Битка кај Кана

Битка кај Кана
Дел од Втората пунска војна

Џон Турмбил, Смртта на Павел Емилиј во битката кај Кана (1773)
Датум 2 август 216 п.н.е
Место Кана , Италија
41°18′23″N 16°7′57″E / 41.30639° СГШ; 16.13250° ИГД / 41.30639; 16.13250
Исход Победа на Картагинците
Територијални
промени
Картагинските сили се зацврстиле во јужна Италија; пребегнувањето на некои римски сојузници, меѓу кои и Капуа во Картагина
Завојувани страни
Римска Република
Сојузничките италијански држави:
Етрурци
Самнити
Јапиги
Картагина
сојузници: Нумидиски, либиски, хиспански, и галски племиња
Команданти и водачи
Гај Теренциј Варон
Луциј Емилиј Павел 
Гнеј Сервилиј Гемин 
Ханибал
Махарбал
Маго Барка
Гисго
Хано]
Хасдрубал
Сила
86,400 војници (Полибиј)
• 80,000 пешадијци
• 6,400 коњаници
50,000 војници
• 40,000 пешадијци
• 10,000 коњаници
Жртви и загуби
67,500 (Ливиј)
• 48,200 убиени
• 19,300 заробени
14,000+ побегнале[1][2]
5,700 убиени (Полибиј)

Битката кај Кана е клучна битка во Втората пунска војна помеѓу Римската Република и Картагина, а се одиграла на 2 август 216 п.н.е. во близина на античкото село Кана во Апулија, југоисточна Италија. Картагинците со своите сојузници, предводени од Ханибал, опколиле и уништиле поголем дел од римската војска водена од конзулите Луциј Емилиј Павел и Гај Теренциј Варон.

По битката кај Кана неколку други италијански градови-држави се отцепиле од Римската Република. Како и Пир, а подоцна и Спартак, Ханибал не ја искористил предноста стекната по победата во оваа битка. Сепак, оваа битка се смета за еден од најголемите тактички подвизи во воената историја и еден од најголемите порази во римската историја.

Стратешка позадина

Движењето на Ханибал во текот на нападот на Рим

По почетокот на Втората пунска војна, картагинскиот генерал Ханибал ја нападнал Италија поминувајќи ги Алпите во текот на летото и раната есен 218 п.н.е. [3] Извојувал победи над Римјаните во битките кај Требија и кај езерото Трасимене.[3] [3] По овие порази, Фабиј Максим бил назначен за диктатор за да се справи со заканата.[4] [3] Фабиј против Ханибал ја користел тактиката на истоштување, при што му го отсекол ланецот на снабдување и избегнал жестоки битки. Ваквата тактика се покажала непопуларна кај Римјаните кои, веќе опоравени од шокот од победите на Ханибал, се прашувале зошто Фабијевата стратегија ѝ овозможило на картагинската армија да се регрупира.[5] Мнозинството Римјани биле за брз крај на војната. Се стравувало дека, ако Ханибал непречено продолжи да ја ограбува, сојузниците на Рим може да преминат на картагинска страна за да опстанат.[6]

Битките кај Требија, езерото Трасимене и Кана, во спротивна насока од стрелките на часовникот, од врвот

Затоа, кога мандатот на Фабиј завршил, Сенатот не ги обновил неговите овластувања и командата им била доверена на конзулите Гнеус Сервилиус Геминус и Марк Атилиус Регулус.[3] Во 216 п.н.е., кога продолжиле изборите за конзули биле избрани Луциј Емилиј Павел и Гај Теренциј Варон, под чија команда новособраната војска со дотогаш невидена големина се упатила да се соочи со Ханибал. [3]

Проценки на бројот на римските трупи

Рим вообичаено ангажирал четири легии секоја година, од кои секоја се состоела од 4.000 пешаци и 200 коњаници.[7] Според современите римски извори, Сенатот овој пат за прв пат вовел осум легии, секоја составена од 5.000 пешаци и 300 коњаници, при што сојузничките трупи броеле ист број пешаци, но 900 коњаници по легија - тројно повеќе од самата легијата.[8] Осум легии — околу 40.000 римски војници и околу 2.400 коњаници — го формирале јадрото на оваа огромна нова армија.[9] Ливи цитира еден извор кој наведува дека Римјаните додале само 10.000 луѓе во нивната војска.[10] Иако не постои дефинитивен број на римски трупи, сите извори се согласуваат дека Картагинците се соочиле со значително поголем непријател.

