Обична блатна ластовица (науч. Glareola pratincola) — крајбрежна птица од семејствотоблатни ластовици. Необично за блатните птици, таа често лови инсекти во лет, слично на ластовиците со кои нема роднински врски, но имаат надворешна сличност. Секако, таа се храни и на земја.
Животната средина на блатната ластовица е отворената земја и често може да се види приквечер крај вода, ловејќи инсекти. Распространета е низ потоплите региони на Европа, југозападна Азија и Африка. Ја има и во Македонија. Таа е птица преселница која зимува во тропска Африка. Ретко може да се види посеверно од нејзиниот опсег.
Оваа птица е долга 24-28 см, со распон на крилјата од 60 до 70 см. Има кратки нозе, долги зашилени крилја, долга чаталеста опашка и краток клун, адаптиран за лов во воздух.
Грбот и главата ѝ се кафеави, а крилјата со малку потемна нијанса и многу темни завршетоци. Стомакот е бел, но вратот се прелева во жолтеникава нијанса. Има впечатлив жолт круг под клунот обрабен со црна линија, кој започнува од клунот, под очите и завршува на грлото. Под крилјата е костенлива, но во лет изгледа темно.
Потребно е добро познавање за оваа птица да ја разликуваме од многу сличните блатни ластовици, како што е на пример црнокрилата блатна ластовица која може да живее на истиот простор и има, исто така, костенлива боја под крилјата, но опашката ѝ е пократка.
Блатните ластовици образуваат мали, не многу густи колонии. Гнездото претставува мала јамичка среде ниска и ретка тревна површина. Несaт 2-4 јајца. По испилувањето, малечките остануваат во гнездото само 2-3 дена, а потоа се кријат во околните растенија.
Блатната ластовица е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.