Велосипедскитуризам или велосипедски туринг — самостојно патување со велосипед заради уживање, авантура и независност, а не толку заради спортување, превоз или тренинг. Турингот може да вклучи еднодневни или повеќедневни тури, а некогаш и повеќегодишни. Турите може да бидат испланирани од учесниците или организирани од туристички агенции, клубови или добротворни организации заради собирање на средства во хуманитарни цели.
Потекло
Историчарот Џејмс Мекгурн раскажува дека во Лондон во XIX век „јавачите на велосипеди“ (hobby-horse) — „машини“ коишто ги туркале, а не педалирале — ги победувале тркачите со кочии, па дури и добивале облози. „Еден натпреварувач победи кочија влечена од четири коња до Брајтон и тоа со половина час предност“, рекол тој.[1] „Постојат повеќе записи за момчиња на возраст помеѓу 15 и 17 години коишто со дресини (велосипед на туркање) правеле тури низ Франција во 1820-тите години. На 17 февруари 1869 година, Џон Мајал, Чарлс Спенсер и Роули Тарнер извозеле од Трафалгар во Лондон до Брајтон и за 15 часа поминале 85 километри. Весникот Тајмс, којшто пратил известувач да ги следи со кочија, известил за „Извонредните нозе на велосипед“. Во март исттата година, тројца јавачи тргнале од Ливерпул до Лондон на тридневно патување коешто многу личело на денешниот велосипедски туринг. Во новинарскиот извештај било запишано:
„Нивните велосипеди предизвикаа исто така големо вчудовидување, а забелешките на месното население беа многу интересни. Во некои села децата се собираа околу „машините“ и доколку успееја, ќе трчаа покрај нив сè додека не се умореа. Најмногу прашања имаше околу името на тие „чудни коњи“, а некои ги нарекуваа и „вртимушки“, а луѓето „коњушари“. На потегот помеѓу Вулверхемптон и Бирмингем луѓето дури им фрлале и камења за да ги оневозможат да продолжат.[2]
Ентузијазмот се проширил и во другите држави. New York Times известува за многу велосипеди коишто „прелетуваат“ на сите страни. Но, додека интересот во Британија бил многу голем, во САД тој траел подолго.[1]
Вклучувањето на погон на предното тркало ги заменило велосипедите на туркање и тогаш било возможно да се достигнат и поголеми далечини. Еден возач, којшто себеси се нарекувал Лесниот Гулаб, во 1870 или 1871 година раскажувал дека возел од Лус до Салсбури, низ јужна Англија. За овој подвиг Мекгурн вели дека „тоа била прекрасна авантура, и покрај лошите патишта, прашината и недостатокот на патокази“.
Патувањата станале се поавантуристички. Томас Стивенс, известувач за San Francisco Chronicle, тргнал на пат околу светот на 22 април 1884 на 50 инчен Колумбија велосипед со само еден паричник, револвер, две маици и кабаница, и поминал две години на пат пишувајќи статии собрани во книга од два тома со 1.021 страница. Во 1896 година, Џон Фостер Фрејзер и двајца негови пријатели тргнале на пат околу светот со „безбедните велосипеди“ (оние со големо предно тркало биле сметани за небезбедни). Тој заедно со Едвард Лан и Ф. Х. Лоу поминале 31.000 километри низ 17 земји, за време од две години и два месеци.[3] Сè до 1878 година, рекреативниот велосипедизам бил толку популарен што бил формиран „Бајсикл Туринг Клуб“, подоцна преименуван во „Сајклистс Туринг Клуб“ (СТК).[4] Тоа е најстарата државна туристичка организација во светот. Членовите на клубот често возеле во униформи. Клубот дури имал и официјален кројач. На почетокот униформата била во темнозелена боја, но подоцна била сменета со сива бидејќи зелената боја се покажала непрактична бидејќи ја истакнувала нечистотијата.[5] Групите често возеле со трубач на почетокот на колоната за да ги објавува промените на правецот или кога требало да се застане.[6]
СТК го инспирирало Французинот Пол де Виви (р. 29 април 1853) да ја основа француската федерација за велотуризам, најголемата велосипедска федерација во светот, и да го воведе зборот велотуризам (cyclo-tourisme). Сојузот на американски велосипедисти бил формиран во Њу Порт, Род Ајленд, на 30 мај 1880 година. Тоа здружение го покривало уживателскиот велосипедизам и организирало велосипедски трки.