Римска команда

На двајцата конзули им биле доверени по две од четирите легии, а невообичаено било дека сите четири легии биле ангажирани одеднаш на иста задача. Сепак, Сенатот се плашел од реалната закана и распоредил не само четири легии на теренот, туку сите осум, вклучувајќи ги и сојузниците.[8] Обично, секој од двајцата конзули си командувал со својот дел од армијата, но бидејќи двете армии биле обединети во една, римското право од нив барало да ја менуваат командата на дневна основа. На денот на битката Варон командувал со војската, и голем дел од вината за поразот се става на негови плеќи. [11]

Вовед во битката

Пролетта 216 п.н.е. Ханибал навлегол во северна Апулија и ја зазел Кана, со што се позиционирал помеѓу Римјаните и нивниот главен извор за снабдување со храна. [3] Како што забележал Полибиј, заземањето на Кана „предизвикало голема вознемиреност во римската војска; бидејќи не ги вознемирувало само губењето на местото и складиштето во него, туку и фактот што тие командувале со околниот округ“. Конзулите, решени да се соочат со Ханибал, тргнале на југ.[3] По дводневен марш, го нашле на левиот брег од реката Ауфид и се сместиле на 8 км од него.[3]

Меѓу конзулите имало несогласување за тоа какви акции да се преземат понатаму. Варон, кој командувал на првиот ден бил решен да го победи Ханибал. Кога Римјаните се приближувале до Кана, дел од лесната пешадија и коњицата на Ханибал ги нападнале од заседа.[3] Варон го одбил нападот и полека напредувал кон Кана.[3] Оваа победа, иако во суштина била обична пресметка без стратешка вредност, во голема мера ја зајакнала довербата на римската војска, што можеби довело до преголема доверба од страна на Варон. Павел, за разлика од Варон, бил претпазлив и сакал да избегне битка на отворен терен, и покрај бројчаната предност на Римјаните. Тоа било исправно затоа што Ханибал имал предност во коњицата (и по квалитет и по квантитет). И покрај својот сомнеж, Павел сметал дека не е мудро да се повлече војската по првичниот успех, и со две третини од војската кампувал источно од реката Ауфид, а остатокот го пратил да ја зацврсти позицијата на спротивната страна, на околу 2 км од главниот камп. [3]

Војските на своите позиции останале два дена. Во текот на вториот ден (1 август) Ханибал, знаејќи дека Варон ќе командува следниот ден, го напуштил својот логор и понудил битка, но Павел одбил. [3] Откако му било одбиено барањето, Ханибал, согледувајќи ја важноста на водата од Ауфид за римските трупи, ја испратил својата коњица во помалиот римски камп за да ги растера војниците водоносци кои се наоѓале вон утврдувањата на кампот.[3] Според Полибиј, коњицата на Ханибал храбро јавала до самиот раб на римскиот камп, предизвикала хаос и сосема го прекинала снабдувањето со вода во римскиот камп.[12]

Битка

Датум

Историчарите од антиката ретко даваат прецизни датуми за настаните што ги опишуваат; на пример, Ливи не дава изречни датуми за ниту една од битките од Втората пунска војна. Сепак, Макробиј, кој го цитира римскиот аналитичар Квинт Клаудиус Квадригариус, наведува дека битката се водела „ante diem iiii nones Sextilis“, или на 2 август.[13]

Војски

Модерна интерпретација на прачка од Балеарските Острови (позната по вештината на нивните прачки)

Бројот на војниците кои учествувале во античките битки честопати се неверодостојни, а Кана не е исклучок (особено бројките за картагинската војска).[11] Армијата на Картагина била комбинација од воени одреди од различни региони, а нејзината големина била 40-50 илјади. Во својата пешадија имале околу 8.000 Либијци, 5.500 Гетули, 16.000 Гали (од кои 8.000 биле оставени во кампот на денот на битката) и 8.000 од неколку племиња од Хиспанија.[11] Коњаницата вклучувала 4 илјади Нумидијци, 2 илјади Ибери, 4 илјади Гали и 450 коњаници од Либија и Картагина. Ханибал имал и помошен контингент (лесна пешадија) составен од 1.000-2.000 балеарци со праќа и 6.000 копјаници од мешана националност, меѓу кои веројатно имало и Лузитанци.[11] Обединувачкиот фактор во картагинската армија била личната врска на секоја група со Ханибал. [11] [11]

