Најголем дел од информациите за животот на Есхил доаѓа од „Есхиловиот животопис“, составен од различни извори со различна вредност, како и од делата „За тројца поети-трагичари“ на Хераклид Понтски и „За Есхил“ на Хамалеонт. За него се знае дека се родил во светото место Елеусина, во 525 или 524 година п.н.е., во еупатридско семејство. Татко му се викал Еуфорион, а еден од неговите браќа се викал Кинегир, кој според Херодот, загинал во борбата со Персијанците по Маратонската битка. Според „Есхиловиот животопис“, некој Аминиј, кој се борел во Битката кај Саламина, исто така, му бил брат на Есхил, но тоа веројатно не е точно. Есхил имал и сестра, чие име не е познато, која се омажила за Филопит и го родила синот Филокле, кој бил познат поет-трагичар. И двајцата сина на Есхил, Еуфорион и Еуеон, исто така, биле поети-трагичари.[3]
Како и Солон и Есхил сакал со патувањата да ги прошири своето знаење и да го обогати своето искуство. Од неговите драми се гледа колку внимание му привлекувале странските земји и страните луѓе. Како и дома, тој и во странските земји стекнувал слава и чест.[4]
Во младоста, Есхил учествувал во битките кај Маратон и кај Саламина, во кои се истакнал со своето големо херојство.[5] Исто така, тој многу патувал, со цел да ги збогати своето знаење и искуството. На повик на тиранинот Хиерон, Есхил ја посетил Сиракуса, а во 476 година п.н.е., по повод прославата на создавањето на градот Етна, ја поставил драмата „Етнанки“, која содржела молитви за среќа на градот. Потоа, тој се вратил дома, но повторно ја посетил Сицилија, каде по вторпат ја поставил драмата „Персијанци“. Според некои извори, таму Есхил создал школа за трагедии. Од 468 до 458 година п.н.е., Есхил престојувал во Атина, по што повторно заминал на Сицилија, каде што умрел во 456 година п.н.е., во градот Гела.[6]
Творештво
Според сведоштвото на самиот Есхил, една ноќ, кога како дете го чувал лозјето, во сонот му се јавил Дионис и му наредил да пее трагедии; кога се разбудил, го послушал богот и се обидел да пее, а тоа му успеало многу лесно (Паус I 21).[7]
Есхил оставил богато творештво: освен елегиите и својот надгробен натпис, тој напишал околу 90 драми, од кои денес се познати 79 (според насловите). Во 484 година п.н.е., на четириесетгодишна возраст, Есхил ја остварил својата прва победа на поетските натпревари, но не е познато со кое дело. Потоа, во следните 26 години тој победил уште 12 пати на таквите натпревари. Имено, во „Животописот на Есхил“ е наведено дека тој „остварил вкупно 13 победи, а не мал број остварил и по смртта“, додека Суда сведочи дека „стекнал 28 победи, а некои велат 13“. Во секој случај, двата извора потврдуваат дека драмите на Есхил победувале и по неговата смрт. Така Суда известува дека Есхиловиот син Еуфорион победил четирипати со неизведуваните драми на татко му. Исто така, во „Животописот на Есхил“ се вели дека жителите на Атина толку го засакале Есхил, што за прикажување на драмите на Есхил, бил донесен посебен закон. Според тој закон, секој што ќе посакал можел да се натпреварува со неговите драми како со нови и кој сакал да ги прикажува неговите драми по неговата смрт - ќе добиел хор. Интересно е да се одбележи дека на својот прв натпревар, Софокле успеал да го победи Есхил. Инаку, во своите први драми настапувал и самиот Есхил, но подоцна улогите им ги доверувал на глумците, меѓу кои најмногу се истакнале Клеандар и Миниско.[8][9]
Денес се зачувани само седум Есхилови драми: „Бегалци“ (Хикетиди), „Персијанци“, „Седуммина против Теба“, „Окованиот Прометеј“, „Агамемнон“, „Покајници“ (Хоефори) и „Еумениди“.[9] Последниве три дела чинат органска трилогија т.н. „Орестија“. Притоа, единствениот ракопис кој е зачуван (истовремено, тој е најстариот и најдобриот ракопис) е M(Mediceus), codex Laurentianus XXXII 9, кој хуманистотЏовани Ауриспа го донел во Италија во 1423 година.[10] Есхил вовел неколку иновации во драмата: Според извештајот на Аристотел, Есхил бил првиот автор кој на сцената поставил двајца глумци, ги сведол на минимум лирските моменти, го намалил учеството на хорот, главната улога ја доделил на разговорот и му дал улога на „општественото мислење“. Неговите заслуги се споменати и во неговиот „Животопис“: „Тој е првиот којшто ја накитил сцената и очите на гледачите ги засенил со сјај, слики и механизми, жртвеници и гробови, труби, страшила, Еринии...“ [9][11]
Есхил со право може да се нарече пионер на хеленската драма, а од неговите седум сочувани драми може да се согледа дека, како ниту еден друг негов претходник или наслендик, тој постојано се развивал, како технички така и стилски. Така, во „Хикетиди“, како едно од неговите најрани дела, претставува лирска драма во која повеќе од половината на дејството му припаѓа на хорот како носител на трагичното дејство; Во „Персијанци“, хорот зазема половина од драмата; а во подоцнежните дела „Окованиот Прометеј“ и „Орестија“, на хорот отпаѓа помалку од третина од дејството.[12]
