Високот е инструмент за визуелно определување на вертикалност во однос на хоризонталната рамнина. Овој инструмент со форма на конус или цилиндар е еден од древните мерни инструменти. Високот се користи во градежништвото, при монтажа на конструкции и во геодезијата.
Принцип на мерење
Секое тело, поради масата е подложно на силата на Земјината тежа. Гравитацијата е во основата на идејата за создавањето и користењето на високот. На секоја точка од Земјината површина оваа сила е вертикална на површината, што е и условот за вертикалност при мерењето со висок. Ова е востановено во древни времиња и високот е создаден без да се има теориски и количински познавања за Земјината тежа.
Конструкција
Високот се изработува од масивно парче метал, железо или месинг, со форма на конус, цилиндар или продолжена форма на многуаголник. Завршува со конус со заострен врв што овозможува да се позиционира на точка, или да се маркира таква на хоризонталната површина. Се изработува на расклопување за да се постави мерен канап со различна должина во зависност од неговата примена. Основното барање за уредот е масата да му е симетрично распоредена во однос на оската и точката на обесување на канапот. Во градежништвото се користи и квадратна дистанциска плочка со централен отвор за канапот. Страната на ваквиот квадрат е еднаква или малку поголема од пречникот на високот.
Масата на високот е од 200 до 500 г, а должината на канапот е до 2,5 м. Тешкиот висок не е чувствителен на воздушните струи, а при мерење побрзо се смирува при првичното позиционирање и застанува во вертикалната позиција.
Примена
Најмасовната примена на високот е во градежништвото и геодетските мерења. Плочката во комплетот висок-канап помага при мерењето во градежништвото, таа го држи високот на многу мало растојание, така што не се допира до мерената површина и да не се прави процена од око за отклонот од вертикалата.
При геодетските мерења, високот се поставува под стативот на мерниот уред за истиот точно да се позиционира над точката земена за мерна станица на Земјината површина. Кај некои современи геодетски уреди високот се заменува со оптичка цевка која ги извршува функциите на оптички висок за позиционирање на мерната станица.
До создавањето на водена либела, високот поставен на врвот на рамнокрак или рамностран триаголник се користел за утврдување на хоризонталноста на некоја површина. Уредот се поставува на површината која се мери и се прифаќа дека хоризонтална кога високот ја покажува точно обележената средна точка на легнатата страна од триаголникот.
Во современото градежништво се користат оптички мерни инструменти (на пр. теодолит) за определување на вертикалноста при градење на високи згради или при монтажа на сложени конструкции. Независно од ова, малиот габарит, ниската цена и можноста за контрола во секое време, го прави високот сè уште применлив и неисфрлен од употреба.
Галерија
Користење на оловен висок како мерно средство за нивелирање (Рок Сен Кристоф во Дордоња, Франција)
Шема на користење на високот во градежништвото
Мерење со стар оловен висок и дистанциски цилиндар