„Кога тргнав Цвето“ е македонска народна песна. Текстот за песната е напишан во 1972 година[5] од страна на Абас Цаноски, а музиката е компонирана од Васка Илиева. „Кога се роди песната "Кога тргнав, Цвето, во туѓина" со текстот в раце, во далечната 1972 година влегов во РТВ Скопје. Се сретнав со Васка Илиева и ѝ ги покажав стиховите. "Оваа песна е за мене, за мојата душа. Ќе ги растегнам гласните жици", рече таа“ - се присетува Цаноски[5]
Оригиналната верзија на песната е во изведба на Васка Илиева.[6] Песната за прв пат е објавена на носач на звук во 1974[7] во загребското студио Југотон, на грамoфонска плоча насловена како „Стојан си појде в мејана“.
Одлики
„Кога тргнав Цвето“ има лирско-социјален карактер, во која се опева неверството на Цвета. Авторот ја замислил како „сторија на едно сиромашно семејство растргнато меѓу сиромаштијата и гурбетот.“[8] Иако авторот на песната е познат, многумина мислат дека се работи за изворна народна песна, пред сѐ затоа што во оригинал е испеана со народните инструменти на Пеце Атанасоски.[8]
Популарност
Особена популарност добива во средината на деведесетите години од минатиот век. За оваа песна Верица Ристевска во 1997 напишала: „Малку, малку па некоја песна ќе воскресне. Со други зборови, ќе се сети некој да ја извлече од заборавот, да ја оживее и, по некое непишано правило, да стане хит. Последен таков пример е песната 'Кога тргнав Цвето во туѓина'. Всушност, без таа Цвета неверница не поминува ниту свадба, ниту забава, ниту било каква свирка"[8]