Како дете, Пауер играл рагби; неговиот брат Леон играл за Брамбис, а денес игра за Ојона рагби. Меѓутоа, на 13 години, Пауер го повредил коленото. Рехабилитацијата од повредата вклучувала возење велосипед на велодромот во Перт. Пауер се приклучил на групните возења и една година подоцна, возел на националните првенства. Продолжил да вози во различни возразни категории во подоцнежните години.[2]
Пауер се приклучил во националната програма во 2013 година. Таа сезона освоил две трки (етапа на Џиро дела Луниџана и еднодневната трка Трофео Буфони) и забележал неколку други високи пласмани.[2][3] Потоа, бил избран да вози на јуниорската трка на Светското друмско првенство во Фиренца. Нападнал во последниот круг на трката во обид да ја достигне водечката група, но бил достигнат и завршил на 19. место.[2]
На почетокот на сезоната 2014, Пауер настапил на националното друмско првенство под 23 години, завршувајќи втор зад Кејлеб Јуан. Потоа, го имал својот прв професионален настап на Хералд Сан Тур 2014, каде завршил четврти во младинскиот пласман.[2][4] Следна трка на Пауер биле океанските друмски првенства; завршил втор на елитната трка освоена од Лук Дарбриџ и ја освоил друмската трка под 23 години.[2] Бодовите од оваа трка му ја овозможиле победата на Океанската турнеја 2014.[5] По овој резултат потпишал со Џајко-АИС Светска турнеја Академија и имал завршница на подиумот на првата трка за екипата.[2] Следеле и други победи во сезоната, како и седмото место на професионалната Трка околу Азербејџан.[6] Во текот на Трката околу Азербејџан, Пауер бил опишан од Јуан како „неверојатно талентиран“.[2]
Пауер настапил за Австралија на Тур де л’Авенир 2014, најважната етапна трка за возачи под 23 години. Имал пет завршници меѓу најдобрите десет, вклучувајќи го второто место зад Мигел Анхел Лопес во меѓусебниот спринт на шестата етапа.[6] Завршил на второто место во генералниот пласман, 30 секунди зад Лопес.[7] Завршната трка на Пауер во сезоната била друмската трка под 23 години на Светското првенство; неговиот колега Кејлеб Јуан завршил втор, додека Пауер завршил со главната група на 35. место.[8]
Професионална кариера
Пауер го имал својот прв настап на трка од Светската турнеја на Тур Даун Андер 2015, возејќи за екипата УниСА-Австралија. Бил најмлад возач на трката; завршил на 41. место и 10. во пласманот за млад возач.[9][10] На трката било објавено дека потпишал со екипата Орика-ГринЕЏ за сезоната 2016,[11] заедно со Џек Хејг и Алекс Едмондсон. Бил опишан од спортскиот директор Мат Вајт како „еден од највозбудливите таленти за искачување што ги има видено австралискиот велосипедизам во долг, долг период“.[9] Потоа, Пауер возел на Хералд Сан Тур 2015. Го преземал водството во планинскиот пласман на првата етапа откако нападнал рано на етапата. На крајот го освоил пласманот за млад возач, второто место во планинскиот пласман и шестото место во генералниот пласман.[10][12] По сезона со јуниорски трки во Европа, на кои забележал етапна победа и победа на Џиро дела Вале д’Аоста, Пауер бил избран за настап на Тур де л’Авенир 2015, каде бил сметан за еден од фаворитите за победа. Меѓутоа, бил приморан да се повлече една недела пред трката поради повреда на коленото.[13]
Орика-ГринЕЏ (2016–2018)
Во ноември 2015 година бил дијагностициран со ретка форма на едема на коскена срж[14] поради што својата прва трка со екипата Орика-БајкЕксчејнџ ја имал дури во август 2016 година.[15] Се вратил на трките на Класик Арнем-Венендал, пред да вози 13 дена пред крајот на годината, возејќи на Трката околу Британија и имајќи го својот прв настап на велосипедскиот монумент Џиро ди Ломбардија, каде му помогнал на колегата Естебан Чавес да дојде до победа. Во шестата и последна трка во сезоната, Јапонски куп, го имал својот прв професионален подиум, завршувајќи трет зад Давиде Вилела и колегата Кристофер Јул-Јенсен.[16][17]
Во 2018 година, Пауер имал активен и агресивен настап на Страде Бјанке, каде завршил шести,[18] пред да ја освои неговата прва професионална победа во јули на Пруеба Вилјафранка де Ордисија, завршувајќи еден-два со колегата Сајмон Јејтс.[19]
Тим Санвеб (2019–2020)
Во септември 2018 година, Тим Санвеб објавиле дека потпишале двегодишен договор со Пауер од 2019 година.[20] Во мај 2019 година бил вклучен во почетниот состав за Џиро д’Италија 2019.[21] Во август 2019 година бил вклучен во почетниот состав за Вуелта а Еспања 2019.[22]
Тим Кубека Асос (2021)
Во декември 2020 година, Пауер потпишал едногодишен договор со Тим Кубека Асос за сезоната 2021.[23] Поради финансиски проблеми, екипата се распаднала на крајот на сезоната 2021 и Пауер се повлекол од професионалниот велосипедизам.[1]