Охридска банка АД Охрид — македонска универзална банка, која спаѓа во групата големи банки. Таа нуди широк спектар на домашни и меѓународни банкарски услуги на своите комитенти - правни и физички лица и се одликува со разгранета мрежа од експозитури, широк асортиман на финансиски услуги, софистицирани хардверски и софтверски решенија и високо стручен кадар.[1] Нејзиното седиште се наоѓа на ул. Македонски Просветители бр. 19, 6000, Охрид. Банката своите активности во Македонија ги извршува преку мрежа на 29 експозитури.
Историја
Охридска Банка АД Охрид е трансформирана во акционерско друштво на 29 декември1989 година.[2] Како самостојна банка, со сегашното име, Охридска банка АД Охрид работи од 1995 година. Во периодот на десетгодишното функционирање како самостојна банка, Охридска банка перманентно го зголемувала финансискиот потенцијал и во моментов банката е рангирана на четврто место во банкарскиот систем на Македонија, мерено според вкупната актива.
Во мај 2007 година, Сосиете Женерал станал стратешки партнер на Охридска банка, која станала дел од оваа голема интернационална финансиска групација. Сосиете Женерал учествува со 70,02% во вкупниот капитал на банката, а останатите 29,98% се во сопственост на правни и физички лица.[3] Во моментот кога Сосиете Женерал најавил дека ќе ја откупи Охридска банка, нејзините акции се продавале на берзата по цена повисока од 10.000 денари. По извршената соспствена проценка, Сосиете Женерал одлучил да понуди околу 7.500 денари по акција. Наидувајќи на незадоволство кај Управниот одбор, понудата била покачена на 8.175 денари. Со оваа цена биле откупени нешто повеќе од 51% од акциите, така што понудата завршила успешно.[4]
Банката е регистрирана како универзален тип на комерцијална банка, во согласност со македонските закони. Основните активности на банката се следните:[6]
Прибирање на депозити и други повратни извори на средства;
Посредување во склучување договори за кредити и заеми;
Обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица;
Економско–финансиски консалтинг;
Други финансиски услуги утврдени со закон што може да ги врши само банка.
Охридска банка е првата македонска банка која понудила кредитното животно осигурување. Во соработка со осигурителната компанија „Граве“, Охридска банка нуди кредит кој гарантира дека, доколку се случи некој несакан настан, осигурителната компанија ќе го подмири остатокот од главнината на кредитот. Со оваа програма се опфатени сите кредити за физички лица, кои се на возраст од 18 до 67 години, а осигурителната премија изнесува 0,85% годишно од износот на кредитот. Ризици кои се покриени со овој кредит се: смрт како резултат на несреќен случај или болест, целосна и трајна инвалидност како резултат на несреќен случај или болест, како и трајна и целосна загуба на способност како резултат на несреќен случај или болест.[7]
Награди и признанија
Водечкото светско списание за финансиски пазари „Јуромани“ (Euromoney) ја прогласи Охридска банка - Сосиете женерал груп за најдобра банка во Македонија за 2010 година. Наградата на претставниците на банката им е врачена во Лондон во присуство на водечките банкари и инвестициски банки од светот. Јитка Пантучкова, претседател на управниот одбор на Охридска банка, вели дека се почестени што "Јуромани" одбра да ја одликува Охридска банка - Сосиете женерал груп за 2010 година. - "Свесни сме дека мораме да продолжиме да се фокусираме и да бидеме подготвени за идните предзивици во нашата индустрија" - изјави Пантучкова[8]