Големо Пленско Езеро или Езеро Плен (германски: Großer Plöner See)[1] — најголемо езеро (30 км²) во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија. Сместен е близу градот Плен. Негова главна притока, како и главен истек, е реката Швентине.
Географија
Општо
Со површина од 30 км² и длабочина до 58 метри, Големото Пленско Езеро е најголемо и најдлабоко езеро во покраината Шлезвиг-Холштајн. Се наоѓа целосно во природниот парк Холштајнска Швајцарија.
На неговата северна страна се наоѓа окружниот град Плен, чиј грб го прикажува езерото под Пленскиот замок сместен на рид. Други населби на бреговите на езерото се Бозау, Дерзау и Ашеберг.
Потекло
Големото Пленско Езеро се појавило како последица на ледената покривка на Шлезвиг-Холштајн по последното ледено доба. Тоа е типично ледничко езеро. Два ледника биле главно одговорни за создавањето на 58 метри длабоката точка во езерото. Северната граница на езерото се состои од земјен мост помеѓу Големото и Малото Пленско Езеро, кое било создадено во подоцнежното топење на мразот.
Острови
Источните и западните делови на езерото се поврзани со делови на плитка вода, која од 1992 година е прогласена за природен резерват. Во оваа област се наоѓа најголемиот од островите, кој обезбедува засолниште за многу птици, како белоопашест орел, четириока патка, голем северен нуркач и дива гуска.
Островот на принцовите (Prinzeninsel), кој станал полуостров во XIX век кога нивото на водата вештачки било намалено, е омилено летно одредиште за многу туристи.
Друг природен резерват постои од 1955 година, сместен во западниот дел на езерото. Вкупно постојат повеќе од 20 острови во самото езеро.
Историја
Населување
Брегот на езерото бил користен во текот на средното камено доба (околу 10000–4300 п.н.е.) од ловци, собирачи и рибари. Од неолитот (околу 4300–2300 п.н.е.), преку бронзеното доба (околу 2300–550 п.н.е.) и во железното доба (околу 550 п.н.е.–400 н.е.) била повеќе или помалку постојано населен од фармери.
Од VIII до XII век, областа околу езерото била населена од Словени. Сè уште постојат докази за ова на Олсборг, остров јужно од Плен, кој бил утврден. Словените го нарекувале Плуне, што означува „вода без мраз“. Во 1139 година, грофот на Холштајн Адолф II од Шауенбург ја уништил тврдината и ставил крај на словенското владеење во областа.
Економска употреба
Езерската површина е поделена помеѓу неколку приватни сопственици, како и покраината. Околу 900 хектари од езерото се изнајмуваат до 2020 година.
На езерото ловат неколку риболовни здруженија. Видови на риба присутни во езерото се јагула, гргеч, штука и крап.
Туризам
Езерото и околината се омилена рекреациската зона за жителите на околните големи градови.
Постојат вкупна 15 капалишта. Некои кампови се наоѓаат директно на брегот на езерото. Постојат голем број на рекреативни активности кои можат да се извршуваат на езерото.
Наводи
- ↑ Fuhrmann, Horst (1986). Germany in the High Middle Ages c.1050-1200, Cambridge University Press, Cambridge, New York, etc, p. 122. ISBN 0-521-31980-3.
Извор
- Muuß, Uwe; Petersen, Marcus; König, Dietrich (1973). Die Binnengewässer Schleswig-Holsteins. 162 pp., numerous photos, Wachholtz-Verlag Neumünster. ISBN 3-529-05302-3
Надворешни врски