Покрај сценското новаторство, како значајна одлика на творештвото на Есхил се истакнува неговиот лирско-творечки занос. Неговите трагедии носат длабок впечаток кој авторот настојува да го пренесе врз гледачите со помош на изразена мелодичност. Во таа смисла, Есхил бил не само поет туку и музичар, а најпотполното музичко-драмско единство е постигнато во „Агамемнон“. Оваа лирска мелодичност била препозната уште во Стара Грција. На пример, во едно свое дело Аристофан вели: „А песни испеа повеќе и многу подобри, поубави, отколку сите поети денешни“. Исто така, во „Гозбата на софистите“, Атенеј (X, 428. f) пишува: „Пијан пишуваше трагедии. Затоа, Софокле, забележувајќи му, го рекол ова: Есхиле, ако го правиш тоа што треба, сепак тоа го правиш не знаејќи.“ Со други зборови, Софокле му забележувал на Есхил дека творел во занос, а со тоа му дал најголемо признание.[13]
Третата одлика на Есхиловото дело се грандиозните слики во чија длабочина се појавуваат поетските идеи. На пример, во почетната сцена на „Окованиот Прометеј“, додека го положуваат на карпата, Прометеј молчи и дури откако ќе остане сам, тој ѝ се обраќа на природата. Во неговото изгубено дело „Психостасија“ (Мерење на душите), Есхил го донел на сцената и самиот Зевс, како гледач на борбата меѓу Ахил о Мемнон; во „Данаиди“ на сцената се појавуваат и други богови, а во „Сизиф“ како лик се јавува и Смртта. Такви живи и пластични слики, придружени со некоја идеја, предизвикувале драматичен дијалог и драмска композиција.[14]
За трагедиите
Како и сите трагичари, и Есхил за своите драми земал градиво од митовите т.е. од приказните за хероите и боговите, забележани во Хомеровите епопеи. Затоа самиот тој за своите драми велел дека се „трошки од богатата софра на Хомер“. Епопеите на Хомер биле пеени на празници, и станале основен елемент на народното образование. Стилот, јазикот и поетската техника на Есхил се под влијание на Хомер. Но Есхил видел дека моралните сфаќања од Хомер до негово време се измениле. Додека човекот кај Хомер безобѕирно им се предава на своите желби и своето постоење го сфаќа како неограничено уживање, Есхил човековото постоење го сфаќа трагично.
Есхил се обидува на својот народ да му ги објасни крупните прашања за бог и човекот, за државата и поединецот, за судбината и слободата, за човечкиот живот и неговата смисла. Ја нагласува човечката вина, неговото казнување, и божествената мудрост и праведност. Како Ксенофан и Хераклит, така и Есхил тежнеел карактерот на боговите да ги исчисти од премногу човечки црти, и да ги приближи до сферата на моралното совршенство.
Есхил ги намалил хорските партии, а најголемо внимание посветил на дијалошките партии. Тој прв внел втор глумец. Средствата со кои тој се служел за да го оживее дејствието е создавањето слики кои оставаат длабок впечаток. Тој не бил само поет, режисер и глумец, туку и композитор. Измислувал движења за хорот, а вовел и маски.
Окованиот Прометеј
Прометеј станува против планот да се уништи човечкиот род за да се создадат посовршени луѓе, и им го подарил огнот на тие „еднодневни суштества“. Поради своето прекумерно човекољубие, самоволност и дрскиот бунт, тој трпи страшни маки со тоа што е окован. Есхил со ова го направил Прометеј претставник на незапирливата човечка желба за напредок, желба која не признава никакви пречки, и не се плаши од никакви страдања. Есхиловиот Прометеј е најграндиозното лице кое некогаш излегло на сцената. Посебно е интересен делот во кој Прометеј на хорот му набројува што сè направил за човечкиот напредок и развој. Смелиот борец за правда, револуционер, новатор, кој оди по нови патишта - тоа е Прометеј кај Есхил.[15]
„Орестија“
Во „Орестија“ (или „Ореста“) Есхил вовел и трет глумец, а тоа е новина која ја прифатил од Софокле, и дејствието го направил испреплетено. Во „Агамемнон“ драмата и музиката чинат целосно уметничко единство.[16]
„Персијанци“
Треба посебно да се истакне уметничката постапка во оваа драма. Есхил не се радува над пропаста на Персијанците, тој не ја прославува толку победата кај Саламина, колку што ја опева трагедијата на Персијанците, сакајќи да каже дека „колку е потежок поразот на напаѓачот, толку е поблескава среќата на оние кои ја бранеле својата слобода.“
Влијанието на Есхил
Есхил извршил големо влијание врз многу мислители, писатели и композитори. На пример, кога го прашале Карл Маркс, тој одговорил дека неговите омилени поети се Шекспир, Есхил, Гете. Исто така,според сведочењето на неговиот зет, Пол Лафарг, секоја година Маркс го читал Есхил, и тоа во оригинал. И во друга прилика, Маркс истакнал дека Есхил и Шекспир се двајцата најголеми драмски гении што ги дало човештвото.[17] Подоцна, многу писатели ги обработиле митовите застапени во Есхиловите драми, особено Прометеј и Електра. На пример, Рихард Вагнер бил под големо влијание на Есхил, не само преку трилогискиот облик на делата, туку и во нагласувањето на музикално-лирските елементи. Под влијание на Есхил, Његош во неговото дело „Горски венец“ ги зема историските настани како основен мотив, развивајќи ги во облик на драмска реализација. По углед на Есхиловата тетралогиска структура, Никола Т. Ѓуриќ ја создал тетралогијата „И го сакаа царството небесно“ (1930-1937).[18]
Наводи
↑Freeman 1999, стр. 243 harvnb error: no target: CITEREFFreeman1999 (help)