Според патешественикот Алфред Делакулонш од XIX век, ова е местото на древномакедонскиот град Европ, претпоставка усвоена од археологот Деспина Евгениду. Меѓутоа, на ова место засега не се откриени остатоци од антички град, а за местоположбата на Европ има и други мислења, како она на Николаос Пападакис кој во 1913 г. го поистоветил со Рудинското кале кај с. Рудино (Алорос).[1]
Тврдината била упориште на кавханот Дометијан и болјарот на Мегленската област, Илица[4] против војската на византискиот цар Василиј II. За да ја заземе, во 1015 г. Василиј бил принуден да ја пренасочи реката Мегленица, да ги поткопа темелите на тврдината и да користи оган за конечно да ја пробие.[5] Меглен се споменува во грамотите на царот Василиј II, во кои се определуваат границите на Охридската архиепископија.[1]
Во 1980 г. Мегленската тврдина е прогласена за заштитено археолошко наоѓалиште.[6]
Опис
Зачуваните ѕидини на крепоста се од X–XII век, но веројатно се изградени врз постари одбранбени ѕидови. Ѕидовите се наполно проследливи, но подобро се запазени во јужниот и источниот дел.[1] Денес преостанатиот бедем има приближна должина од 500 метри и достига 7 метри во висина. Направени се од камења земени од реката Мегленица и редови од дробена тула. Зачувани се две елипсовидни, една округла и една квадратна кула.[1]
Подрачјето во ѕидините зафаќа 4 хектари, и се чини дека било проширувано на исток. Во рамките на тврдината е откриена трикорабна епископска базилика. Вон ѕидовите, во Долниот Град е пронајдена гробна црква.[1]