Хрватските народни носии се дел од културното наследство на хрватскиот народ и се со исклучително широк спектар на различни носии. Народните носии и фолклорот се неразделно поврзани со начинот на живот и ги одразуваат социјалните и културните одлики на соодветните географски региони и поднебја каде што живеат Хрватите.
Тие се одлика на уметничките разбирања и одразуваат различни историски влијанија. Хрватските народни носии се разновидни и раскошно изработени. До половината на 19-тиот век, ги носеле воглавно жителите на селските подрачја. По начинот на облекувањето се препознавало од кој регион потекнува личноста. Хрватските народни носии можат грубо да се поделат на носии од јадранскиот, панонскиот и динарскиот дел од Хрватска.