дека „обожавателите на Дневниците на принцезата од Мег Кабот и Маѓепсаната Ела од Гејл Карсон Левин (1997г.) ќе ја прифатат оваа шармантна, дилетантска фантазија.“ Издавачката куќа Weekly ја нарече книгата „итра и хумористична“, а магазинот HornBook ја оцени како „задоволителна“.
Заспаната убавица во музика
Микеле Карафа ја компонирал La belle au bois dormant во 1825 година.
Пред верзијата на Чајковски, некои балетски продукции биле засновани на темата Заспаната убавица, меѓу кои и една од Јуџин Скрајб. Во зимата 1828-1829 година, францускиот драматург напишал мимичко сценарио од четири чина како основа за кореографија на Омер за балетско дело со пантомима во четири чина La belle au bois dormant. Скрајб мудро го испуштил насилството од вториот дел од приказната на Перо за балетот, коешто било поставено од Херолд и премиерно прикажано на сцената во Кралската Академија во Париз на 27 април 1829 година. Иако Херолд своето дело го популаризирал со пијано Rondo Brilliant врз основа на теми од музиката, не успеал да го постави делото повторно на сцена.
Кога Иван Всеволошски, директорот на театрите Империјал во Санкт Петербург, на 20 мај 1888 година му предложил на Чајковски да создаде балетско дело според приказната на Перо, тој исто така ги отстранил насилничкиот втор дел и кулминирал со Бакнежот за будење по кој следел традиционален финален чин на славење со серија варијации на бравура.
Иако Чајковски можеби не бил воодушевен од идејата да компонира ново балетско дело (имајќи ја предвид незаинтересираноста за неговата балетска музика за Лебедово езеро и покрај единаесетте прикажувања на сцената), тој се согласил да работи на сценариото на Всеволошски. Балетот, со музика од Чајковски (опус 66) и кореографија на Мариус Петипа, бил премиерно прикажан во театарот Мариински во Санкт Петербург на 24 јануари 1890 година.
Покрај тоа што бил првиот голем успех во балетското компонирање, поставил и нови стандарди за она што сега се нарекува „Класичен балет“ и останал еден од омилените фаворити на сите времиња во вкупниот балетски репертоар. Заспаната убавица бил првиот балет што импресарио Сергеј Дјагилев го гледал - подоцна го запишал во своите мемоари - како и првиот што го гледале балерините Ана Павлова и Галина Уланова и првиот балет што рускиот танчер Рудолф Нурејев ѝ го претставил на европската публика. Самиот Дјагилев го поставил балетот на сцена во 1921 година со рускиот балет Ballets Russes. Кореографот Џорџ Баланчин го имал своето деби на сцената како позлатен Купидон којшто седи во позлатен кафез во последниот чин divertissements.
Зачувани се мимички и танцувачки верзии на балетот во изразено британскиот жанр - пантомима, со злобната самовила Карабоса, позната трансвеститска улога. Ma Mére l'Oye на Морис Равел внесува движење наречено Pavane de la Belle au bois dormant (Павана на убавицата во заспаната шума). Подоцна и од ова дело било создадено балетско дело.
Бендот Алесана исто така имаат песна поврзана со Заспаната убавица наречена „Непоканетата тринесетта“, која се наоѓа на нивниот албум Каде што митовите избледуваат во легенди. „Прикажано е од гледна точка на непоканетата тринаесетта и на принцот. Многу принцови пред него се обиделе да ја разбудат заспаната убавица, но пред да стигнат до неа биле распарчувани од трњето. Непоканетата тринаесетта зборува за одмазда и сака да ги убие двајцата. Принцот, пак, зборува за тоа како да ја спаси и како се бори да помине низ трњето. На крајот, тој доаѓа до неа и ја бакнува. Неговата награда е неговата драга Розамонд.“
Анимираниот игран филмЗаспаната убавица на продукцијата Волт Дизни бил првпат прикажан на 29 јануари 1959 година од страна на Дистрибуцијата Буена Виста. Дизни работел скоро деценија на филмот, којшто бил направен на голем екран Super Technirama 70 во стереофонски тонски запис. За правењето на филмот се потрошиле шест милиони американски долари. Музиката и песните се адаптирани од балетот на Чајковски. Во приказната се прикажани три добри самовили Флора, Фауна и Мериведер и една злобна самовила Малефисент. Како и во повеќето филмови на Дизни, има значителни измени во содржината. На пример, самата Малефисент се појавува во горната кула на замокот и создава предало на кое принцезата Аурора (наречена Трнлива Роза од Флора, Фауна и Мериведер во изминатите години пред овој настан) си го боцнува прстот. Во оригиналот се зборува за вретено, а не за предало. И косата на принцезата наместо темнокафеава, како во оригиналната книга на Перо, е сменета во руса. Принцезата е опишана како најубавата хероина на Дизни, а додека се сметало дека „тешко е да се избегнат споредбите на русокосата со вајана става со современата кукла Барби“, сите секвенци од филмот најпрво се снимале во живо.