Општествено значење
Првите велосипедисти на почетокот биле дел од аристократијата или богати луѓе, коишто подоцна ги заменија велосипедите со автомобили. Ниската средна класа имала најголема добивка од влеосипедизмот и ослободувањето кошто го донесе.[1] Списанието The Cyclist од 13 август 1892 пренесува: „Двата општествени слоја коишто го формираат мнозинството на велосипедистите доаѓаат од класата на службениците и продавачите“. Херберт Џорџ Велс ја опишал оваа класа ослободена со велосипедизмот. Тројца од неговите херои — во „Историјата на господин Поли“, „Кипс“ и „Тркалото на можноста“ — купуваат велосипеди. Првите двајца работат во текстилни продавници. Третиот оди на велосипедски празник.
Мекгурн, пак, вели: „Промените во општествените перспективи доведоа до тоа Џон Голсворди да тврди дека велосипедизмот е најмногу одговорен за промените во однесувањето и моралот кај луѓето, уште од времето на Чарлс II“.[1]
Развој
Велосипедизмот најмногу се развил во 30-тите години на минатиот век за време на движењето за практикување на спортови на отворено. СТК издале реклама за целонеделна тура, со престојување во хотели коишто би биле препорачани од велосипедистите. Движењето на младинските хостели започнало во Германија и се проширило надвор од границите и значело патување со велосипед и престој во хостели. Вотсон и Греј пресметале дека во Британија има десет милиони велосипеди, споредено со еден милион автомобили.
Падот на користењето на велосипеди, а осебно во Британија, започнал после Втората светска војна кога милиони војници се вратиле од фронтот со веќе стекнати вештини за управување автомобили. Подолгите патувања сега биле изведувани со автомобили. Падот во Америка дошол дури и порано. Мекгрун за тоа вели:
„Приказната за велосипедите во периодот меѓу војните беше карактеризирана со недостаток на интерес и постојан пад... Велосипедизмот беше поразен од автомобилите и донекаде од новиот електричен јавен транспорт. Мерките на штедење за време на војната го одложи развојот на велосипедизмот. Додека повоениот мир го спушти на земја“.[1]
Како и да е, помеѓу 1965 и 1975 година САД го доживеале бумот на велосипедизмот, а во 1976 година ја прославиле двестегодишнината од независноста со организирање на масовни велосипедски тури, Бајксентенијал (Велогодишнина), од Тихиот Океан до Атлантикот. Во таа прилика, организаторот Грег Сипл рекол:
„Првичната помисла ми беше да пратам реклами и летоци со натпис ‘Дојдете во паркот Голден Гејт во Сан Франциско во 9 часот на 1 јуни со вашите велосипеди‘. И потоа требаше да возиме низ целата земја. Си замилив дека ќе се појават илјадници луѓе, море од народ со нивните велосипеди и торби подготвени за на пат, и ќе имаше и стари луѓе и од оние со дебели тркала и Французи коишто ќе долетаат дотука само за овој настан. Нема да има официјален старт, туку во 9 часот едноставно сите ќе почнеме да се движиме. Ќе бидеме како јато скакулци коишто се движат низ Америка“.[7]
Турата се возеше на релација од Орегон до Вилијамсбург во Вирџинија, местото на првите британски населби; тргнале 4.100 учесници, а завршиле 2.000. Тој настан означи нов почеток за велосипедскиот туринг во САД и основањето на Сојузот на авантуристички велосипедизам (Adventure Cycling Association). САВ мапираше рути низ Америка и Канада, а некои беа неменети за тури во времетраење од три месеци.
Во Британија, Клубот на туринг велосипедисти (Cyclists Touring Club) во 2011 година броел 70.000 члена[8] и е најголемото здружение на велосипедисти во Велика Британија. Тоа и понатаму организира групни туринг настани вклучувајќи еднодневни или празнични тури водени од искусни членови на КТВ. Од 1983 година Сустранс основаше Национална велосипедска мрежа на долги рути коишто вклучуваат патишта со лоша подлога и рути берз сообраќај, означени и мапирани во соработка со локални здружанија.
