Душан Макавеев (Белград, 13 октомври 1932 - Белград, 25 јануари 2019)[1] — српски режисер и сценарист, еден од најпознатите режисери од просторите на поранешна Југославија. Еден е од најистакнатите претставници на црниот бран во југословенската кинематографија.
Макавеев има завршено психологија на Филозофскиот факултет во Белград и режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Од 1953 година почнува да се занимава со филм. Со своите три филмови од 1960-тите, „Човекот не е птица“ (1965), „Љубовниот случај или трагедијата на службеничката на ПТТ“ (1967) и „Невиност без заштита“ (1968), Макавеев стекнува меѓународна слава. Сепак, неговиот следен филм, „Вилхелм Рајх: мистериите на организмот“ (1971), е оној што ќе предизвика најголемо внимание. Поради својата сексуално-политичката содржина филмот е забранет во Југославија, а Макавеев е принуден да замине во егзил, каде останува до 1988 година. Во овој свој филм, Макавеев го комбинира претставувањето на идеите на познатиот левичарски психоаналитичар Вилхелм Рајх со односот на комунизмот кон сексуалноста. Следни негови филмски остварувања се: „Ми недостига Соња Хени“ (1971), „Сладок филм“ (1973), „Црна Гора или свињи и бисери“ (1981), „Кока кола кид“ (1985), „Манифест“ (1988), „Горило се капи на пладне“ (1993), „Дупка во душата (1994) и „Данските девојки покажуваат сè“ (1996).
Макавеев е добитник на поголем број домашни и меѓународни награди: „Октомвриската награда“ на Белград, „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, „Сребрена арена“ на Пулскиот филмски фестивал, „Луис Буњуел“ во Кан, „Сребрен Хуго“ во Чикаго, „Златно време“ на Белгиската кралска кинотека и други.
Наводи
Литература
- Мариќ, Миломир (1987). Deca komunizma [Деца на комунизмот] (српскохрватски). Белград: НИРО Младост. ISBN 978-86-521-1452-8.
Надворешни врски