Автопатната мрежа во Република Македонија изнесува вкупно 317 километри, со дополнителни 57 километри кои се во изградба, при што вкупната мрежа би изнесувала 374 км до 2021 година. Во 2020 се очекува да започне изградбата на делницата од Скопската обиколница до границата со Косово, а се планира и проектирање на автопат од Требеништа до Ќафасан. По завршувањето на тековните проекти, би имале солидна автопатна мрежа во споредба со ЕУ земјите. Ограничувањето на брзината е 130 км/ч, знаците се со зелена позадина, а хоризонталната сигнализација е со бели линии. Патарини се наплаќаат на наплатни рампи кои се оддалечени 20-40 км, а цената за патнички возила е од 30 до 80 денари.[1]
А1 автопатот (Пријателство) е дел од европскиот коридор Е-75 и ја поврзува границата со Србија со онаа на Грција, минувајќи низ Куманово, Миладиновци (клучка со А2), Петровец (клучка спрема Скопје), Велес, Неготино, Демир Капија, Гевгелија. Ова е првиот автопат изграден во државата, започнат уште во 1979 г.
Делот од Демир Капија до Смоквица беше двонасочен магистрален пат сè до 2018 год, кој поминува низ Демиркаписката Клисура, па така претставуваше опасна магистрала, особено за странските возачи кои поради преголема брзина или умор често предизвикуваа сообраќајни незгоди. Со изградбата на 28-те километри од автопатната траса, која се пушти во употреба во 2018 г., се зголеми безбедноста, но и се комплетираше македонскиот дел од Е-75.
А2 автопатот (Мајка Тереза) е дел од европскиот коридор Е-65. Автопатот е исто така дел од подолгиот национален коридор (државен пат) А2, кој ги поврзува ГП Деве Баир со ГП Ќафасан. Автопатот започнува кај клучката со А1/А4 кај Миладиновци и од тука продолжува на запад, поминува по обиколницата кај Скопје, па потоа го поврзува Тетово и завршува кај Гостивар. На 25 километарското растојание меѓу Тетово и Гостивар автопатот има по 2 ленти во двата правци, но е без помошна лента, па според некои стандарди е категоризиран како експресен пат.[2]
Во тек е изградба на делницата од Кичево до Охрид, која требаше да се изгради до 2018 год, но поради новонастанатите проблеми мораше да се проектира повторно, па крајниот рок за изградба се продолжи до 2021 г., а исто така има планови за автопатско поврзување и на најтешкиот дел од овој коридор, од Гостивар до Кичево кој поминува низ стрмни планински предели. Според категоризацијата од 2011 година, А2 почнува кај Деве Баир, но тие ги ставаат сите автопатишта, експресни и магистрални патишта во една категорија, а тука ги опишуваме само делниците кои се со автопатско решение.
Државниот пат А4 почнува кај Граничниот премин Блаце, потоа минува преку Скопје, Миладиновци, Штип, и Струмица, од кај што се раздвојува еден крак и продолжува до Граничниот премин кај Ново Село. Автопатски е поврзана само делницата од Миладиновци каде што има клучка со А1 и А2 до Штип, преку Свети Николе. Оваа 47 километарска делница е пуштена во употреба на почетокот на 2019 г.[3] Има план за изградба на автопат од Скопје до Блаце (граница со Косово), исто така дел од А4.
Иден Автопат А3
Државниот пат А3 ги поврзува ГП Делчево (граница со Бугарија) со ГП Меџитлија (граница со Грција), минувајќи преку Кочани, Штип, Велес, Прилеп и Битола, од кај што се раздвојува еден крак и завршува кај Подмоље, Охридско. Заклучно со 2021 година, А3 не е со автопатско решение, освен делницата од Три Чешми до Кадрифаково која е заедничка со А4. Во тек е проектирање на автопат од Битола до Прилеп, кој се гради моментално со помош на камен-темелниците на Коридорите 8 и 10д. Се разгледуваат и опции за финансирање на автопатски правци Велес - Прилеп, како и Битола - Меџитлија. Делницата Кочани - Штип е експресен пат кој може да се надогради во иднина.