Српската агресија врз Македонија (1994) се случи на 14 јуни 1994 година, кога Војската на СР Југославија влезе 250 метри на територијата на Република Македонија кај местото Чупино Брдо, близу селото Луке, кај Крива Паланка. Според српски извори дошло и до минофрлачки оган од страна на војската на АРМ. Инцидентот на Чупино Брдо воедно и е прва акција на тукушто ново формираната единица „Волци“. Противправното воено заземање на дел од македонскиот државен простор на моменти се закануваше да прерасне во отворен вооружен судир помеѓу Војската на СРЈ Југославија (денешна Србија) и Армијата на Република Македонија (АРМ).[1]
Војската на СР Југославија се повлече од Чупино Брдо на 2 јули 1994 година, без да има жртви или повредени кај двете страни.[2]
Настанот
Граничен инцидент на Чупино Брдо на македонско - српска граница
На 14 јуни 1994 година беше извршено противправно уфрлување на официјални воени единици на Војската на тогашна СРЈ (Војската на Југославија [ВЈ]) на државниот простор на Република Македонија, односно беше извршено военото заземање од страна на ВЈ на врвот Стража (кота 1703) кај Чупино брдо. Прв индикатор за постоење на готовност и спремност за примена на политичко насилство спрема Република Македонија претставуваше противправното уфрлување на официјални воени единици на Војската на (тогашна) СРЈ на државниот простор на Република Македонија на 9 јуни 1994 г., односно военото заземање на врвот Стража (кота 1703) кај Чупино брдо. Ова противправно воено заземање на дел од македонскиот државен простор на моменти се закануваше да прерасне во отворен вооружен судир помеѓу Војската на СРЈ/Србија и Армијата на Република Македонија (АРМ). По преземањето на дипломатски чекори на Владата на Република Македонија и со посредство на УНПРОФОР, кој оствари непосредни контакти со претставници на СРЈ, припадниците на Војската на СРЈ се повлекоа од врвот Стража на 3 јули, односно на последниот ден од рокот предвиден за повлекување.
Постои веројатност дека овој облик на политичко насилство од позиции на големосрпски хегемонизам беше пресметан и комбиниран со економското и транспортното ембарго спрема Република Македонија од страна на Грција со што дополнително ќе беа онеспособени транспортните капацитети на одредени патни правци. Инаку, од воено-стратегиски аспект на Војската на СРЈ, противправното воено заземање беше реализирано во услови на солидна концентрациона основа и релативно поволни воено-географски услови за отпочнување и поддршка на воени дејства во општиот правец на воени дејства од север, конкретно, во зоната на јужноморавскиот-вардарски оперативен правец. Од аспект на просторот на противправното воено заземање/запоседнување, се работи за спореден правец, односно правецот Чупино Брдо – с. Луке кој е тешко прооден и погоден исклучиво за пешадиски единици во јачина од 2-3 лесни пешадиски батаљони, кои по длабочина би биле воведувани во повеќе ешалони. Во ваква варијанта на воена агресија со ограничена цел, како стратегиски објекти и цели на агресорот најверојатно ќе беа првенствено Скопје (негово заземање или закана со заземање), а потоа и Куманово и Тетово.[3]
Србите ја тестираат новата македонска војска?
Една од најверојатните претпоставки за инцидентот е самото формирање на АРМ во 1992 година, а особено на елитната единица „Волци“. Нејзин основач, како што е познато, е тогашниот капетан од прва класа Мирослав Стојановски. Поранешниот командант на антитерористичката единица на ЈНА сместена во Ниш важел за мошне способен специјалец. Стојановски е уште поинтересен бидејќи пред доаѓањето во Македонија учествувал во агресијата на ЈНА на Хрватска. Хрватските ветерани го обвиниле дека учествувал во масакр на хрватски цивили, но не е поднесено обвинение.
Поврзано
Наводи