Винскиот туризам (некаде наречен и енотуризам) е вид на туризам кој подразбира посета на винарии, дегустација, консумирање и набавка на вино, најчесто директно од производителот. Овој тип на туризам се состои од посети на винарии, лозја и ресторани познати по посебни локални вина, како и организирани вински тури, посета на вински фестивали и други специјални настани.
Многу вински региони ширум светот го промовираат ваквиот туризам бидејќи влијае мошне позитивно на локалното стопанство. Во овие региони, лозарските и угостителските здруженија имаат потрошено големи средства низ годините за промоцијата на винскиот туризам. Ова важи како за производителите од „Стариот Свет“ (како Шпанија, Португалија, Франција и Италија), така и за т.н. „Новосветски вински реигиони“ (како Австралија, Нов Зеланд, Аргентина, Чиле, САД и ЈАР), каде винскиот туризам игра важна улога во рекламирањето на локалните вински производи. На пример, во Аргентина, покраината Мендоса станува една од поглавните туристички одредишта во земјата заради сè поголемите успеси на аргентинското вино во светот. Во Австралија пак, Националниот вински центар игра важна улога во застапувањето на винската индустрија. Винскиот Крај во северна Калифорнија пак, го посетуваат огромен број на туристи од целиот свет и претставува голема винска атракција.
Винскиот туризам во Македонија
Винскиот туризам во Република Македонија е во зачетен, но силен развој. Министерството за економија забележува дека во последните години, бројот на нови приватни винарски визби значително се зголемил и некои од нив веќе ги адаптирале и збогатиле нивните активности во насока на винскиот туризам. Покрај приватните иницијативи, винскиот туризам се развива и стратешки, на државно ниво, со учество на разни организации, комори и здруженија. Во земјата исто така се развиваат и винските патишта, кои ќе овозможат одвивање на винскиот туризам по светски терк.