Опрема

Римските сили имале типични римски орудија, како пилум (тешко копје) и хаста (убодни копја) како оружје, и традиционалните бронзени шлемови, штитници и оклопи.[3] Од друга страна, картагинската војска користела разновидна опрема. Иберијците се бореле со фалката, додека Келтиберијците и Лузитанците користеле гладиуси, [11] како и џилит и други видови копја. [3] За одбрана, воините од Хиспанија носеле големи овални штитови и често носеле шлем на чиј врв ставале животински жили. [3] Повеќето галски пешадијци освен големите штитови веројатно немале друга заштита, а типично галско оружје бил долгиот меч.[14] Нумидиската коњица била лесно опремена, немале седла ни узди за своите коњи и не носеле оклоп, носеле само мали штитови, копје, а можеби и нож или подолго сечило.[3] За разлика од нив, потешката ибериска коњица имала тркалезни штитови, мечеви, џилити и копја.[11] Балеарските праќари, кои биле прочуени по својата прецизност, носеле кратки, средни и долги праќи кои ги користеле за фрлање камења. Самиот Ханибал, како и многу римски офицери на спротивната страна, можеби носел бронзена мускулата и фалката во рацете.[11]

Тактичко распоредување

Армиите од тоа време ја поставувале пешадија во центарот, а коњицата обично на двете крила. Римјаните биле доследни на ваквото поставување, но наместо во ширина пешадијата ја распоредиле во должина со надеж дека брзо ќе го пробијат линискиот центар на Ханибал.[3] Претходно, римската пешадија на ваков начин успеала да навлезе во центарот на Ханибаловата војска во Требија, и Варон сакал да го повтори тој успех, но сега со поголема војска.[3] Принкипесите биле сместени веднаш зад хастатите, подготвени да избијат напред при првиот контакт со непријателот. Иако биле побројни од Картагинците, распоредувањете во длабочина значело дека римските линии би имале фронт со приближно еднаква должина како нивните бројчано инфериорни противници. Стилот на античко војување се одликувал со постојано истурање на пешадијата во центарот во обид да се совлада непријателот. Ханибал дознал дека Римјаните вака ги водат битките и својата помалкубројна војска стратешки ја сместил околу непријателот за да извојува тактичка победа.[15]

Почетно распоредување и римскиот напад (црвено)

Ханибал ги распоредил своите сили врз основа на посебните борбени квалитети на секоја единица, земајќи ги предвид нивните предности и слабости.[16] Затоа балеарските праќари ги поставил зад пешадијата за да можат да дофрлат до римските трупи. [3] Во средината, во една линија поставил 20 илјади Ибери и Гали длабока неколку редови во облик на полумесечина. На левото и десното крило ја поставил тешката африканска пешадија во подлабока формација за да ги нападне римските крила.[3]

Кај картагинската војска, на чело на шпанската и галската коњица од левата страна (на југ во близина на реката Ауфидус) бил Хасдрубал. [3] Хасдрубал имал 6.500 коњаници, а Хано на десното крило имал 3.500 Нумидијанци.[3] [3]

Ханибал пред битката зацртал неговата коњаница на крилата да ја уништи послабата римска коњаница, а потоа да ја нападне римската пешадија одзади, додека таа притиска врз ослабениот центар на Ханибал.[3] Тогаш, во клучниот момент, африканската пешадија ќе се приклучи на битката и ќе ја започне офанзивата од крилата со што ќе ги опколат прекумерните Римјани.[3]

Римјаните биле пред ридот што води кон Кана, нивното десно крило било покрај реката, и можеле да се повлекуваат само по левото крило.[17] Утринското сонце светело дирекно во очите на Римјаните, а југоисточниот ветар носел песок и прашина во нивните лица додека се приближувале до бојното поле.[18]

