Од горе надолу, Бомбардирањето на Ла Монеда на 11 септември 1973 година од страна на чилеанските вооружени сили, новинар и војници за време на пучот, затвореници и жртви на тортурата приведени на Националниот стадион
На власт војскат поставила хунта која ги прекинала сите политички активности во Чиле и ги потиснала левичарските движења, особено комунистичките и социјалистичките партии и Револуционерното лево движење (МИР). Една година по државниот удар Пиноче се стекнал со врховна власт и бил формално прогласен за претседател на Чиле кон крајот на 1974 година.[4] Администрацијата на Никсон, која работела на создавање услови за државен удар,[5][6][7] веднаш ја признала владата на хунтата и ја поддржала во консолидирањето на моќта.[8]
Превратот го означил почетокот на насилната, постојана кампања за политичко потиснување преку тортура, убиства и егзил, за да се ослаби левичарската опозиција ва режимот на Пиноче во Чиле.[9][10]
Политички услови
Аљенде освоил најмногу гласови на претседателските избори во 1970 година; тој освоил 36,6% од гласовите, што е само еден и пол процент повеќе од неговиот конкурент од десничарската Национална партија Хорхе Алесандри Родригес и 8% повеќе од кандидатот на центристичката Христијанско-демократска партија (ЦДА) Радомиро Томиќ.[11] И покрај тоа, според чилеанскиот устав, бидејќи ниту еден од кандидатите не победил со апсолутно мнозинство, претседателот требало да го избере конгресот од двајцата кандидати со најмногу гласови. Во Конгресот, Народното единство имало 80 од 200 места, ЦДА имала 75. На 24 октомври, Конгресот го избрал Аљенде за претседател, откако тој ги добил гласовите од пратениците на ЦДА по потпишаниот Статут за уставни гаранции договорен со демохристијаните.[12]
Затоа што „Народно единство“ немала мнозинство во парламентот, тие морале да состават централно-левичарска коалиција со ЦДА која ќе им обезбеди стабилна власт во државата. Но, власта почнала да води радикална политика, неприфатлива за централно ориентираните пратеници, и ја загубила поддршката од мнозинството народ и од парламентарното мнозинство. Преговорите со Христијанско-демократската партија заглавиле по атентатот на лидерот на десното крило на Христијанско-демократската партија, Суховиќ, (јуни 1971) од страна на ултралевичарски терористи. По ова, во парламентот, ЦДА и Националната партија формирале десничарско мнозинство, а пред парламентарните избори во март 1973 година ја создале Конфедерацијата за демократија, која победила добивајќи 55,49% од гласовите на Домот на пратеници и 57,25% во Сенатот.[13]
Социјалистички реформи
Откако дошле на власт, социјалистите, како што ветиле, почнале со масовна експропријација на земјиштето и претпријатијата. Сите поголеми приватни компании и банки веднаш биле национализирани. Во првите две години од работата на Националното единство, експроприрани биле околу 3.500 имоти со вкупна површина од 500.000 хектари земја, што е приближно една четвртина од целокупното обработувано земјиште во државата.[14]
Штом ги дознале резултатите од изборите во 1970 година, крупните сточари почнале да го колат добитокот за да не им го земат новите власти. Конкретно, Здружението за сточарство на Tierra del Fuego заклало 130.000 стелни крави и уште 360.000 јуници биле пратени во кланиците. Другите сточари, чии имоти биле долж границата со Аргентина, своите стада ги преселиле во Аргентина.[14]
Странска вмешаност
Соединети Американски Држави
За време на национализацијата се појавиле тензии со САД. Северноамериканските фирми, кои интензивно инвестирале во индустријата за топење бакар во Чиле, одбиле да прифатат „компензација“ за претпријатијата кои им биле одземени. Доктрината на Аљенде сугерирала дека национализираните фирми во бакарниот сектор треба да бидат компензирани минус „вишокот профит“ (износ што го надминува реинвестираниот профит и 10-12% од нето добивката). Како одговор, во јануари 1972 година, претседателот Никсон објавил дека САД ќе ја прекинат помошта која им ја даваат на Чиле и дека „ќе ја повлечат поддршката за заемите што чекаат на одобрение во меѓународните банки за развој.“ Даноците на приватните сопственици биле зголемени за 50 проценти.[15]
Извештајот доставен до Сенатот „Тајните операции на САД во Чиле, 1963-1973“ покажува дека веќе во 1970 година помошта на САД за Чиле од 28,8 милиони долари била намалена на 3,3 милиони долари, а во 1971 година биле прекинати трансакциите на американската Експорт-импорт банка во Чиле. Од 1971 до 1973 година, било прекинато кредитирањето на Светската банка, кое до 1970 година изнесувало до 60 милиони долари годишно. .
