Шеф на држава ― највисок претставник на државата во земјата и во странство. Според меѓународното право, шефот на државата е највисоко тело во надворешното претставување на државата, кој според уставниот поредок државата и според меѓународното право, ја претставува и ја застапува својата држава во меѓународните односи, и исто така во име на својата држава дава изјави и овластува други тела за застапување во меѓународните односи.
Шефот на државата може да биде:
Шефот на државата може да биде избран од гласачите на посредни (на пр. во Франција ) или на непосредни (на пр. претседател на САД ) избори, може да биде избран од парламентот (на пр. во Германија или Италија) или да биде избран од друго тело или интересна група, а во монархиите функцијата шеф на државата обично е наследна (но може да биде и изборна). Речиси секоја земја има свои особености при избор на шеф на државата. Незаконскиот начин да се дојде до позицијата шеф на државата се нарекува и државен удар (иако по државен удар не мора да има смена на шефот на државата).
Меѓународното право бара секоја држава, како субјект на меѓународното право, да има субјект на надворешно претставување т.е. тој да постои, односно да е познат, без разлика дали вршителот на оваа функција е индивидуално или колективно тело, имајќи го предвид фактот дека највисокиот орган на надворешно претставување на државата не мора да се совпаѓа со врховниот орган од уставниот поредок во државата.
Функциите на шефот на државата се разликуваат во зависност од политичкиот систем на одредена земја:
- претседателскиот систем кој е карактеристичен за САД и земјите од Латинска Америка . Во таков систем, шефот на државата е и шеф на владата и е на чело на извршната власт . Овластувањата на шефот на државата во тој систем се големи.
- полупретседателски систем, кој се разви во Франција, во кој извршната власт се дели заедно со владата
- парламентарен систем - карактеристичен за европските републики (и за Македонија), во кој овластувањата на шефот на државата се значително намалени, а неговата функција е речиси репрезентативна.
- еднопартиски систем, карактеристичен за комунистичките земји, во кои шеф на држава најчесто е колективно тело (президиум), на чело со претседател (кој е де факто шеф на државата)
Функции кои најчесто се поврзуваат со шефот на државата, и кои тој ги извршува, пред сѐ зависат од политичкиот систем на државата, односно од нејзиното уставно уредување:
- претставување на државата во земјата и странство
- шеф на извршната власт (во претседателски систем)
- доделување мандат за формирање влада и именување на други високи функционери во државата
- санкционирање на закони (ставање вето)
- назначување на дипломатски претставници на својата земја (предавање акредитиви) и примање акредитиви на странски дипломатски претставници акредитирани во земјата
- склучување на меѓународни договори
- водење на надворешната политика
- врховен командант на армијата
Во Република Македонија шеф на државата е претседателот на Републиката.