Текот на битката

Како што војските меѓусебно се доближувале, Ханибал постепено го проширувал центарот на својата линија. Полибиј слабиот центар на Картагинците го опишал како распоред во вид полумесечина, испакната кон Римјаните во средината и со африканските трупи на нивните крила во формација на ешалон. Се верува дека тоа е направено за да се намали ударниот ефект од нападот на римската пешадија и за да се издржи до вклучувањето на африканската пешадија.[19] Иако мнозинството историчари сметаат дека Ханибал намерно ја поставил војската на ваков начин, други сметаат дека тоа било природно однесување на картагинската војска кога ќе се соочи со таков непријател.[19]

Уништување на римската војска

Битката започна со жестока борба меѓу коњаниците по крилата.[3] Полибиј ги опишал дејствијата на Иберите и Галите како варварски методи на борба кои поради недоволниот простор ги симнувале од коњот римските коњаници.[3] Откако картагинската коњаница стекнала предност, тие ги убиле своите римски противници без да загубат четвртина од своите сили.[3] На другото крило, Нумидијците имале намера само да ја држат зафатена римската коњаница.[3] Хасдрубал ја држел својата коњаница под контрола и не се впуштил да го брка римското десно крило кое се повлекувало,[3] туку ја одвел на другата страна од полето каде римската коњаница сè уште се борела со Нумидијците.[3] Нападнати од две страни, римската коњаница се распрснала уште пред Хасдрубал да дојде во контакт со нив, а Нумидијците почнале да ги гонат по полето. [3]

Додека картагинската коњаница веќе ја поразувала римската коњаница, пешадиските трупи се меѓусебно се приближувале во центарот на полето. Ветарот од исток носел прашина во лицата на Римјаните и им го заматил видот. Иако ветрот не бил одлучувачки фактор, сепак им го стеснил видното поле на Римјаните.[18] Друг неповолен фактор за Римјаните била жедта предизвикана од нападот на Ханибал на римскиот логор во текот на претходниот ден. Понатаму, огромниот број војници создавале неподнослива бучава во позадина. Сите овие психолошки фактори ја направиле битката особено тешка за пешадијата. [11]

Лесната пешадија од двете страни започнала со престрелки, при кои имало малку жртви и брзо повлекле низ редовите на својата тешка пешадија.[3] Додека римската тешка пешадија напаѓала, Ханибал со своите луѓе се наоѓал во слабиот центар и сите заедно ги држел во контролирано повлекување. Полумесечината на шпанските и галските трупи се свиткала навнатре за време на постепеното повлекување. Знаејќи ја супериорноста на римската пешадија, Ханибал на својата пешадија намерно ѝ наредил да се повлече, со што создал уште поцврст полукруг околу римските сили кои ги напаѓале. Со тоа тој силата на римската пешадија ја претворил во нејзина слабост. Додека првите редови постепено напредувале, најголем дел од римските трупи почнаа да ја губат својата кохезија, затоа што трупите од резервните линии напредувале во сѐ поголемиот јаз.[3] Набргу биле толку збиени меѓусебе што немале простор да го користат оружјето. Во својата желба да ја уништат линијата од шпанска и галска војска која се повлекувала и навидум се распаѓала, Римјаните отишле премногу напред, и ги игнорирале (најверојатно поради прашината) африканските трупи на испакнатините краеви од оваа сега обратна полумесечина кои сѐ уште не биле вклучени во борбата. [19] Ова, исто така, ѝ дало време на картагинската коњаница да ја истисне римската коњаница од двете страни и да го нападне римскиот центар во задниот дел. Римската пешадија, сега незаштитена од двете крила, формирала клин кој што навлегувал сè подлабоко во картагинскиот полукруг, и западнала во коридор направен од африканската пешадија по крилата.[16] Во овој одлучувачки момент, Ханибал на својата африканска пешадија ѝ наредил да тргне навнатре и да напредува против римските крила, со што ја опколиле.[3]

Откако картагинската коњаница ги нападнала Римјаните одзади а африканските сили бочно, римската пешадија одеднаш запрела со напредувањето.[3] Римјаните биле опколени од сите страни и не можеле да побегнат.[3] Потоа започнал вистински масакр, според Хансон, околу 600 римски легионери гинеле во минута.[20][21] 14 илјади Римјани успеале да побегнат.

