Евангелие според Јован, наречено и Евангелие по Јован — четвртата книга од Новиот завет. Оваа евангелие било напишано измеѓу 80 и 90 година после Христа, и според мислењето, истото е дело на апостол Јован, еден од првите ученици на Исус. Насловот на четвртото Евангелие продолжува по образецот на другите Евангелија. Првично било идентификувано како „Според Јован“, а подоцна бил додаден зборот „Евангелието“.
Според времето во кое е пишувано, ова евангелие било последно и во суштина се разликува од останатите три. Додека евангелијата според Марко, Матеј и Лука се сметаат како синоптички, во ова евангелие историските случувања се помешани со богословни излагања. Исто така, претходните три евангелија главно се задржуваат на мисионерската дејност на Исус во Галилеја, додека ова евангелие содржи и од неговите мисии во Јудеја. Главен акцент се става на божествената природа на Исус.
Една третина од содржината на евангелието се однесува на последните часови на Исус, поточно последните 44 часа. Ова евангелие содржи и четири чуда кои ги сторил Исус, а кои не се споменуваат во останатите три.
Иако името на писателот не се споменува во Евангелиево, сепак раната црковна традиција силно и доследно го идентификувала апостолот Јован за писател на Евангелиево. Раниот црковен отец Иринеј (роден околу 130, а умрел околу 200 год. н.е.), кој бил ученик на Поликарп (роден околу 70, а умрел околу 160 год. н.е.), кој пак бил ученик на апостол Јован, сведочел, врз основа на авторитетот на Поликарп, дека Јован го напишал Евангелиево за време на неговиот престој во Ефес, Мала Азија, кога бил во напредна возраст (Против Ереси 2.22.5; 3.1.1). После Иринеј, сите црковни отци сметале дека Јован е писател на ова Евангелие. Климент Александриски (роден околу 150, а умрел околу 215 год. н.е.) напишал дека апостол Јован, свесен за фактите наведени во другите Евангелија и поттикнат од Светиот Дух, составил „Духовно Евангелие“ (Евзебиевска црковна историја 6.14.7).
Ова гледиште на раната црква е зајакнато и од внатрешните одлики на Евангелието. Додека синоптичките Евангелија (Матеј, Марко и Лука) го идентификуваат апостолот Јован по име приближно дваесетина пати (вклучително и во паралели), ова Евангелие не го споменува директно по име. Наместо тоа, писателот претпочита да се идентификува како ученикот „кого Исус го сакаше/љубеше“ (Јвн. 13:23; 19:26; 20:2; 21:7,20). Кога се размислува за важната улога што ја играат другите именувани ученици во ова Евангелие, извонреден е фактот што името на Јован директно не се споменува. Но, сепак, повторливото именување на себеси како ученикот „кого Исус го сакаше/љубеше“ и избегнувањето на неговото лично име „Јован“, ја одразува неговата понизност и ја прославува неговата врска со својот Господ Исус. Воопшто немало потреба од споменување на неговото име, бидејќи првичните читатели јасно разбрале дека тој е писателот на Евангелиево. Исто така, преку процес на елиминација заснован пред се на анализа на материјалот во гл. 20–21, овој ученик „кого Исус го сакаше/љубеше“ се стеснува до апостол Јован (на пр: Јвн. 21:24; сп. Јвн. 21:2). Бидејќи писателот на Евангелието е точен во споменувањето на имињата на другите ликови во книгата, ако бил некој друг, тогаш тој немал да го изостави името на Јован.
Анонимноста на Евангелието силно ги зајакнува аргументите кои го фаворизираат авторството на Јован, бидејќи само некој со добро познат и истакнат авторитет како апостол, ќе може да напише Евангелие кое значително се разликува по формата и суштината од другите Евангелија и да добие едногласно прифаќање од раната црква. Спротивно на тоа, апокрифните евангелија произведени од средината на вториот век па наваму, биле лажно припишани на апостоли или други познати личности кои биле тесно поврзани со Исус, но црквата универзално ги отфрлила.
