Финалето на Светското првенство во фудбал 1998 година бил фудбалски натпревар со кој се одредил победникот на Светското првенство во фудбал 1998 година. Ова било 16-тото финале на Светското првенство, турнир на кој учествуваат фудбалските репрезентации кој се членки на ФИФА. Финалето било одиграно на Стад де Франс во Сен Дени на 12 јули 1998 година.
Во финалето играле репрезентациите на Бразил, бранителот на титулата од претходното издание,[2] и домаќинот Франција. Така ова Светско првенство останало забележано, по тоа што за првпат во историјата на натпреварувањето во финалето се сретнале домаќинот на турнирот и бранителот на титулата.[3] Натпреварот завршил со победа на Франција со убедливи 3-0, со што тие го освоиле своето прво Светско првенство, а самото време на одигрување натпреварот на два дена пред државниот празник „Денот на Бастилја“ дало дополнителен шмек на победата и поводи за уште поголема радост и прослава кај французите.[4][5] Херој во финалето за триколорите бил Зинедин Зидан (подоцна избран и за играч на натпреварот) со двата гола постигнати во првото полувреме, додека Емануел Пети го постигнал третиот гол длабоко во судиското продолжение од второто полувреме за да ја запечати победата и титулата на Франција.
Франција станала седмата земја која триумфирала на Светското првенство и шеста која тоа го сторила на домашен терен по Уругвај (1930), Италија (1934), Англија (1966), Западна Германија (1974) и Аргентина (1978). Ова исто така, било и првото финале за Франција, по поразите во полуфиналето во 1958, 1982 и 1986 година.
Патот до финалето
Бразил
Бразил бил извлечен во групата А од групната фаза заедно со Шкотска, Мароко и Норвешка. Тие забележале победи во првите два натпревари над Шкотска (2–1) и Мароко (3–0), со кои ја обезбедиле првата позиција во групата, пред да бидат поразени од Норвешка со 1–2 во нивниот последен натпревар од групната фаза.
Во осминафиналето бразилците се сретнале со второпласираната репрезентација од групата Б, Чиле, која ја совладале со убедливи 4–1, со головите на Роналдо и Сесар Сампајо (двајцата постигнале по два гола). Во четвртфиналето, тие играле против Данска, која ја совладале со тесен резултат 3–2. Иако данците повеле со 1–0 со раниот гол на Мартин Јоргенсен уште во втората минута, Бразил го свртел натпреварот во своја полза со головите на Бебето и Ривалдо. Бријан Лаудруп изедначил за Данска по 50 минути игра на 2-2, но победата на Бразил им ја донел Ривалдо со својот втор гол десеттина минути подоцна.
Во полуфиналето, Бразил се соочил со Холандија во Марсеј. Натпреварот завршил 1–1 по 90 минути игра, а стрелци на головите биле Роналдо на почетокот на второто полувреме и Патрик Клајверт кој изедначил за Холандија во 87-мата минута. Нерешниот резултат значел дека натпреварот ќе оди во продолженија, каде не бил постигнат златен гол, по што морал да се реши по изведување пенали. Бразил победил со 4–2 по изведување на пеналите и се пласирал во одново во финалето како и на турнирот пред четири години одржан во САД.
Франција
Франција била извлечена во групата Ц заедно со Данска, Јужна Африка и Саудиска Арабија. Тие ја отвориле првенството со лесна победа од 3–0 над Јужна Африка, по што следела резултатски уште поубедлива победа со 4–0 над Саудијска Арабија. Првото место во групата французите го обезбедиле после третата победа во групата, совладувајќи ја Данска со 2–1 со головите на Јури Џоркаеф и Емануел Пети.
Во следната фаза, тие се сретнале со второпласираната селекција од групата Д, Парагвај. Во натпреварот кој ќе се покаже како еден од најтешките за Франција на турнирот, тие победиле со 1-0 по продолженија благодарение на златниот гол постигнат од страна на Лоран Блан. Во четвртфиналето Франција ја очекувало европското дерби против дотогашниот трикратен Светски првак Италија. Натпреварот бил доста неизвесен и напнат, завршувајќи без голови 0–0, по што следеле нови продолженија за Франција но овојпат и пенали. Франција победила со 4–3 по изведувањето на пеналите, а клучно се покажало промашувањето на италијанскиот фудбалер Лујџи Ди Бјаџо кој ја погодил пречката.
Во полуфиналето, домаќинот се сретнал со изненадувањето на турнирот, репрезентацијата на Хрватска. После првото полувреме во кое немало голови, Хрватска прва дошла во водство уште во првата минута од второто полувреме со петтиот гол на турнирот на Давор Шукер. Меѓутоа радоста на хрватите кратко траела, бидејќи Франција веднаш одговорила преку Лилијан Тирам, кој го постигнал својот прв гол за репрезентацијата во својата кариера. Дваесеттина минути подоцна, Тирам погодил уште еднаш за целосен пресврт и за пласман на Франција во првото историско финале за нив. Натпреварот завршил со контроверзии, кога Блан бил исклучен по пресметката со хрватот Славен Билиќ. Билиќ паднал на земја, наводно од болка, но повторените снимки сепак покажале дека имало минимален контакт помеѓу играчите. Исклучувањето на Блан значело дека тој ќе го пропушти финалето.
