Лоренс (Лари) Ернест Ларсон (англиски: Lawrence (Larry) Ernest Larson, р. 17. ноември 1957 година) е американски инженер. Ларсон беше декан „Фамилија Соренсен“ на Школата за инженерство при Брауновиот универзитет во Провиденс, Род Ајленд, САД меѓу 2011-2022 година.[1] Тој е член на ИЕЕЕ.[2] Во текот на својата кариера, Ларсон има објавено над 300 научни трудови и доделени му се повеќе од 40 патенти.[3]
Ларсон израснал во Тенеси и Мериленд, пред да дипломира на отсекот за електротехника при Корнеловиот универзитет.[4] Веднаш по завршување на студиите, продолжува со своето образование и се стекнува со титулата доктор на науки на Калифорнискиот универзитет, Лос Анџелес. По докторатот, работи како истражувач во истражувачките лаборатории „Хјуз“ во Малибу, Калифорнија, САД. По околу една деценија на таа позиција, Ларсон се враќа во академските кругови и постанува дел од професоријатот на Калифорнискиот универзитет, Сан Диего.[3] На овој универзитет ја развива својата кариера и постанува директор на Одделот за електротехника и компјутерско инженерство. Во 2011 година, Ларсон се сели на источниот брег на САД и постанува прв декан на Брауновата Школа за инженерство. Во текот на неговиот мандат како декан, Школата добива поголема репутација на национално и меѓународно ниво, ги проширува своите програми и добива дополнителна зграда со лаборатории и истражувачки центри.[5]
Лари Ларсон беше оженет со Керол Фридман Ларсон, со која се познаваа од факултетските денови, до нејзината смрт во 2018 година.[4] Тие имаат две деца.
Наводи