Полско-османлиска војна (1672-1676) — воен конфликт меѓу Полско-литванската Државна Заедница и Османлиското Царство и војната е дел од Големата турска војна. Војната завршила со потпишување на Договорот од Журавно според кој Комонвелтот ја изгубил контролата од поголемиот дел на Украина.
Заднина
Полско-османлиската војна претходела на конфликтот од 1666 година кога хетманот Петро Дорошенко започнал конфликт со полските сили за добивање на котрола но во конфликтот доживеал пораз. По поразот тој морал да потпише договор со Мехмед IV во 1669 година според кој неговата земја станала вазал на Османлиите. Комонвелтот сакал да ја заврши војната во Украина бидејќи биле ослабени со војувањата против Русија, Шведска и неколкуте востанија. Оваа слабост сакале да ја искористат Татарите кои редовно вршеле напади и грабежи на полска тертиторија. Така бил направен сојуз на Козаци и Татари. Но тие биле сопрени од полските сили на чело со Јан III Собиески каде по Битката кај Подгајце бил потпишан договор. Во март 1699 година Дорошенко побарал помош од османлискиот султан и според договорот Мехмед IV ветил воена помош на Дорошенко.
Во 1670 година Дорошенко се обидел да завладее со Украина, и следната 1671 година кримскиот хан Адил Герај, кој бил на страната на комонвелтот, по директива на османлискиот двор бил сменет а за нов хан бил избран Селим I Герај. Така конфликтот ескалирал во војна а Османлиите започнале со подготовка за испраќање и на свои сили. Јан Собиески успеал да им нанесе пораз на своите непријатели, а по ова започнало востание во Крим па Татарите немале сили да војуваат на два фронта. Војната завршила со обврска на кримските татари дека нема да навлегуваат на украинска територија.
Прва фаза (1672)
Османлиските сили со околу 80.000 војници и на чело со султанот Мехмед IV и големиот везир со потекло од Велес, Ќопрулу Фазил Ахмед-паша ја нападнале Украина во август 1672 година. Истиот месец ја зазеле тврдината Каменец Подолски, Лублин и Лавов. Силите на Собиески биле премногу мали за да се спротивстават на османлиската армија. Комонвелтот кој бил во тешка политичка криза главно поради односите на кралот со аристократите, не можел да ги зголеми даноците за поголема армија. Поради тоа тие биле принудени да го потпишат договорот од Бучач во октомври 1672 година според кој Комонвелтот отстапил дел од десниот дел на Братиславското, Подолското и Киевското војводство, а левиот дел пак според договорот од Андрусово од 1667 година биле под контрола на Москва. Освен тоа морало на Османлиите да им биде исплатено 22.000 дукати.
Втора фаза (1673–76)
Но наместо да биде ратификуван договорот, Комонвелтот на чело со поголемиот број на пратеници конечно се обединиле поради територијалните загуби и понижувачкиот договор кој им бил наложен. Така во земјата биле зголемени даноците за создавање на нова армија (околу 37.000 нова армија).
Хетманот Јан Собиески ја предводел походот против Османлиите и успеал да им нанесе неколку порази од кои Битката кај Хотин била најголема. По ова хетманот ја презел контролата над Молдавија и поголемиот дел од украинските земји. Истата година во 1674 година, кралот Михаил починал а за нов крал, во знак на признание за неговите победи бил избран самиот Јан Собиески.
Во текот на следната година полските сили биле повторно оставени самите на себе кога парламентот одбил да ги зголеми дополнително даноците за да се исплати армијата. Во земјата започнале немири а како врв од сето тоа било непочитувањето на хетманот Михаел Рас кон изборот на Јан Собиески за нов крал на земјата. Во исто време Османлиите продолжиле да добиваат засилување. Војната продолжила во 1674 година а во 1675 година Османлиите доживеале голем пораз кај Лавов кога околу 20.000 муслимански сојузници биле поразени од 6.000 полски сили. Во 1676 година започнала опсадата на Зуравно со околу 100.000 османлиски сили. Поради тоа комонвелтот се согласил за потпишување на мировен договор според кој Османлиите ги задржале териториите кои ги освоиле во 1672 година а комонвелтот не бил должен да плаќа данок на империјата а голем дел од полските затвореници биле ослободени.
Комонвелтот своите изгубени територии ги вратил по потпишувањето на договорот од Карловци во 1699 година.