Јован и неговиот постар брат Јаков (Дела 12:2), биле познати како „синовите Завдееви“ (Мат. 10:2-4), а Исус им го дал името „синови на громот“ (Мк. 3:17). Јован бил апостол (Лк. 6:12-16) и еден од тројцата најинтимни соработници на Исус (заедно со Петар и Јаков - сп. Мат. 17:1; 26:37). Тој бил очевидец и учесник во земната служба на Исус (1 Јвн. 1:1-4). По Христовото вознесение, Јован станал „столб“ во ерусалимската црква (Гал. 2:9). Тој служел со Петар (Дела 3:1; 4:13; 8:14) сè додека не отишол во Ефес (традицијата вели пред уништувањето на Ерусалим), од каде го напишал ова Евангелие и од каде што Римјаните го прогониле во Патмос (Отк. 1:9). Покрај Евангелието што го носи неговото име, Јован е автор и на трите Јованови посланија, како и на книгата Откровение (Отк. 1:1).
Бидејќи списите на некои црковни отци покажуваат дека Јован активно пишувал во својата старост и дека веќе бил свесен за синоптичките Евангелија, многумина го датираат ова Евангелие некаде по составувањето на другите Евангелија, но пред пишувањето на трите Јованови посланија и книгата Откровение. Јован го напишал ова Евангелие околу 80-90 год. н.е., отприлика 50 години откако бил сведок на Исусовата земна служба.[1]
Содржина
Пророкот Јован ги крштава луѓето на реката Јордан, најавувајќи го доаѓањето на Месијата. Тој го крштава и Исус Христос над кого се симнува Светиот Дух во облик на гулаб. Набргу, на Исус му се придружуваат браќата Андреј и Симон, наречен Петар, а потоа и Филип. Во тоа време, во местото Кана во Галилеја се одржува свадба на која Исус ја претвора водата во вино и така започнуваат неговите бројни чуда. За време на празникот Пасха, Исус оди во Ерусалим и од храмот ги изгонува трговците и менувачите на пари. Исус се прославува со своите чуда и со лекувањето болни: така, тој нахранува 5 000 луѓе со само пет леба и две риби, го минува Галилејското Езеро одејќи по водата итн. Исто така, на Јудејците им го најавува денот на воскресението на праведните и на судењето на грешниците при што голем дел од народот верува во неговите проповеди, но од друга страна стекнува и непријатели, особено кај првосвештениците и фарисеите. Кога умира еден човек, Лазар од Витанија, Исус го воскреснува четири дена по смртта, со што уште повеќе ја зголемува својата слава, но и омразата кај непријателите. Тогаш, првосвештениците издаваат заповед Исус да се зароби и да биде убиен.[2]
Пред празникот Пасха, Исус влегува во Ерусалим, а народот го поздравува со палмини гранчиња. Непосредно пред празникот, тој им ги мие нозете на своите ученици и им соопштува дека ќе биде предаден од Јуда и дека Петар ќе се откаже трипати од него. Пред разделбата, тој им го најавува на учениците своето повторно враќање и им дава налог да го продолжат неговото дело. Потоа, тој се моли за своите ученици и следбеници. Тогаш, доаѓа Јуда, заедно со војниците и слугите на првосвештениците кои го заробуваат Исус. Слугите го препознаваат Петар, но тој трипати одрекува дека го познава Исус. Заробениот Исус му го предаваат на управникот Пилат, кој не наоѓа никаква вина кај него и сака да го ослободи, но народот бара смртна казна за Исус. Така, него го носат на ридот Голгота, каде го распнуваат на крст и Исус набргу умира. Неговиот следбеник, Јосиф од Ариматеја, добива дозвола од Пилат да го земе Исусовото тело и го погребува. Во недела, рано наутро, на гробот доаѓа Марија Магдалена, која го наоѓа гробот празен и ги известува Исусовите ученици. Таа се враќа назад во придружба на Петар и уште еден од учениците, кои исто така се сведоци дека гробот е празен. Наскоро, Исус ѝ се јавува на Марија Магдалена, а потоа и на учениците на кои им го предава Светиот Дух. Единствено, апостолот Тома не верува во Исусовото воскресение, но по осум дена, Исус повторно им се јавува на учениците, а третпат им се јавува на брегот на едно езеро, кога го назначува Петар за водач на верниците.[3]
Седумте „Јас сум“ на Исус
„
Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни.
Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.
Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште.
Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците.
Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене - и да умре - ќе живее.
Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене.
↑MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
↑„Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 105-121.
↑„Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 121-133.