Николовски бил еден од најплодните македонски автори на XX век, со околу 140 творби за најразлични состави. Особено маркантни се неговите вокално-инструментални композиции (ораториуми, кантати) и неговите оркестарски дела. Сепак, највисоките творечки дострели ги остварил на полето на хорската музика и во делата во кои доминира човечкиот глас. Во целото свое творештво Николовски се инспирирал од фолклорот, водејќи се од идејата дека треба да се одбегнуваат радикалните постапки на музичката авангарда од XX век, бидејќи тие се само „израз на творечката немоќ и стерилност“. Токму затоа, неговиот музички јазик е умерен, експресивен, со потпирање на духовното и фолклорното поднебје на Македонија.[1] Исто така, тој се занимавал и со публицистика при што напишал над 30 статии во кои обработува проблеми главно сврзани со македонското музичко творештво.