Од 1980 година се бележи пораст на велосипедски настани организирани од здруженија во многу земји низ Европа. Некои здруженија и претпријатија нудат и сместување и информации за рутите за велосипедистите коишто патуваат самостојно или во групи, со вклучани водичи и поддршка за голем број на велосипедисти коишто патуваат заедно.
Тешко е да се пресмета бројот на туринг велосипедисти и економските придобивки од нив, пред сè поради неформалната природа. Пазарните истражувања покажуваат дека во 2006 година, британските велосипедисти потрошиле 120 милиони фунти на 450.000 организирани велосипедски настани и околу 2,5 милиони луѓе биле вклучени во некои велосипедски настани на нивните годишни одмори секоја година.[9] Вкупната економска придобивка на заедниците посетени во текот на деветдневната велосипедска трка „Грејт Викторијан“ била проценета на 2 милиони австралиски долари во 2011 година.[10] Сустранс проценува дека вкупната вредност на велосипедскиот туризам во Велика Британија во 1997 година бил 635 милиони фунти и предвидуваат да изнесува 14 млрд. фунти на ниво на Европска Унија до 2020 година.[11] Но, познати сеподатоците коишто укажуваат дека еден и пол милион патници годишно ја поминуваат велосипедската патека покрај реката Дунав и дека 25% од туристите во Германија користат велосипед за време на нивниот престој.
Патувања
Велосипедскиот туринг може да се изведува на различни растојанија и различен број на денови. Францускиот турист Жак Сира раскажува за тоа како бил горд на неговото патување околу светот за пет години, сè додека не го сретнал Австралиецот кошто бил на пат 27 години.[12] Германскиот велосипедист Валтер Штоле го загубил својот дом во Судетската област после Втората светска војна и се населил во Велика Британија кога од Есекс на 25 јануари 1959 година тргнал на пат околу светот. Поминал низ 159 држави за 18 години, избегнувајќи ги само оние со затворени граници.[13] Во 1974 година возел низ Нигерија, Дахомеј (денешен Бенин), Горна Волта (денешна Буркина Фасо), Сиера Леоне, Брегот на Слоновата Коска, Либерија и Гвинеја.[14] Бил ограбен 231 пат, потрошил шест велосипеди и други пет му биле украдени.[15]
Друг Германец тргнал на пат три години после Штоле и сè уште е на пат. Хајнц Штике ја напуштил својата работа во 1962 година кога имал 22 години. Оттогаш никогаш не се вратил дома. До 2006 година имал поминато над 539.000 километри и посетил 192 земји во целиот свет. Заработува од продавање на своите фотографии на разни списанија. Кинезот Гуа Дахао во 1999 година тргнал на пат низ Сибир, Блискиот Исток, Турција, Западна Европа, Скандинавија, потоа дополнителни 100.000 километри низ Африка, Латинска Америка и Австралија.[16]
Но, има и такви коишто се обиделе да поминат огромни растојанија за многу кратко време. Рекордот за најбрзо заобиколување на Земјата со велосипед изнесува 91 ден и 18 часа изведено од Мајк Хол.[17]
Некои значајни писатели направиле комбинација од велосипедизам и патување, вклучувајќи ја Дервла Марфи, којашто го направи првото документирано патување[18] во 1963 година возејќи од Лондон до Индија со велосипед со една брзина. Во 2006 година[19] таа признала дека и бил вперен пиштол и била ограбена во Русија. Ери Њуби,[20] Бетина Селби и Ен Мусто го користеле велосипедизмот како средство за книжевен крај, вреднувајќи го начинот на кој велосипедизмот го носи патувачот близу местата и луѓето. Селби вели,
(велосипедот) ме прави слободен на начин на кој ниеден друг облик на превоз не може — нема потреба од гориво, документи и многу мало одржување. Најважното е дека на одбрана брзина можеш да видиш сè и не ме отсекува од околината, а воедно и создава многу пријатели.[21]
Не многу одамна, британските авантуристи Алистер Хамфрис (Начинот на идните уживања), Марк Бумон (Човекот кој возеше околу светот), Роб Лилвол (Возење од дома до Сибир) изведоа епски велосипедкси експедиции и напишаа книги за нивните патешествија.
Видови
Растојанијата можат да бидат различни. Во зависност од кондицијата, брзината и бројот на застанувања, возачот може да помине помеѓу 50 и 150 километри на ден. Кратка тура од неколку денови може да покрие најмалку 200 километри, а долга тура може да покрие цела една земја или целиот свет.