Во некои раскажувања, погрешно е запаметено дека едниот подарок од самовилите бил Интелигенција. Во верзијата на Перо нема таков подарок, бидејќи во 1697 година поважен бил добриот слух за музика. Посовремени верзии на приказната освен Интелигенција спомнуваат и подароци како Храброст и Независност. Ова може да се спореди со подароците на Мол Фландерс во истоимената книга која се појавила точно четврт век по Заспаната убавица на Перо.
Психолозите следбеници на Фројд, поттикнати од „Користење магии“ на Бруно Бетелхајм, нашле многу материјал за анализа на Заспаната убавица како случај на историја на притаена женска сексуалност и решение за пасивната социјализација на тие млади жени што не се предодредени да работат.
Ерик Берне ја користи оваа бајка за да го илустрира „Чекајќи го Rigor Mortis“ (вкочанетост на мускулите пред смртта) како едно од животните очекувања. Откако истакнал дека скоро сѐ во оваа приказна може навистина да се случи, тој го извлекол клучниот елемент од приказната, илузијата што таа не ја препознава: дека времето не запрело додека таа спиела, дека во реалноста Роза нема повеќе да има петнаесет, туку триесет, четириесет или педесет години. Берне ја користи оваа и други бајки како соодветен алат за да го пробие штитот од очекувања кој ги опкружува луѓето.
Книгата „Претворање на сламка во злато“ на Џоан Гулд претставува приказна за делувањето на жените, тврдејќи дека Заспаната убавица е пример за способноста на жената „да се исклучи“ во време на криза. Таа цитира верзија од приказната во која принцезата се буди кога принцот влегува во просторијата, бидејќи таа знае дека е време да се разбуди.
Тери Прачет се повикува на неколку бајки во неговиот серијал Дисксвет, особено во однос на вештерките кои сакаат да го контролираат раскажувачкиот потенцијал на светот. Во Сестри вештерки и Ленкр, вештерките се привлечени од влијанието на Црната Арис, којашто го преместила замокот и неговите жители сто години во иднината, кога баба Ветервакс го пренела своето кралство седумнаесет години во иднината за да го предаде узурпираниот престолот на соодветната наследничка, за да не мора да чека да стане полнолетна. Подоцна, во Вештерките во странство, следува истиот состанок на вештерките во проколнат замок во кој сите заспиваат а во дворот расте шума. Бабата објаснува дека тоа се случувало неколкупати. Слугите се разбудиле бесни и решени да ги избркаат вештерките, откако ќе ја разбудат принцезата, не со бакнеж туку со фрлање на предалото од прозорецот.
Романот Г-ѓа Ѕверка на Памела Дичоф истражува што се случило со принцезите од познатите бајки, вклучувајќи ја и Заспаната убавица, откако го кажале судбоносното „Да!“.
Придружниците на принцезата во спиењето, чекајќи ја да ѝ се придружат во другиот свет кога ќе се разбуди, дури и измеќарите во кујните и нејзиното милениче - кучето, ја прикажуваат една од древните теми при ритуалните закопувања, иако Перо веројатно не бил запознаен со египетските закопи, ни пак со кралските гробови на кралицата Пуаби од Третата Династија на Ур, или дворјаните што ги придружувале постарите императори на Кина во гробот, како и коњите што ги придружуваат благородните јавачи во курганите на Скитианскиот Пасирик. Кралот и Кралицата не се вклучени во оваа аналогија на закоп, туку одмарале, додека заштитната привидна шума од трње веднаш пораснала за да го заштити замокот и неговите жители, делотворна како тумул.
Заспаната убавица се појавува како лик во стрипотБасни. Таа е една од трите поранешни сопруги на Принцот Шармер и е една од побогатите басни. Таа е уште ранлива од боцкањето и постојано паѓа во сон заедно со сите останати каде и да се наоѓа во моментот. Таа е јасно идентификувана како 'Трнлива Роза' и никогаш не се спомнува како Заспаната убавица.
Вториот дел од Заспаната убавица се појавува во вид на стрип во Мала литература. Стрипот е напишан и нацртан од познатиот стрип автор Арт Шпигелман.