Многу луѓе од различни делови на светот веднаш се посомневале дека САД игра валкана игра. Во раните извештаи во весниците, САД негирале секаква вмешаност или претходни сознанија за пучот.[16][17] Поттикнат од инкриминирачка статија на Њујорк Тајмс, американскиот Сенат отвори истрага за мешањето на САД во Чиле.[17]
Во извештајот се наведува дека ЦИА „активно ја поддржувала воената хунта по соборувањето на Аљенде, но не му помогнала на Пиноче да го преземе претседателството“.[18] По прегледот на снимките од телефонските разговори меѓу Никсон и Хенри Кисинџер, Роберт Далек заклучил дека и двајцата ја користеле ЦИА за активно да ја дестабилизираат владата на Аљенде. Во еден конкретен разговор за веста за соборувањето на Аљенде, Кисинџер се пожалил на непризнавањето на американската улога во соборувањето на „комунистичката“ влада, на што Никсон забележа: „Па не – како што знаете – нашата раката не се гледа овде“.[19] Подоцнежен извештај на ЦИА наведува дека американски агенти одржувале блиски врски со чилеанската војска за да собираат разузнавачки информации, но не биле направени напори да им се помогне и „под никакви околности не се обиделе да влијаат врз нив“.[20]
Обединето Кралство
Во септември 2020 година, документот „Декласифицираното ОК“ открива дека владата на ОК се мешала во демократијата на Чиле:
За време на лабуристичката влада на Харолд Вилсон (1964–1970), тајна единица на Форин Офис иницираше пропагандна офанзива во Чиле со цел да го спречи Аљенде, водечката социјалистичка фигура во Чиле, да ја освои власта на два претседателски избори, во 1964 и 1970 година.
Единицата - Одделот за истражување на информации (IRD) - собираше информации со намера да му наштетат на Аљенде и да им даде легитимитет на неговите политички противници и го дистрибуираше материјалот до влијателни личности во чилеанското општество.
ИРД, исто така, сподели разузнавачки информации за левичарските активности во земјата со американската влада. Британските функционери во Сантјаго ѝ помогнаа на медиумска организација финансирана од ЦИА, која беше дел од опсежната американска тајна акција за соборување на Аљенде, што кулминираше со пучот во 1973 година.[21]
Австралија
Станица на Австралиската тајна разузнавачка служба (ASIS) била основана во Чиле во австралиската амбасада во јули 1971 година на барање на ЦИА и овластена од тогашниот министер за надворешни работи на Либералната партија Вилијам Мекмахон. Новоизбраниот лабуристички премиер Гоф Витлам бил информиран за операцијата во февруари 1973 година и потпишал документ со кој наредува затворање на операцијата неколку недели подоцна. Сепак, се чини дека последниот агент на АСИС не го напушти Чиле до октомври 1973 година, еден месец откако државниот удар ја соборил владата на Аљенде.
Во јуни 2021 година, Клинтон Фернандес, поранешен разузнавачки аналитичар, објавил дека се обидува да ги потврди гласините за вмешаност на Австралија во пучот, и сака декласификација на клучни документи.[22] На 10 септември 2021 година, еден ден пред 48-годишнината од пучот, декласифицираните документи потврдиле дека Мекмахон го одобрил барањето на ЦИА да спроведе тајни операции во Чиле.[23]
Тек на настаните
Воениот удар започнал ноќта спроти 11 септември 1973 година на бродовите на чилеанската морнарица, кои заедно со американската морнарица учествувале во воените вежби „Унитас“ во близина на брегот на Чиле. Неколку стотици (точниот број е непознат) морнари и офицери - поддржувачи на Народното единство - биле застрелани, а нивните трупови фрлени во морето. Еден од командантите на воените бродови, бил уапсен и сместен во импровизиран затвор на островите Кирикин.[24]
Во 7:00 часот на 11 септември 1973 година, бродовите на морнарицата го бомбардирале пристаништето и градот Валпараисо, а потоа се истовариле војниците и го зазеле градот. 3.000 луѓе, жители на градот биле приведени. Претседателот Аљенде бил информиран за активностите на морнарицата; веднаш со своите телохранители се упатил во претседателската палата. До 8:00 часот, Армијата ги затворила повеќето радио и телевизиски станици во градот Сантјаго; Воздухопловните сили ги бомбардирале преостанатите активни станици; Претседателот добил нецелосни информации и бил убеден дека само еден сектор од морнарицата прави заговор против него и неговата влада.
