Парламентот на Нов Зеланд (англ.Parliament of New Zealand) се состои од Кралицата на Нов Зеланд (Queen of New Zealand) и Претставничкиот дом (New Zealand House of Representatives) и, сѐ до 1951, Законодавниот совет (New Zealand Legislative Council). Меѓутоа најчесто луѓето претставничкиот дом погрешно го нарекуваат „парламент“. Претставничкиот дом обично се состои од 120 члена, т.е. пратеници, моментално 121 (окт.2008). Пратениците се бираат директно, по пат на општонародни избори. Нов Зеланд го следи Вестминстерскиот модел на управување, со влада преводена од кабинет на чие чело стои премиер изгласан од претставничкиот дом.
Парламентот на Нов Зеланд ужива суверенитет, што значи дека не постои ниедна институција што може да ги отфрли или поништи неговите донесени одлуки. Моќта на парламентот да дејствува е законски неограничена. Законот за Новозеландската декларација за правата е нормална законодавна одлука, но не и виш закон. Парламентот е ограничен во: продолжувањето на својот мандат, решавањето за тоа кој има право на глас, како се гласа (по пат на тајно гласање), како земјата се дели на избирачки места, како и на составот на Комисијата за претставништво која одлучува за избирачките места. Овие прашања бараат 75% од парламентарците да го поддржуваат предлог-законот (Bill), или пак се решаваат по пат на референдум. Меѓутоа и овие правила се донесени со нормален парламентарен акт.
Претставничкиот дом на Нов Зеланд е единствениот дом на парламентот од 1951 г. Тој се бира на општи парламентарни избори секои 3 години, со осумнаесет одбрани комитети кои ја надгледуваат легалноста на изборите. Во рамките на претставничкиот дом, за еден предлог да стане закон, тој мора да помине низ три читања и да се разгледа од одбран комитет и комитетот на целиот дом.
Горен дом (до 1951.)
Новозеландскиот парламент нема горен дом; тој е еднодомен. До 1950 постоел горен дом, тнр. Законодавен совет, и постојат повремени сугестии повторно да се воведе дводомниот систем.
Законодавниот совет бил создаден со цел да ги иследува, контролира и корегира предлог-законите донесени од Претставничкиот дом, иако истиот не можел да иницира законодавни процедури и да менува финансиски закони. Покрај повремени предлози од страна на избран совет, членовите на законодавниот совет биле назначувани од гувернерот, обично по препорака на премиерот. Отпрвин членовите на законодавниот совет биле избирани доживотно, но во 1891 г. тоа било намалено на 7 години служба. Подоцна било решено дека законодавниот совет не игра значајна улога во законодавството, и дека мандатите на членовите истекуваат на 31 декември1950. Советот имал 54 члена, вклучувајќи и свој претсдател.
Ако предлогот помине низ три читања, тогаш службеникот на претставничкиот дом му го предава на генералниот гувернер, кој дава кралско одобрение (Royal Assent) како чиста формалност. Некои уставни правници, како професорот Филип Џозеф сметаат дека генералниот гувернер сепак го задржува правото да одбие да даде кралско одобрение во вонредни случаи - особено ако се укинува демократијата[1]. Други, како поранешниот професор по право и поранешниот премиер Џефри Палмер и Метју Палмер велат дека одбивањето на кралско одобрение би довело до уставна криза[2]. Во историјата на политичкиот систем на Нов Зеланд, досега се нема случено одбивање на кралско одобрение од генералниот гувернер за било кој предлог-закон на Претставничкиот дом.
Со добивањето на кралското одобрение, предлог-законот станува закон.