Историјат
Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, иако основан на 27 март 2007 година, сепак, има длабока традиција и своја специфична историја, стара повеќе децении.
Корените на нашиот Факултет потекнуваат од далечната 1956 год., кога по предлог на Извршниот совет на НР Македонија, под името Институт за памук е основана првата научноистражувачка установа од ваков тип. Во 1961 година на овој Институт му е признаен статутот на научна установа. Во 1999 година Владата на Република Македонија донесува Одлука за формирање на Јавна научна установа Институт за јужни земјоделски култури - Струмица, членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.
Со Законот за основање на државниот Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип, Институт за јужни земјоделски култури - Струмица се спојува со државниот Универзитет „Гоце Делчев“ во рамките на Земјоделскиот факултет, согласно со Законот за високото образование.
Земјоделскиот факултет наставата за првиот циклус на академски студии ја реализира во Штип и во дисперзираните наставни центри во Струмица, Кавадарци и Свети Николе.
Организација и структура
Функцијата декан на Земјоделскиот факултет ја врши проф. д-р Илија Каров, додека за продекан е избрана проф.д-р Лилјана Колева-Гудева[1] .
Студентите можат да ја градат својата перспектива и да апсорбираат знаења во текот на додипломските студии на[2] :
- Катедра за заштита на растенијата и животната средина
- Катедра за растително производство
- Катедра за прехранбена технологија и преработка на анималните производи
- Катедра за наука на земјиштето и хидрологија
- Катедра за лозарство и овоштарство
Прв циклус на студии
Наставата на Земјоделскиот факултет се одвива преку предавања, аудиторски, лабораториски вежби и теренска настава. За проверка на знаењата во текот на семестарот се организираат по два колоквиума од секој предмет, со што студентите се мотивираат да учат континуирано и на крајот се изведува завршен испит од предметот. Во текот на семестарот, студентите работат домашни задачи и семинарска работа. Врз основа на сите овие активности, се оформува конечната оценка од предметот. Завршниот испит се полага по неговото слушање, на крајот од семестарот, откако студентот ќе стекне право за негово полагање. Студентите имаат три редовни сесии на располагање во годината: јануарска, јунска и септемвриска.
Траењето на студиите е три плус една година(3+1) или шест плус два семестари (6+2).
Првите три години (шест семестари) се заеднички за сите студенти и се изучуваат општите базични науки кои се основа за натамошна надградба во земјоделската струка во студиите во четвртата година.
Во четвртата година се воведуваат соодветни модули. Во студиската програма со три години студентот мора да освои 180 кредити, а во студиската програма со четири години - 240 кредити. Успешната одбрана на дипломската работа на студентот му носи 30 кредити.
Со завршени четиригодишни студии или осум семестри, студентот се стекнува со диплома дипломиран агроном инженер.[3]
Во првиот циклус на студии на Земјоделскиот факултет се изучуваат следниве студиски програми:
- Агроменаџмент - 4 годишни студии
- Градинарство - 4 годишни студии
- Енологија - 4 годишни студии
- Лозарство - 4 годишни студии
- Наставна насока - 4 годишни студии
- Фитомедицина - 4 годишни студии
- Преработка на анимални производи - 4 годишни студии
- Поледелство - 4 годишни студии
- Рурален развој - 4 годишни студии
- Општа насока - 3 годишни студии
Втор циклус на студии
Во академската 2008/2009 година Земјоделскиот факултет ја доби акредитацијата за подготвените студиски програми за втор циклус т.е. магистерски студии, а реализацијата на наставата започна во академската 2009/2010 година. Програмите за втоиот циклус се подготвени според принципите на Болоњската декларација и Европскиот кредит-трансфер систем.
Во вториот циклус на студии на Земјоделскиот факултет се изучуваат следниве студиски програми[4] :
- Фитомедицина
- Енологија
- Преработка и контрола на анимални производи
- Лозарство
- Поледелско производство
- Биотехнологија, генетика и селекција
Трет циклус на студии
Во третиот циклус на студии на Земјоделскиот факултет се изучуваат следниве студиски програми[5] :
- Заштита на растенија
- Наука за земјиштето и хидрологија
- Растително производство
Научноистражувачка и издавачка дејност
Соработниците и професорите на Земјоделскиот факултет учествуваат во многубројни домашни и меѓународни проекти, како и во објавување на трудови во домашни и странски списанија, публикации и сл. Некои од проектите на кои работат се:
- Дијагностицирање, контрола и заштита на фитоплазмите – причинители на болести кај виновата лоза и околната вегетација. Проф. д-р Саша Митрев, проф. д-р Илија Каров, доц. д-р Душан Спасов, м-р Емилија Костадиновска, м-р Билјана Атанасова.
- COST Action FAO807 Integrated Management of Phytoplasma Epidemics in Different Crop System (2009-2011). Проф. д-р Саша Митрев, асистент м-р Емилија Костадиновска.
- Western Balkan Rural Extension Network through Curriculum Reform (2009-2012). Tempus project; Проф. д-р Саша Митрев, дипл. инж. агроном Васко Златковски.
- Using local resources for micro regional development sustainable agribusiness and tourism in the Southern Balkan (2009-2012). Tempus project; Проф. д-р Саша Митрев, проф. д-р Илија Каров.
- Building capacity to control Broomrape’s outbreaks in Western Balkans. NATO Science for peace and Security Program. Проф. д-р Љупчо Михајлов, проф. д-р Илија Каров, проф. д-р Саша Митрев, асистент м-р Емилија Костадиновска.
- Survey of biodiversity and regional distribution of parasitic orobachaceae on the Balkan (2009-2012). Проф. д-р Љупчо Михајлов, проф. д-р Саша Митрев, асистент м-р Емилија Костадиновска, асистент м-р Фиданка Трајкова, дипл. инж. агроном Васко Златковски.
Факултетот својата издавачка дејност ја остварува преку издавање на учебни помагала, учебници, монографии, студии, списанија, годишници, зборници, преводи на странски изданија, информативни и пропагандни материјали, брошури, летоци и друга литература.
Надворешни врски
Наводи