Вањама станал првиот кениец во историјата кој постигнал гол во УЕФА Лигата на шампионите, постигнувајќи го првиот гол за Селтик во победата од 2–1 против Барселона на 7 ноември 2012 година.[3] На 11 јули 2013 година, Вањама потпишал за англискиот премиерлигаш Саутхемптон за 12.5 милиони фунти станувајќи најскапиот играч продаден од шкотски клуб, надминувајќи го трансферот вреден 9.5 милиони фунти на Ајден Мекгиди во Спартак Москва во 2010 година.[4]
Тој одиграл повеќе од 40 натпревари за Кенија од своето деби во мај 2007 година на 15-годишна возраст.
Ран живот
Вањама се школувал во средното училиште Камукунџи, кое води успешен фудбалски клуб. По завршување на школувањето, тој играл три години во Академијата ЏМЏ, а во текот на тој период се приклучил на кениските клубови Најроби Сити Старс и Леопардс.[5] Во 2007 година тој се приклучил на шведскиот клуб Хелсингборг, но откако неговиот брат Мекдоналд Марига кој исто така играл во клубот се преселил во италијанската Серија А во Парма во 2008 година, Вањама се вратил во Кенија.
Клупска кариера
Биршот
По успешната проба, Вањама потпишал за Биршот четиригодишен договор во летото во 2008 година. Својот прв натпревар во белгиската лига тој го одиграл кон крајот на сезоната 2008–09. Во септември 2009 година, тој добил парична казна од 100 евра и суспензија од три натпревари поради опасен старт над Матијас Суарез од Андерлехт.[6]
Во летото во 2010 година, шкотскиот премиерлигашки клуб Селтик се обидел да го купи Вањама но Биршот не дозволил тој да замине. Рускиот клуб ЦСКА Москва исто така се обиделе да го донесат Вањама во своите редови, но и нивните обиди пропаднале.[7]
Вањама го постигнал својот прв гол за Биршот на 11 декември 2010 година, во лигашки натпревар против Вестерло. Во април 2011 година, тој добил уште едба суспензија од три натпревари откако видео снимките покажале дека тој со лакт го удрил Брехт Деџагер од Кортријк.[8]
Селтик
На 9 јули 2011 година, Вањама конечно направил трансер вреден 900,000 фунти во Селтик од Биршот, откако шкотскиот клуб претходната година не успеал да го доведе во своите редови.[9][10] Тој потпишал четиригодишен договор и станал првиот кениец кој заиграл во Премиер лигата на Шкотска. Вањама го одбрал бројот 67 во чест на Лисабонските лавови, победничкиот тим на Селтик во Купот на шампионите 1967 .[11][12]
На првиот лигашки натпревар на Вањама, Селтик загубил 1–0 од Сент Џонстоун на 21 август 2011 година. Вањама играл во одбраната наместо на неговата омилена позиција на средината на теренот.[13]
На 29 септември 2011 година, тој бил во почетниот тим на Селтик во натпреварот против Удинезе во Лига Европа кој завршил со реми од 1–1. Тоа бил негов прв европски натпревар за клубот.[14] На 10 декември 2011 година, Вањама го постигнал својот прв гол за Селтик во победата од 1–0 против Хартс на Селтик Парк.[15] Неговите настапи во месец декември му го донеле признанието најдобар млад играч на месецот во шкотската премиер лига.[16] Својот втор гол за Селтик тој го постигнал на 2 јануари 2012 година во победата од 3–0 над Данфермлајн.[17] Вањама постигнал гол во победата од 2–1 против Данди Јунајтед на Селтик Парк[18] и во победата од 4–0 над Хартс.[19]
Во октомври 2012 година, Вањама постигнал два гола против Сент Мирен, од кои вториот бил полуволеј од 23 метри.[20]
На 25 октомври 2012, агентот на Вањама во соопштение изјавил дека Вањама одбил нов подобрен договор од Селтик бидејќи неговите барања за плата не можат да бидат исполнети од клубот во услови на гласини за заинтересираност на клубови од Англија.[21] На 7 ноември, Вањама го постигнал првиот гол на натпреварот за Селтик во големата победа од 2–1 над Барселона на Селтик Парк во групната фаза од Лигата на шампионите.[22]
Саутхемптон
По многу шпекулации, на 11 јули 2013 година, Вањама потпишал за премиерлигашотСаутхемптон за сума од 12.5 милиони фунти,[23] со што станал првиот кениец кој заиграл во Премиер лигата.[24]
Своето деби за новиот клуб, Вањама го одиграл на 17 август 2013 година, во победата од 1–0 над Вест Бромвич Албион.[25] Тој одиграл 24 натревари во првата сезона, но повредите го спречиле да придонесе повеќе за клубот.[26]
Под водство на новиот менаџер Роналд Куман, Вањама се претставил во вистинско светло во сезоната 2014–15.[27] Тој го постигнал првиот гол за клубот во победата од 1–0 над Свонзи Сити на 20 септември 2014 година, откако го заменил Џејмс Ворд-Проус во 69. минута.[28] Следниот гол тој го постигнал во убдливата победа од 8–0 над Сандерленд на 19 октомври 2014 година.[29] Третиот гол за Светците, Вањама го постигнал на спектакуларен начин од 36 метри во победата од 1–0 над Хал Сити.[30] Неговите добри настапи му ја донеле наградата африкански играч на месецот за септември.[27]
Тотенхем Хотспар
На 23 јуни 2016 година, од премиерлигашот Тотенхем Хотспар објавиле дека постигнале договор со Саутхемптон за трансфер на Вањама,[31] кој се обврзал на петгодишен договор вреден 11 милиони фунти.[32] Вањама претходно работел со тренерот на Тотенхем, Маурисио Почетино, кој го довел во Саутхемптон во јули 2013 година.[33] Својот прв гол за Тотенхем, тој го постигнал на првиот натпревар пред домашна публика против Кристал Палас, во 82. минута од натпреварот кој завршил 1–0 за Тотенхем.[34]
Репрезентативна кариера
Вањама својот прв натпревар за репрезентацијата на Кенија го одиграл во мај 2007 година, на 15-годишна возраст против Нигерија.[5] Тој станал капитен на репрезентацијата во 2013 година.