Борис Арсов

Борис Арсов
Роден Борис Тодоров Арсов
15 мај 1907
Крива Паланка, денешна Македонија Македонија
Починал 1954
Скопје, денешна Македонија Македонија
Занимање учесник во НОБ, член на АСНОМ

Борис Арсов, роден со името Борис Тодоров Арсов (Крива Паланка, 15 мај 1906 - Скопје, 1954) — македонски социолог, универзитетски професор и член на АСНОМ.[1] Тој е првиот македонски социолог и основоположник на социолошкото проучување на селото, селанството и начинот на живеење во Повардарието во Македонија.[2] Тој е исто така еден од првите доктори на науки од Македонија.

Животопис

Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Куманово. Во текот на 1926 г. заминал на студии на Универзитетот Монпелје, Јужна Франција, каде што студирал право и филозофија, стекнувајќи две дипломи, за завршен правен факултет и за филозофија.

На Сорбона во Париз, Борис Арсов ја одбранил докторската дисертација „Економскиот живот во Македонија во XIX век“ објавена во 1936 година.[3] (француски: „La vie economique de la Macédoine au XIX siècle”). Во изработката на својата теза Арсов користел бројни документи и ракописи и направил истражувања на самиот терен. Овој труд е еден од првите трудови кои го опфаќаат проблемот на економската историја на Македонија во периодот пред нејзината поделба, односно во рамките на Отоманското Царство. Истиот беше објавен од страна на МАНУ во 2000 година.

По неговото докторирање се враќа во Македонија каде со група интелектуалци го издавал месечното списание „Луч” (1 јуни 1937 – 20 мај 1938) и бил главен и одговорен уредник. Заради тогашната српска пропаганда во Македонија неговото име во списанието Луч било Борисав Арсиќ. За време на суровата бугарска фашистичка окупација на Македонија Арсов од прво работел како адвокат, но заради тогашната бугарска пропаганда во Македонија во неговите документи во тоа време бил претставен како Бугарин. Активно се вклучил во ослободителната борба од самиот почеток. На 2-5 септември 1944 година Президиумот на АСНОМ го кооптира Арсов за член на АСНОМ.[4] Во ноември 1944 година станал член на Законодавната комисија на Президиумот на АСНОМ.[5] Наменуван е за помошник-повереник за судството во Македонија во јануари 1945 година. Избран е за професор на Правно-економскиот факултет во Скопје во 1953 година. Смртта го затекнала како професор на Правниот факултет во Скопје, во 1954 година.

Трудови

  • Арсић, Борисав, (1936) „Савремени проблеми социологије“, Вардар, (26.06.1936).
  • Арсић, Борисав, (1937) „Наше село и сељаштво“, Луч, год. 1, бр. 5.
  • Арсић, Борисав, (1937) „Социјалне формације у Повардарју“, Луч, 1.
  • Арсић, Борисав, (1937) „Социјалне формације у Повардарју“, (2) Луч, 2-3.
  • Арсић, Борисав, (1937) „Почеци капитализма у пољопривреди“, Луч, 6-7.
  • Арсов, Борис, (2000) „Економскиот живот во Македонија во XIX век“, Скопје: МАНУ.

Наводи

  1. Борис Арсов, „Економскиот живот на Македонија во 19 век“, Скопје, 2000. Пет. Г.
  2. Петре. Т. Георгиевски, „Борис Арсов: првиот македонски социолог во проучувањето на селото и Повардарието во триесеттите години од XX век“ во „Социологијата како критика на општествената, образовната и културната промена“, Матица македонска“, Скопје, 2012, 91 стр.
  3. Даринка Петреска и Виолета Ачкоска, „Осознавање на историјата“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет – Скопје, Скопје, 2007, 116 стр.
  4. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 48-49 стр.
  5. Блаже Ристовски, Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, 84 стр.

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!