Журчевски манастир — средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија.[1] Манастирот се наоѓа во близина на селото Журче, од каде што и произлегува неговиот назив. До него води асфалтен пат во должина од 3 километри од селото.[2]
Во минатото, во манастирот била развиена и просветно-книжевната дејност, така што во конаците имало библиотека во којашто се творела богослужбена литература, а библиотеката исто така имала улога и на училиште. Во склоп на манастирот денес се наоѓаат манастирската црква и конаците, а во него е развиен и монашкиот живот.
Историја
Првобитната манастирска црква била изградена во 1121[3] или 1122 година.[4] Познато е дека црквата никогаш не била запалена од страна на отоманските власти.[5] Во денешниот облик, таа била изградена и зографисана во 1617 година, додека тремот кон западната страна бил дограден и зографисан во 1622 година. Во првите декади на XIX век, во склоп на манастирот биле изградени конаци. Сепак, тие биле урнати во 1895 година, а околу 1900 година манастирот бил целосно напуштен. Новите конаци биле изградени по Првата светска војна и денес се наоѓаат во добра состојба. Во манастирот можно е и денес да се забележат нови градежни зафати.[6] Во минатото во него живееле околу 300 монаси, а монашкиот живот сè уште е развиен. Манастирот бил машки некаде до околу 1998 година, а оттогаш е женски.[5]
По преземањето на манастирот од страна на МПЦ-ОА, манастирот ја доживеал својата ренесанса. Манастирската црква била заштитена, започнала изградба на нови конаци и повторно е организиран монашкиот живот.[2]
Основни податоци за историјата на манастирската црква се дознаваат и од двата сочувани натписа. Првиот е испишан над влезната врата и од него се дознава дека денешната црква била подигната во 1617 година во време на игуменот и еромонах Јосиф, а како ктитор се споменува Петко Велов од Битола. Од натписот се дознава и дека зографисувањето на црквата започнало во мај и завршило во август 1617 година. Втотриот натпис е мошне опширен и испишан во отворениот трем околу калотата. Од него се дознава дека тремот е обновен и зографисан во 1622 година, благодарение на залагањето на игуменот и еромонах Венетик, како и на православните христијани.[6]
Црквата претставува еднокорабна градба со правоаголна основа, со петоаголна апсида во нејзиниот заден дел свртен кон исток. Градбата е полуобличесто засводена и единствениот влез се наоѓа од предната страна свртена кон запад. Пред влезот се наоѓа отворениот трем засводен со слепа калота поставена на четири дрвени столбови. Дрвените столбови меѓусебно се поврзани со полукружни лакови, а преминот од квадратната во кружна основа на калотата е изведен со помош на пандантиви.[7] Вака доградениот трем е единствен во демирхисарскиот крај, а исто така го прави храмот реткост и пошироко.[8]
Конаци
Конаците најверојатно биле изградени во првите декади на XIX век. Во тоа време, во нив работела библиотека којашто на свештениците им служела за пишување, преведување и создавање на богослужбени дела. Библиотеката истовремено се користела и како училиште, каде што се школувале ученици од селото Журче и околните села. Од библиотеката е сочуван мал број на ракописи и книги, меѓу кои најстарите се „Апостолски читанија“ издадена во Царигад во 1870 година и „Минеј за месец октомври“ издадена во Киев во 1891 година.[2][4]
Галерија
Манастирската црква
Фреска на Свети Ѓорѓи Кратовски во црквата
Влезот кон конаците
Наводи
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.