Винарска визба „Попова Кула“ — винарска визба во близина на градот Демир Капија, во рамките на Тиквешкото Виногорје. Визбата започнала да се гради во 2004 година и спаѓа во редот на сосема нови винарски визби во Македонија, изградени целосно од почеток.
Винарницата е единствен производител во светот на вино од автохтоната македонска сорта на грозје „станушина“. Покрај оваа сорта, винарницата е една од малкуте преостанати винарници на Балканот, која произведува вино од сортите: „прокупец“, „жилавка“ и „темјаника“.
Воедно, винарската визба „Попова Кула“ прва направила вино „бела станушина“ од нивната автохтона и една од најстарите сорти во светот.[1]
Местоположба
Визбата и лозовите насади наоколу се наоѓаат на јужните падини на Велико Брдо, западно и веднаш над гратчето Демир Капија, во непосредна близина на автопатот „Александар Македонски“ (Е75). Визбата е сместена на „Булеварот на виното“, асфалтен пат кој води од градот до самата винарија.
Областа околу Демир Капија влегува во рамките на поширокиот Повардариски вински регион. Областа поседува идеални услови за одгледување на винова лоза, а луѓето во овој регион произведувале вино уште од XIII век пр.н.е.
Потекло на името
Името на винарската визба „Попова Кула“ било добиено по значајна кула која постоела на местото на кое се наоѓа визбата, која некогаш служела како важна контролна точка на стариот римски пат. На местото на денешната винарница постоела стара кула од турско време, но била срушена при земјотрес во 1931 година, кој го погодил Валандово и некогашното село Бања.[2] Иако кулата била срушена и повеќе не постојат ни нејзини остатоци, месноста околу денешната визба останало да се води под тоа име.
Кулата била наречена така, бидејќи градбата ја изградил попето, внукот на попот, па оттаму доаѓа и името „Попова Кула“.[1]
Историја
Изградбата на винарската визба била започната на 8 октомври 2004 година и била завршена наредната година до празникот Голема Богородица, кога визбата веќе ја имала првата берба и биле обработени првите количини на грозје.
Винарницата, која денес е позната по својот вински туризам, поседува хотел и ресторан, кои биле завршени и почнале со работа на празникот Св. Трифун, односно на 14 февруари 2009 година.
Технологија
Особеност на винарската визба „Попова Кула“ е користењето на мали цистерни за ферментација на виното со цел за време на секоја фаза на ферментацијата да може да се контролира и регулира температурата во секоја цистерна посебно.
Винарницата поседува и одреден број на буриња во кои одредени вина се чуваат веднаш по самата винарница, седум метри под земја. Бурињата се направени од американски, француски, унгарски и македонски даб, секое со различен степен на печење.
Сепак, поголемиот дел од произведеното вино веднаш завршува во шишиња, кои пак се чуваат во магацини со посебно контролирана температура.
Како составен дел од винарницата претставува и лабораторијата во која се извршуваат основните анализи на виното и грозјето, кое се произведува во винарницата.
Покрај овие сорти на грозје, кои во поголем дел се откупуваат од локалните мали производители, винарницата располага со сопствени лозови насади на кои има засадено три сорти на грозје: станушина, вранец и каберне совињон. Сопствените лозови насади се наоѓаат во непосредна близина на винарницата и даваат особен белег на целата атмосфера.
Вино
Винарската визба „Попова Кула“ произведува пет категории на вино, наречени: Perfect Choice („Совршен избор“), „Резерва“, „Станушина“, „Класик“ и „Демир Капија“. Во секоја од петте категории на вино кои се произведуваат има неколку вина произведени од различни вински сорти на грозје.
Објекти
Ресторан
Во рамките на винарската визба „Попова Кула“ се наоѓа ресторан со вкупен капацитет од 60 гости, додека летната тераса има капацитет за 80 гости. Воедно, од летната тераса се пружа неверојатен поглед на целокупното демиркаписко виногорје, самиот град и клисурата.
Ресторанот нуди низа специјалитети и различни комбинации, како и специјализирани менија од традиционалната македонска и меѓународната кујна во комбинација со некое од вината произведени во винарницата.
Соба за дегустација
Собата за дегустација се наоѓа на врвот на самата кула, од каде се пружа целосен поглед на околината. Самата соба е уредена во традиционален македонски стил и пружа можност за дегустација на сите видови на вина произведени во винарницата.
Хотел
Хотелскиот дел на винарницата поседува четири апартмани и 7 двокреветни соби, секоја именувана според сортите на вина што се произведуваат во самата винарница и украсена во склад со боите и нијансите на виното. Некои од собите поседуваат балкон, кој нуди поглед на околината на винарницата. Винарницата планира зголемување на бројот на соби, па така наскоро се очекува нивниот број да се искачи на 33 соби.[2]
Продавница
Веднаш до рецепцијата за хотелот се наоѓа и специјализираната продавница на вина, во која се продаваат сите вина во шишиња или во пакети произведени од страна на винарницата. Воедно, во самата продавница покрај вина, можат да се купат и одредени други сувенири.
Прослави
Поради тоа што винарската визба „Попова Кула“ се наоѓа во непосредна близина на градот Демир Капија, каде како заштитничка на градот се смета Пресвета Богородица и средишната црква во градот го носи нејзиното име, и поради фактот дека винарската визба била завршена токму на 28 август 2005 година (на самиот празник Голема Богородица), винарницата го слави овој празник.
Воедно, како и сите лозари и винарници, и винарницата „Попова Кула“ го одбележува празникот на виното Св. Трифун, кој се празнува секоја година на 14 февруари. По традиција на овој ден започнува кроењето на насадите, а скоро сите винарници организираат забави во чест на празникот.
Добротворни настани
Винарницата „Попова Кула“ од самиот нејзин почеток се вбројува во општествено одговорните претпријатија и за таа цел организираат бројни добротворни настани и аукции. Првиот таков настан претставувал продавањето на последните 600 шишиња од првата берба и првото производство на белото вино „совињон блан 2005“. На настанот биле продадени сите 100 шишиња во вкупна вредност од 500.000 денари, кои беа донирани на националната институција за згрижување на лица со интелектуална попреченост сместена во Демир Капија.
Галерија
Собата за дегустација, сместена во врвот на самата кула
Ресторанот во склопот на винарницата
Официјалниот влез на винарницата
Целосен поглед на винарницата
Поглед на винарницата
Поглед на винарницата
Дворот на винарницата
Дворот на винарницата
Продавницата во рамките на винарската визба
Шишиња вина во продавницата
Внатрешноста на една од собите во винарската визба