Дишењето претставува физиолошки процес кој се состои во размена на гасовите меѓу живите организми и надворешната средина преку аеренхимот и листот (кај растенијата) и белите дробови, жабрите и трахеите (кај животните), при што доаѓа до наполно разградување на органските материи до неоргански.
Дишење постои и на ниво на клетката - клеточно дишење. Ниедна клетка не може да опстане без кислород. Во ова дишење учествуваат редица биохемиски реакции кои се одвиваат во присуство на кислород при што се ослободува хемиска енергија од сложените органски соединенија. Краен резултат од клеточното дишење е ослободување на енергија во вид на аденозин трифосфат (ATP).
Постојат два видови на дишење: аеробно - кое се одвива во присуство на кислород (како клеточното дишење опишано погоре) и анаеробно - кое се одвива во отсуство на кислород. Во најголем број живи организми се присутни и двата вида на дишење. Сепак, организмите кои дишат само аеробно се аероби, додека оние кои дишат анаеробно се анаероби (првенствено анаеробни бактерии).
При разградувањето на гликозата (процес познат како гликолиза), првиот дел од овој процес се одвива анаеробно и завршува со добивање пирогроздова и млечна киселина. Понатамошното разградување на овие меѓупроизводи протекува во аеробни услови - во присуство на кислород. Оваа фаза се одвива во митохондриите на клетките, односно преку вклучување во Кребсовиот циклус. Крајни производи од овој циклус се јаглерод диоксид и вода. Притоа се ослободува голема количина енергија. Дел од оваа енергија се користи за синтеза на високоенергетски соединенија, како што е ATP. Процесот на разградување на гликозата може да се претстави со оваа хемиска равенка:
Најсложен систем за дишење има кај цицачите.Кај нив органи за дишење се белите дробови и воздушните патишта.Системот на органите за дишење започнува со носот каде има влакненца кои ја задржуваат нечистотијата и затоа треба да се диши на нос а не на уста.Продолжува со голтката,па гркланот,следува душникот и двете негови гранки-лева и десна бронхолија.Тие пак се разгрануваат во бронхиоли и завршуваат со алвеоли.Алвеолите се опкружени со мрежа од капилари во кои струи крв и при тоа се испушта јаглерод диоксид и водена пареа а се прима кислород.
Душникот е канал изграден од рскавици во облик на потковица, чии краеви на задната страна се поврзани со сврзно ткиво кое му дава можност на душникот да се шири и собира. Во долниот дел душникот се разгранува на две гранки - душнички гранки. Душничките гранки штом навлезат во белодробните крила се разгрануваат во поситни гранки - бронхии, па бронхиоли кои завршуваат со воздушни ќесиња изградени од меурчиња - алвеоли. Алвеолите се изградени од еден ред епителни клетки обвиткани со крвни капилари. Во нив се врши размена на гасовите. Кислородот од алвеолите поминува во крвните капилари и со крвотокот се разнесува до сите клетки. А јаглерод диоксид од клетките влегува во венските капилари кои преку крвните садови - вени, се враќа во белите дробови и преку алвеолите и дишните патишта се исфрла надвор. Полнењето и празнењето на белите дробови е потпомогнато од дијафрагмата и меѓуребрените мускули .
Во водната средина живеат голем број праживотни. Сите животни немаат посебни органи за дишење. Некои се приспособени да го примаат кислородот од средината по дифузен пат преку целата површина на телото. Тоа се едноклеточните животни.
Од безрбетните животни инсектите се најбројната група која живее на копно и во воздух. Покрај другите приспособувања инсектите се приспособиле да дишат атмосферски воздух со трахеи. Трахеите се хитински цевчиња кои се создале од кожата и се разгрануваат во телото допирајќи до органите. Тие внесуваат кислород до клетките и ткивата. Трахеите имаат отвори (устенца) странично од телото кои постојано се отворени и низ нив влегува воздухот. Кога инсектите го издолжуваат мешето трахеите се полнат со воздух - вдишуваат, а кога го собираат мешето воздухот се истиснува-издишуваат.