Чиле се дели на 15 региони (шпански: regiones; едн. región), кои претставуваат врховна административна единица на државата. На чело на секој регион стои настојник (intendente), кој го назначува претседателот, како и посредно избрано тело наречено „регионален совет“ (consejo regional).
Регионите потоа се делат на покраини. Со секоја покраина раководи управник (gobernador), кој е исто така назначен од претседателот. Во земјата има вкупно 54 покраини. Секоја покраина се состои од општини.
Редни броеви
Секој регион има римска бројка пред самото име (на пр. IV Región de Coquimbo - „Четврти регион Кокимбо“). При создавањето на регионалната поделба на земјата, властите згодно ја поделиле земјата на набројани региони од I (најсеверен) до XII (најјужен). Престолнинскиот регион во средината на земјата ја носел посебната ознака „RM“, (Región Metropolitana) наместо бројка. Во поново време овој правилен редослед е нарушен со создавањето на XIV регион на југ и XV на север (XIII не се користи) во 2007 г.