Давид Олатукунбо Алаба (24 јуни1992 во Виена) — австриски професионален фудбалер кој настапува за бундеслигашот Баерн Минхен и фудбалската репрезентација на Австрија. Алаба е најмладиот играч кој настапил за австриската сениорска репрезентација, на натпревар во 2009 кога имал 17 години.[5] Може да игра на повеќе позиции, како централен играч од средниот ред, среден одбранбен играч, како и лево и десно крило, но најдобрите настапи ги забележал како лев бек.
Фудбалската кариера ја започнал во фудбалскиот клуб ФК Асперн, а на 10 годишна возраст се приклучил на младинската екипа на ФК Австрија Виена. Во летото 2008 преминал во младинската школа на Баерн Минхен, притоа настапувајќи за екипите до 17 и 19 години.[6] Бил пријавен во првата постава на Баерн за настапите од Лигата на шампионите во сезоната 2009-2010, кога одбрал да настапува со бројот 27.[7] За време на зимската пауза во сезоната 2010-2011 бил испратен на позајмица во ФК Хофенхајм 1899, кој исто така играл во германската Бундеслига.
Во сезоната 2011-2012 се вратил во Баерн Минхен, и оттогаш станал редовен првотимец. Првиот гол за Баерн го постигнал на 23 октомври 2011 во натпревар против ФК Хановер 96, кој Баерн го загубил со 1–2 на гостински терен. Истата сезона постигнал гол против Реал Мадрид во серијата пенали од полуфиналето од Лигата на шампионите, каде Баерн победиле. Но поради жолти картони, не настапил во финалето против Челзи каде Баерн изгубил.[8]
Во сезоната 2012–13, Алаба го постигнал седмиот најбрз гол во историјата на Лигата на шампионите (за 25 секунди) против Јувентус каде Баерн победиле 2–0. Ги одиграл сите 90 минути од финалето на Лигата на шампионите против ФК Борусија Дортмунд, во кое Баерн славеле со 2–1. Во декември 2013, Алаба потпишал нов договор со Баерн Минхен со важност до 2018.[9] Во јануари 2015, фудбалските навивачи преку гласањ на страницата на УЕФА го изгласале Алаба како лев бек во најдобриот состав за годината 2014, вторпат по ред вклучувајќи ја и 2013.[10] Во март 2016, Алаба го продолжил договорот со Баерн до 2021.[11]
Освен клупска, Алаба има и богата репрезентативна кариера. Како младинец настапувал за репрезентациите на Автрија под 17 и 19 години, а дебито за сениорската репрезентација го имал на натпреварот против Франција од октомври 2009.[12] Првиот репрезентативен погодок го постигнал на 16 октомври 2012 во натпреварот против Казахстан од квалификациите за Светското првенство, каде Австрија славела на домашен терен со 4–0. Алаба бил најдобар стрелец за австриската репрезентација во квалификациите за Светско првенство во фудбал 2014 со шест постигнати голови.[13]