Постојат повеќе видови на туринг велосипедизам:
Лесен туринг
Уште наречен и туринг со кредитна картичка, е вид на туринг велосипедизам кога возачот носи минимум опрема и многу пари. Преноќувањата се обично во младински хостели, хотели, апартмани или мотели. Храната се набавува во ресторани за брза храна, барови, пазари или продавници.
Ултра лесен туринг
Се разликува од првиот вид на туринг по тоа што возачот си е независен, но ги носи само основните работи и опрема.
Целосно опремен туринг
Познат и како самоодржлив туринг, е кога велосипедистот носи сè што му е потребно, вклучувајќи храна, опрема и прибор за готвење и целосна кампинг опрема. Некои возачи го минимизираат нивниот товар носејќи ги само најпотребните намирници, храна и супер лесен шатор.
Експедициски туринг
Велосипедистите патуваат долго време, често во неразвиени земји и далечни краишта. Торбите се полни со храна, резерни делови, алат и кампинг опрема што на патникот му овозможува да биде независен.
Туринг по разновиден терен
Наречен и туринг по тежок терен, е кога се патува по различни типови на патишта и места на една тура со еден ист велосипед. Фокусирајќи се на слободата на движењето и ефикасноста на различни видови на подлога, возачите често го прилагодуваат на ултра лесниот кампинг и носат само минимална опрема.
Туринг со поддршка
Велосипедистите се поддржани од моторно возило, коешто ја носи целата опрема. Тоа може да биде организирано од независни групи или од туристички агенции. Овие агенции ги продаваат аранжманите коишто вклучуваат сè што е потребно за време на патувањето.
Еднодневен туринг
Овие тури варираат во однос на бројноста на групата, должината на патот, целта и начините на поддршка. Може да бидат изведувани од соло велосипедисти, групни возења или организирани тури од стотици до илјадници возачи. Должината може да биде од неколку километри до 150 километри за еден ден, па и подолги. Во однос на целта тие може да се возат од задоволство или фитнес вежба, или за собирање средства за добротворни цели. Во однос на поддршката тие варираат од независни еднодневни тури или тури изведувани со поддршка на пријатели и организирани тури кога велосипедистите плаќаат за придружбата и престојот обезбеден од организаторот, вклучувајќи го и освежувањето на патот, обезбедување на прва помош и бодрење.
S24O – Дваесетичетиричасовно патување со преспивање
Овој вид на туринг помалку се фокусира на велосипедизмот, а повеќе на кампингот. Вообичаено возачот би излегол од дома во попладневните часови, би пристигнал на некое привлечно кампинг место, би преспал и следното утро ќе се врати дома. Овој вид на туринг не одзема многу време за планирање и изведување. За оние кои живеат во големите градови, овој начин на патување може да вклучи и користење на воз или автобус за да се стигне до некое поубаво место за тргнување, и може да трае подолго од 24 часа и да се претвори во викенд тура, но сепак се практикуваат истите правила на планирање.
Велосипедскиот туринг којшто вклучува повеќедневни патувања има потреба од велосипед што ќе може да носи потежок товар. Иако можат да се користат многу видови на велосипеди, специјалните туринг велосипеди се направени да носат повеќе товар и да се возат поудобно на подолги релации. Таквиот велосипед има подолга основа заради стабилност, прилагодувачи на воланот и држач за торби, втор држач за шише за вода (бидон), држачи за калници, поголем опсег на брзини заради справување со товарот на различен терен и тркала за туринг коишто се поголеми заради различните типови на подлоги што се поминуваат..[22]
„Ултралесните возачи“ го одбираат брзинскиот/друмски велосипед или одакс или патничките велосипеди заради брзината и едноставноста. Како и да е, овие велосипеди се потешки за управување на патишта каде што нема асфалт и на тој начин го ограничува движењето. Некои сметаат дека лежечките велосипеди се единствените коишто треба да се користат за туринг велосипедизам.
За да се намали тежината којашто се носи на велосипедот или за да се зголеми капацитетот на торбите, велосипедистите често користат и приколки закачени на нивните велосипеди.
За возачите што користат поддршка, товарот нема значење и во тој случај можат да се користат многу поразличен тип на велосипеди во зависност од теренот.