Натпреварот
Преглед на натпреварот
Денот на натпреварот го одбележиле шпекулации за состојбата на бразилскиот напаѓач Роналдо, кој имал епилептичен напад во попладневните часови.[6][7][8] Откако првично бил изоставен од списокот со повикани играчи за натпреварот, и покрај неговата физичка состојба, само 72 минути пред почетокот на натпреварот било објавено дека тој ќе игра.[4][8] Што навистина се случило со него тој ден, до денес останува неразјаснета мистерија иако постојат многу теории.[8]
На првиот гол во финалето се чекало до 27-мата минута, кога Зинедин Зидан го „разбил“ Леонардо во воздухот и со силен и прецизен удар со глава и донел водство на Франција по корнерот од десната страна изведен од Емануел Пети. Само неколку минути подоцна, Роналдо бил изведен во добра ситуација напред со долга топка од Дунга, но тој не успеал да ја стигне пред голманот Фабиен Бартез, кој се судрил со бразилскиот напаѓач. И на двајцата им била потребна помош од медицинските екипи, но брзо се опоравиле. Плејмејкерите на бразилската репрезентација Леонардо и Ривалдо биле одлично затворени од Дидје Дешан и Кристијан Карембе, а на бразилците исто така им било тешко да ги надиграат французите и по страничните позиции каде бековите на триколорите Биксант Лизаразу и Лилијан Тирам помогнале во целосно неутрализирање на нивните колеги од спротивната страна во офанзива, па така Кафу и Роберто Карлос не биле во можност да придонесат многу во нападот на Бразил, како што тоа го правеле на претходните натпревари на турнирот.[9] Во судиското продолжение од првото полувреме, Франција имала одлична шанса да го удвои своето водство кога по грешката на двајцата централни дефанзивци на Бразил, Жуниор Бајано и Алдаир, топката стигнала до Стефан Гиварш оставајќи го во ситуација еден на еден со Клаудио Тафарел, но удар на францускиот напаѓач бил слаб и Тафарел го одбранил избивајќи ја топката во корнер. И само една минута подоцна дежа ву: корнер за Франција, но овојпат Јури Џоркаеф нафрли од левата страна, а Зидан е одново на вистинското место повторно стрелајќи со глава го совладува Тафарел за 2-0 за Франција во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме.[10] Тоа бил и резултатот со кој се заминало на одмор.
Во второто полувреме, Роналдо имал шанса да ја преполови негативата. Топката паднала пред него во шеснаесетникот, но неговиот удар завршил само во прегратките на Бартез. Бразил имале и друга шанса во завршницата кога Денилсон ја погодил пречката од добра позиција во казнениот простор.[11] Од друга страна Франција била близу до трет гол кога замената Кристоф Дугари излегол во одлична позиција, но шутирал многу неспретно и топката завршила покрај голот на Бразил. Во последните нешто повеќе од 20 минути, Бразил имале и играч повеќе по исклучувањето на Марсел Десаи, кој заработил втор жолт картон за прекршок направен над Кафу.[12] Но ниту тоа многу не им помогнало да се сменат работите на теренот. И конечно во третата минута од судиското надополнување, играчот за врска Емануел Пети ја запечатил победата на домаќините на турнирот со трет гол во мрежата на јужноамериканците, откако добиената топка од неговиот соиграч од Арсенал Патрик Виера, успеал да ја смести во десниот долен агол од мрежата на Тафарел.
Детали
Статистика
|
Бразил
|
Франција
|
Голови |
0 |
3
|
Вкупно удари |
12 |
14
|
Удари во рамка |
6 |
5
|
Прекршоци |
15 |
13
|
Офсајди |
5 |
3
|
Жолти картони |
1 |
4
|
Црвени картони |
0 |
1
|
По натпреварот
Франција станала шестата од - заклучно со 2018 година - седум земји што го освоиле Светското првенство во својот прв настап во финалето, 32 години по последната екипа која го сторила тоа, Англија (во 1966). Исто така, станала и шестата и - заклучно со 2018 година - до денес последната земја која триумфирала на домашно тло. Десаи станал првиот играч кој добил црвен картон и го освоил Светското првенство.
За Бразил, ова бил само вториот пат кога тие се нашле на губиничката страна во некое финале на Светско првенство, по нивниот пораз со 2–1 од Уругвај во таканареченото де факто финале на Светското првенство 1950 на домашно тло, познато и како Мараканазо во Бразил. Резултатот од 3-0 значел најтежок пораз за Бразил на Светските првенства, сè до срамотниот пораз со 7–1 од Германија во полуфиналето на првенството во 2014, кое исто така се играло во Бразил.
Претседателот на Франција Жак Ширак, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Хуан Антонио Самаранч, новоизбраниот претседател на ФИФА Сеп Блатер и неговиот претходник Жоао Хавеланж, претседателот на УЕФА Ленарт Јохансон, и копретседателот на локалниот организациски комитет Мишел Платини биле меѓу присутните на трибините за време на церемонијата на доделувањето на наградите. Претседателот Ширак му го доделил трофејот на францускиот капитен Дидје Дешан, по што започнала прославата на французите.[13]
По овој историски и најголем успех во историјата на француската репрезентација, тие успешно се квалификувале за Европското првенство 2000 што се одржало во Холандија и Белгија, каде ја потврдиле својата доминација во репрезентативниот фудбал во овие две години освојувајќи ја титулата и таму совладувајќи ја Италија со 2-1 во финалето по продолженија.[14] Бразил ја освоил титулата на Копа Америка во 1999 и го освоил следното Светско првенство во Јапонија и Јужна Кореја.[15][16] Франција пак таму станала првиот бранител на титулата кој ќе биде елиминиран во првата фаза на турнирот, пред да се врати во финалето во 2006 година. Тие го совладале Бразил со 1-0 во четвртфиналето на патот до тоа финале каде загубиле од Италија по изведување на пенали.
Наводи
Надворешни врски
|
---|
| Турнири | |
---|
| Финалиња | |
---|
| Состави | |
---|
| Квалификации | |
---|
| Статистики | |
---|
| Разно | |
---|
| 1Одлучувачки натпревар од финалната група. 2Немало квалификации учесниците добиле право на настап единствено по пат на покана. |
|