Емил Чоран е роден на 8 април 1911 година во селото Расинари, во Ердељ, Романија, како син на православенсвештеник. Гимназија завршил во Сибиу, а од 1928 до 1932 година студирал философија во Букурешт, дипломирајќи со труд посветен на творештвото на Бергсон. За време на студиите, покрај Бергсон, тој ги проучувал и Кјеркегор и Шестов, а исто така, бил под големо влијание на германскиот философ Георг Зимел. Во текот на 1936 и 1937 година работел како гимназиски професор во Брашов и во Сибиу, а кон крајот на 1937 година добил стипендија од Францускиот институт во Букурешт за да ги продолжи студиите во Париз. Таму, требало да работи на својата дисертација за етиката на Ниче, но тој нема сериозна намера да ја напише, туку ја искористил приликата за да остане во Франција. Таму, тој станал близок пријател на Семјуел Бекет и на Ежен Јонеско. Чоран умрел во Париз, во 1995 година, а бил погребан на гробиштата на Монпарнас. Десет години подоцна, во 2005 година, неговата животна сопатничка Симон Буве се удавила во морето.[1] Чоран живеел повлечен живот во едно поткровје во петтиот париски кварт, во близината на Луксембуршката градина, и никогаш не давал интервјуа за медиумите.[2]
Творештво
Својата прва книга, „На врвовите на очајувањата“, Чоран ја објавил во 1934 година (на романски јазик) и за неа добил две награди: наградата за млади писатели и наградата на романската влада. Книгата се продавал добро, но публиката била вџашена. Така, откако го прочитала делото, мајка му на Чоран заклучила дека со него се случува нешто опасно и консултирала некој лекар-специјалист, кој сметал дека Чоран е болен од сифилис. Меѓутоа, анализата на крвта покажала дека тоа не е точно. Десетина години по преселбата во Франција, Чоран почнал да пишува на француски јазик. Во 1949 година се појавила неговата прва книга на француски јазик, „Краток преглед на распаѓањето“ во која пишува за улогата на злото во историјата. Три години подоцна се појавува книгата „Силогизми на горчината“ која се одликува со малку поблаг тон, а во неа првпат го применува афористичкиот облик. Во делото „обид за живеење“ (1956) ја истакнува идејата за животната измама пишувајќи дека „живеењето е работа на убедувањето, еден облик на негодување против очигледноста“, а на човекот му останува само изборот меѓу илузијата и самоукинувањето. Во неа, Чоран војува не само против своите поранешни заблуди, туку и против своите негирања на заблудите. Во „Оглед за реакционерното мислење“ (1957), Чоран ја открива својата духовна сродност со францускиот моралист Жозеф де Местер, големиот противник на револуцијата и на напредокот. Книгата „Историја и утопија“ (1960) е збирка од неколку подолги есеи во кои стравотиите на постоењето не ги разгледува од философски аспект, туку во контекстот на историските настани, истакнувајќи ја тезата дека колективните настани само ги повторуваат лудостите и стремежите на поединците. Според него, слободата цвета само во општествата кои ја загубиле животната самоувереност, а лишен од омразата, човекот би престанал да делува како активен творец на историјата. Во „Падот во времето“ (1964) Чоран ја искажува тезата дека довербата во моќта на сознанието е обична фикција. Губејќи ја првобитната невиност, човекот е паднат во времето во кое е заробен. Движечката сила на животот е она што е ирационално, а глупоста е повитална од мудроста. „Злобниот демиург“ (1969) повторно ја разработува темата на злото. Овде, Чоран го искажува ставот дека животот е производ на една глупава грешка, едно застранување; тој е навреда за чистотата на непостоењето; злото е движечка сила во историјата, а добрината нема творечка моќ. Незгодата наречена доаѓање на светот (1973) претставува збирка афоризми во кои се исмејува бесмислата на постоењето, додека „Распнување“ (1979) ја одразува духовната состојба на човекот кој е распнат меѓу живеењето и сознанието. Делото „Вежби по обожување“ (1986) претставува збирка портрети на познати писатели, т.е. есеи за: Анри Мишо, Семјуел Бекет, Мирча Елијаде, Сен-Џон Перс, Роже Кајоа, Пол Валери, Борхес итн. Една година подоцна се појавила книгата „Прифаќања и анатеми“ која содржи афоризми за пустошот, разочарувањето, пропаста на битието, но во поинаков тоналитет. Есента 1989 година, Чоран ја одбил понудената награда од Француската академија во вредност од 200 000 франци по што членовите на жирито ја повлекле својата одлука. Сепак, весниците дознале за тоа, па тој настан одекнал силно во француската јавност.[1][3]