„Стаклен кофчег“ од Кејтлин Р. Кирнан е прераскажување на „Заспаната убавица“. Се појавува во нејзината збирка Болни и чудни приказни. Насловот на приказната се однесува на песната „Едвај чекам“ на П.Џ.Харви, којашто исто така се однесува на „Заспаната убавица“.
Шери С.Тепер ја приспособува приказната за Заспаната убавица во нејзиниот роман Убавица. Овој роман содржи делови кои се однесуваат и на Пепелашка и Принцот Жаба.
Брус Бенет ја адаптирал Заспаната убавица за детски мјузикл со Лин Ворен, чијашто светска премиера била прикажана во театарот Ривервок.
Видео играта Макс Пајне 2: Падот на Макс Пајне ја користи Заспаната убавица како алегорија на крајот на играта, кога Макс ја бакнува мртвата Мона Сакс во уста и според него „сето ова време погрешно сме ја толкувале приказната за заспаната убавица“. Макс дава теорија дека принцот, како и тој самиот, не ја бакнува принцезата за да ја разбуди, туку да се разбуди тој од надежта и болката што го довеле таму. Макс вели „Неверојатно е дека некој што спиел сто години ќе се разбуди“. Но, ако некој успее да ја изигра играта на најтешкото ниво, Мона ќе се разбуди по бакнежот, преживувајќи во алтернативниот крај.
Во филозофијата, парадоксот Заспана убавица е мисловен експеримент, при кој на убавицата ѝ се дава амнезиско средство и се успива во недела навечер. Се фрла паричка и ако се падне глава и ќе ја разбудат во понеделник наутро, па пак ќе биде успиена. Ако се падне пара, таа ќе биде разбудена во понеделник и во вторник. Секогаш кога ќе се буди, ќе биде испрашувана која е нејзината субјективна веројатност за тоа дали паричката ќе падне на страната „глава“. Сите се согласуваат дека пред експериментот таа ќе одговори 1/2, но некои сметаат дека за време на експериментот ќе одговори 1/3. Ако се случи тоа, тогаш се вели дека таа му се спротивставува на принципот Одраз, за којшто Бајезијаните сметаат дека значи ограничување на разумот.
Во серијата Кардкаптор Сакура, класот на Сакура ја изведуваат Заспаната убавица во епизодата „Сакура и училишниот натпревар по уметности“, со случајно избрани ликови. Сакура ја игра улогата на принцот, Сиаоран на Аурора, а Јамазаки на вештерката во мангата. Сепак, откако Мејлин ја зела улогата на вештерката, Јамазаки станала кралицата што довело до тоа Рика, којашто требало да биде кралицата, ја зела улогата на една од самовилите, наместо на неименувано момче.
Во мангата на Каори Јуки, Револуцијата Лудвиг, кралицата била неплодна и ја добила принцезата Фридерике откако една риба ѝ претскажала. Таа не сретнала слугинка, туку си го боцнала прстот откако вештерката ѝ кажала дека немало никакво претскажување, дека мајка ѝ била силувана и дека таа не била ќерка на кралот. Фридерике го допрела вретеното за да ја тестира вештерката дали ја кажува вистината и спиела сто години. Кога принцот Лудвиг ја сретнал во своите соништа, се заљубил во неа и неговиот бакнеж ја тргнал клетвата. Но, тие не живееле среќно до крајот на своите животи, бидејќи кога принцезата се разбудила, умрела од старост. Подоцна, таа се вратила како дух и со своите моќи помогнала да се собори лажната кралица Лејди Петронела.
Во едно поглавје од Мед и детелина Морита ѝ се заканува на Ајуми дека ако не го покани на божиќната забава, ќе ја проколне и ќе направи нејзината ќерка на петнаесеттиот роденден да се боцне на вретено и да падне во длабок сон.
Еден сегмент од турскиот антологиски филмПриказни од Истанбул од 2005 година, којшто е составен од пет приказни инспирирани од популарни бајки, е заснован на оваа приказна, во која млада луда жена е Заспаната убавица што живее во палата на Босфорот. Таа запознава еден Курд кој мигрирал во Истанбул.
Главниот лик и противникот во Заспаната убавица на Волт Дизни биле искористени во видео игрите за Плејстејшн 2 од соработката помеѓу Square-Enix и Дизни - Кралството на срцата, Кралството на срцата 2 и ќе имаат улоги во претходникот на Кралството на срцата: Раѓање од сонот за PSP. Аурора е една од принцезите на срцата - принцези кои немаат темнина во нивните срца. Кога ќе се соберат сите седум принцези ќе се создаде порта која води до Кралството на срцата, срцето на сите светови. Другите принцези на срцата се Пепелашка, Бел, Алиса, Снежана, Јасмин и оригиналната принцеза на играта - Каири. Малефисент е главниот противник во овие игри, којашто им помага на останатите негативци на Дизни во нивните заговори додека се обидува да го реализира својот. Во Кралството на срцата 2 вклучени се и трите добри самовили Флора, Фауна и Мериведер, коишто му ја даваат на главниот лик неговата нова облека и му овозможуваат да ги користи неговите енергии.
