Бура (северњак, север, италијански: bora) е многу силен ветар, кој повремено дува посебно во постудените времиња од годината во северниот дел на источните брегови на Јадранското Море, а и во некои други крајеви на Земјата.
Како природна појава е многу значаен овој ветар, бидејќи влијае врз животот на луѓето, организмите и развојот на растителноста. Бура доаѓа од копно и дува во правец на морето. Обично има голема речиси орканска сила, посебно на местата каде планините се блиску до морскиот брег.
Појава на бурата
Овој вид на ветар се појавува така што студениот воздух од копното се стрмоглавува низ планинските ланци и низ тесните приморски заливи кон морето, па струјата на воздухот постигнува голема брзина. Има изразена вертикална компонента на нишање (од таму го добил името паѓачки ветар) и турбуленција. Оваа одлика се огледа посебно во тоа што главната струја на ветерот не е еднолична, па така бура дува во бранови, при што послабиот и посилниот бран се менуваат на пократки или подолги периоди.
Општите предуслови за појава на бура покрај посебната топографска конфигурација (релативно стрмен брег, кој е на крајот од широк планински масив), мора да се поврзат две климатски различни подрачја (широк студен копнен појас и топло море).[1]
Од метеоролошка гледна точка, елементите што се потребни за да се појави бурата треба да делуваат со развојот на тлото. Предусловите доаѓаат до израз кога има значајна разлика меѓу температурата и воздушниот притисок. Ваквите услови се појавуваат редовно во зима, кога поларниот студен воздух ја покрива средна Европа и создава широк појас на висок воздушен притисок (антициклон), додека во јужна Европа има повисоки температури и понизок воздушен притисок.
Траење и брзина на бурата
Бурата може да трае и по неколку дена. Започнува нагло, а се намалува полека. Брзината на воздухот при удар на посилна бура често е поголема од 20 m/s (72 км/ч), што според скалата за силина на ветровите одговара на 9 степени. Понекогаш брзината е поголема од 50 m/s (околу 180 км/ч).[2] Одделни удари на бурата често и видно ја менуваат силата и правецот, а според правецот понекогаш многу се разликуваат од општиот правец на главната струја на ветерот. При бората е значајно што дневната сила на ветерот има двоен период: главниот максимум и минимум се околу 21 часот и 14 часот, а споредните се на 7 часа и 2 часа.
На својот пат кон морето, бурата со своите удари ја придвижува и ја крева морската вода, создавајќи немирно море. Морето го распрскува во многу ситни капки, од кои се создава магла, понекогаш и густа и непроѕирна. Бурата е силен и сув ветар, кој ја намалува температурата и влагата.
Опсег на бурата
Подрачјето што го опфаќа бурата не е големо, но при одредени услови може да владее на поголем дел од морскиот брег истовремено. Најсилно дува на брегот, во тесните приморски заливи и во премините на планинските сртови. На море подалеку од брегот, силата на бурата опаѓа нагло, и стигнува најмногу околу десетина морски милји. Понекогаш со голема сила ги зафаќа островите во Јадранското Море, а понекогаш дува само на еден дел од брегот.
↑A. Bajić, B. Peroš, V. Vučetić, Z. Žibrat, Wind load - a meteorological basis for Croatian standards, GRAĐEVINAR 53 (2001), page 501, (in Croatian); http://hrcak.srce.hr/file/18613