Уште првите две дела, објавени во Романија, покажуваат дека Чоран е писател на една, единствена книга, т.е. носител на една порака чија суштина се состои во следново: ние не му припаѓаме на овој свет, никогаш вистински нема да се вклучиме во постоењето, кое претставува несовладлива мака за духот. Овој став Чорна го повторува и во бројните кратки огледи, записи и фрагменти. Оттука, секоја книга на Чоран може да се чита слободно: однапред или одзади, по ред или со прескокање, а веќе по десетина страници на читателот му е јасно што сака да каже авторот. Воопшто, сите негови книги варираат околу неколку сродни теми, и тоа според еден клуч кој не е ни философски ни поетски: за првото му недостасува смислата за градење систем, а за второто поцврста врска со животот вкопаност во јазикот. Според Санда Столојан, францускиот јазик го направил Чоран онаков писател како што го знаеме, зашто му помогнал да ја изостри мислата, а неговата безнадежност станала картезијански гола и јасна. Оттука, разликата меѓу неговот рано (романско) и доцно (француско) творештво не лежи во тематиката ни во заклучоците, туку во видот на изразните средства. Во неговите рани дела лирската жица била многу посилна, а тоа се должи на сочниот, но непрецизен мајчин јазик. Столојан смета дека творештвото на Чоран треба да се набљудува во контекст на балканско-латинската традиција на исмејувањето и дека сменувањето на дивите полети и тешките падови и откажувањата претставува структурална одлика на Чорановата синтакса. Во тој поглед, напуштањето на мајчиниот јазик претставува пресврт во духовната и творечката судбина на Чоран. Јазичната промена му овозможила да се ослободи од еден дел од емотивниот багаж и од културното наследство. Восхитен од француската поезија, раскинува со поетичноста на мајчиниот јазик и излегува на бришаниот простор на логичкиот дискурс, а овој пресврт го прави во книгата „Краток преглед на распаѓањето“ во која сè уште се присутни духот на родниот крај и барокните напливи. „Слаткото мачење“ на Чоран, т.е. усвојувањето на францускиот јазик траело од 1937 до 1947 година, а првата книга напишана на француски јазик, „Краток преглед на распаѓањето“ ја напишал неколку пати по ред поубедливо и поразбирливо да ги искаже ставовите од неговите две романски книги. Уште тогаш, Чоран си го поставил идеалот: да ја постигне изразната провидност на моралистите од 18 век. Според многумина, Чоран е еден од најголемите стилисти во француската книжевност. Неговиот стилски идеал е старински: да се изрази само она што во себе е промислено и до крај осветлено, она што се одразува во реченицата како во блескаво огледало. Оттука, неговиот стил е совршен по цена на несовременост и вонживотност. Токму пишувањето за очајот со стилска совршеност и со класицистичка мера е еден од парадоските на творештвото на Чоран на кои често се задржуваат критичарите. Чоран ја сакал поезијата на пасивен начин, т.е. тој имал поетски темперамент, но немал поетска дарба, а можеби токму во тоа се состои целата негова несреќа.[5]
Наводи
↑ 1,01,1Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019.
↑Milovan Danojlić, „Pogovor: Paradoksi Emila Siorana“, во: Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019, стр. 129-132.
↑Milovan Danojlić, „Pogovor: Paradoksi Emila Siorana“, во: Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019, стр. 130-138.
↑Milovan Danojlić, „Pogovor: Paradoksi Emila Siorana“, во: Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019, стр. 129-138.
↑Milovan Danojlić, „Pogovor: Paradoksi Emila Siorana“, во: Emil M. Sioran, Zli demijurg. Beograd: Dereta, 2019, стр. 131-140.
Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!