Направена е и пародија во цртаниот филм Wotta Knight од 1948 година во Попај, каде што Заспаната убавица е Олива Оил.
Во епизодата „Лизнатата убавица“ од Мапет бебиња во 1988 година, кога Гица добива сипаници, групата се обидуваат да ја разведрат и ѝ ја раскажуваат нивната верзија од приказната за Заспаната убавица преку воки-токи. Во замислата на Гица, таа е принцезата,а Кермит е принцот, Фози, Ралф и Гонзо се добрите самовили. Животното е лошата самовила, а Скутер и Скитер се кралот и кралицата. За време на раскажувањето, Фози ја изменува клетвата за спиење на принцезата и вели дека принцезата се лизнала на лушпа од банана (бидејќи децата не смеат да си играат со остри предмети) и „заспива“ пред нејзиниот четврти роденден. Во исто време, „убавата мала колиба“ е Бакингемската палата, а Гица само оди да ја фрли џиновската харфа што Ралф ѝ ја дал.
Во епизодата „Заспаната убавица“ на Скршените бајки од шоуто Роки и Булвинкл, раскажувачот набрзина поминува низ приказната од нејзиното раѓање до пристигнувањето на принцот во замокот. Но, тогаш, наместо да ја бакне, тој започнува бизнис со Земјата на заспаната убавица (пародија на Дизниленд). Додека неговиот бизнис цвета, тој е постојано прекинуван од злобната самовила и се ослободува од неа на различни начини. Конечно, на крајот од епизодата, откако бизнисот му пропаѓа со помалку придружници, принцезата ги разведрува принцот и злобната самовила со тоа што се буди сама без првиот бакнеж од нејзината вистинска љубов.
Во август 2009 година е издадена нова книга која ја раскажува приказната за „Ќерката на заспаната убавица“ насловена „Алинда од езерото“. Тоа е резултат на долгогодишна соработка меѓу двајца професори кои живееле „преку барата“. Оунах Џејн Поуп (третоодделенски наставник во Велика Британија) и Џули Ен Браун (Професор на колеџот во Санта Барбара, САД) сметале дека било време да се раскаже приказната за кралицата Аурора од Инвернесшир и нејзината најмала ќерка Алинда. Шкотската бајка одговара на многу прашања, како на пример, зошто земјата и езерото криеле таква мистерија, авантура и магија низ изминативе векови.
Романот „Трнлива роза“ од Џејн Јолен ја преосмислува приказната за Заспаната убавица во времето на холокаустот.
Во шестата/последна епизода (во зависност од редоследот на гледање) од првата сезона на Меланхолија од Харухи Сузумија, додека Кион е затворен во 'затворен простор', пратена му е мистериозната порака „Заспаната убавица“ од Нагато Јуки на компјутер.
Серијата Детска куќичка од Џош Ведон ја користи оваа приказна како проширена метафора во соодветно именуваната епизода „Трнлива роза“, изедначувајќи ја и за членовите на детската куќичка со „испрани мозоци“ и за младиот лик кој се соочува со последиците од сексуално злоупотребување.
Ренди Лофишер ја искористил Заспаната убавица, разбудена во триесеттите години, како борец против криминалот со прекар Ангелот Фантом во неколки приказни објавени во Приказни за човекот сенка.
Германскиот фотограф Херберт В. Хеселман го искористил Заспаните убавици како наслов за серија фотографии, направени во 1983 година во обрасната француска градина. Фотографиите кои покажуваат педесетина класични автомобили од висока класа во скапана состојба со прашина, мов и нечистотија, предизвикале шок кај љубителите на автомобили ширум светот. Фотографиите од колекцијата, кои порано ги поседувал познатиот експерт за вино Мајкл Доваз, биле објавени во две книги насловени Заспаните убавици и во многу списанија (Stern, Automobile Quarterly, Geo, Supercar Classics, Autoretro и други). Нова книга насловена „Судбината на Заспаните убавици“ (септември 2010г.) ја прикажува историјата и судбината на колекцијата Заспани убавици.
Во привлечната локација Песни на морето, сместена на островот Сентоса, Сингапур има парцела којашто спомнува заа Заспаната убавица.