Аугусто Пиноче, генерал на армијата, и Густаво Ли, генерал на воздухопловните сили, не одговарале на телефонските повици на Аљенде до нив. Генералниот директор на Карабинерос (униформирана полиција), Хосе Марија Сепулведа, и шефот на истражната полиција (детективи во цивил), Алфредо Жоигант одговориле на повиците на Аљенде и веднаш се упатиле во претседателската палата Ла Монеда. Откако министерот за одбрана Летелиер пристигнал во Министерството за одбрана, контролирано од адмирал Патрисио Карвахал, бил уапсен како прв затвореник на државниот удар.
Околу 9:00 часот карабинерите на Ла Монеда ја напуштиле зградата.[25] До 9:00 часот, вооружените сили го контролирале Чиле, освен центарот на главниот град Сантјаго. Аљенде одбил да се предаде, и покрај тоа што војската изјавила дека ќе ја бомбардира претседателската палата Ла Монеда доколку се спротивстави да биде сменет.
Во 9:10 часот, Радио Магаланес, последната станица која работела како поддршка на Аљенде, го емитувала последното обраќање на претседателот до чилеанскиот народ. Аљенде одржал проштален говор,[26] во кој ја известил нацијата за државниот удар и дека одбива да поднесе оставка од неговата функција под закана. За време на емитувањето на апелот, радиостаницата била бомбардирана, а потоа и заземена од бунтовниците. Сите вработени кои биле во зградата на радиостаницата (според различни извори, од 46 до 70 луѓе) биле убиени.[27]
Во 9 часот и 15 минути, бунтовниците под команда на генералот Хавиер Паласиос започнале со гранатирање и упад во претседателската палата „Ла Монеда“, бранета од околу 40 луѓе. Нападот бил извршен со учество на тенкови и авиони. Понудата на бунтовниците за предавање во замена за дозвола непречено да го напуштат Чиле била одбиена од бранителите на Ла Монеда. Во 14:20 часот била заземена зградата на претседателската палата. Починал претседателот С. Аљенде. Според официјалната верзија на хунтата, (потврдена во 2011 година по ексхумацијата на телото на Аљенде) тој извршил самоубиство.[28][29] Пред објавувањето на резултатите од ексхумацијата во 2011 година, имало шпекулации дека Аљенде бил убиен.[29]
Официјално, состојбата на „опсадна состојба“ воведена за време на државниот удар продолжила еден месец по 11 септември. Долго време се тврдело дека во овој период во Чиле биле убиени над 30 илјади луѓе,[30] но подоцна, според официјалните податоци, бројот на загинати и исчезнати бил утврден на 3.225 лица. Над 37 илјади луѓе биле подложени на тортура.[31] До август 2011 година, специјална комисија предводена од бискупот Серхио Валех го документирала идентитетот на 3.065 жртви на теророт.[32] Сите вонсудски убиства извршени за време на воениот удар во 1973 година биле дел од амнестијата што ја објави Пиноче во 1978 година. Законот за амнестија не бил укинат по падот на диктатурата на Пиноче, а чилеанските судови не ги разгледале барањата од жртвите на државниот удар во 1973 година. Меѓутоа, досега се осудени дел од најактивните учесници во теророт на Пиноче - М. Контрерас, М. Краснов, М. Морин Брито.
↑ 17,017,1Gustafson, Kristian (2007). Hostile Intent:U.S. Covert Operations in Chile, 1964–1974. Washington, D.C.: Potomac Books. стр. 12, 203.
↑CIA Activities in Chile, 18 September 2000, Архивирано од изворникот на 12 June 2007, To respond to Section 311 of the Intelligence Authorization Act for Fiscal Year 2000 (referred to hereafter as the Hinchey Amendment), the Intelligence Community (IC), led by the National Intelligence Council, reviewed [...]
↑
Shane, Scott (18 April 2007), „Robert Dallek on Nixon and Kissinger“, The New York Times, Архивирано од изворникот на 14 January 2014, [...] phone call reacting to news of the 1973 coup in Chile [...] Kissinger grumbled [...] that American newspapers, 'instead of celebrating,' were 'bleeding because a pro-Communist government has been overthrown.' 'Isn't that something?' Nixon remarked. 'In the Eisenhower period, we would be heroes,' Kissinger said. 'Well, we didn't – as you know – our hand doesn't show on this one,' the president said.
Cronología, Salvador-Allende.cl, првично објавено во Архиво Салвадор Аљенде, број 14. Обемна локација на шпански јазик што обезбедува хронологија од ден на ден на ерата на Аљенде. Ова е очигледно партиски, про-Аљенде извор, но истражувањата и деталите се огромни. (на шпански)