Загуби

Римјани

Полибиј пишува дека кај Римјаните: 70.000 биле убиени, 10.000 заробени, а „можеби“ 3.000 преживеале. Тој исто така известува дека од 6.000 римски и сојузнички коњаници, само 370 преживеале.[22]

Ливиј ги навел следните загуби: „45500 пешадијци, 2,7 илјади коњаници од граѓаните на републиката и сојузниците“.[23] Тој известил и за заробувањето на 3 илјади пешадијци и 1,5 илјади коњаници на Римјаните и неговите сојузници.[23] Иако Ливиј не го нацедува својот извор, најверојатно тоа бил Квинт Фабиј Пиктор, римски историчар кој се борел и пишувал за Втората пунска војна. Ливиј го спомнал неговото име кога објавувал податоци за загубите во битката кај Требија.[24] Покрај смртта на Емилиј Павел, римскиот автор ја споменува и смртта на 2 квестори, 29 од 48-те воени трибуни (меѓу кои и Гнеј Сервилиј Гемин и поранешниот магистер еквитум, Марко Минуциј Руф) и 80 „сенатори или мажи кои вршеле функции кои им даваат право да бидат избрани во Сенатот“.[23]

Подоцнежните римски и грчко-римски историчари во голема мера наведуваат слични цифри со Ливиј. Апијан наведува 50.000 убиени и „многу“ заробени.[25] Плутарх се согласил: „Во таа битка паднале 50.000 Римјани... 4.000 биле заробени“. [26] Квинтилијан : „60.000 луѓе беа убиени од Ханибал во Кана“.[27] Евтропиј: „20 офицери со конзуларен и преторијански чин, 30 сенатори и 300 други од благородничко потекло, беа заробени или убиени, заедно со 40.000 пешадијци и 3.500 коњаници“.[28]

Некои современи историчари, иако ја отфрлаат цифрата на Полибиј како погрешна, а се подготвени да ја прифатат цифрата на Ливиј. [11] Други историчари пак, излегле со далеку пониски проценки. Во 1891 година, Канталупи предложил римски загуби од 10.500 до 16.000.[29] Самуелс во 1990 година, исто така, ја сметал цифрата на Ливиј како превисока, со образложение дека коњаницата не би можела да ја спречи римската пешадија да избега кон задниот дел. Тој се сомнева дури и дека Ханибал сакал да има многу жртви, бидејќи голем дел од армијата се состоела од Италијанци кои Ханибал се надевал дека ќе ги придобие како сојузници.[30]

Картагинци

Ливиј напишал за смртта на 8 илјади војници на картагинската војска.[31] Полибиј известува за 5.700 мртви: 4.000 Гали, 1.500 Ибери и Африканци и 200 коњаници.[22]

Последици

Кратко време, Римјаните биле во целосен хаос. Нивните најдобри војски на полуостровот биле уништени, остатокот бил сериозно деморализирани, а единствениот преостанат конзул (Варон) целосно дискредитиран. Рим прогласил ден на жалост бидејќи немало ниедно лице кое не било поврзано или познавало лице кое починало. Римјаните биле толку очајни што почнале да жртвуваат луѓе на боговите, двапати закопале живи луѓе кај Форумот во Рим и напуштиле бебе во Јадранското Море (можеби еден од последните случаи на жртвување луѓе од страна на Римјаните, освен јавните погубувања на поразени непријатели во чест на Марс).[32]

Филип V Македонски му ветил поддршка на Ханибал по победата на Картагинците.

За само 20 месеци Рим изгубил една петтина (150.000) од целокупното машко население над 17 години.[16] Понатаму, поголемиот дел од јужна Италија се приклучил на каузата на Ханибал. По Кана, хеленистичките јужни провинции Арпи, Салапија, Хердонија и Узентум, како и градовите Капуа и Таранто ја отповикале својата верност кон Рим и му ветиле лојалност на Ханибал. По битката, грчките градови на Сицилија кренале бунт против римската политичка контрола, а македонскиот крал Филип V му ветил поддршка на Ханибал, и ја започнал Првата македонска војна против Рим.

Ливиј напишал дека по битката, командантот на нумидската коњаница Магарбал го наговарал Ханибал да ја искористи можноста и да тргне на Рим. По одбивањето на Ханибал му рекол: „Боговите не даваат сè на една личност: знаеш како да победиш, Ханибал, но не знаеш како да ја искористиш победата“ [20]

Ханибал испратил делегација во Рим предводена од Картало за отворање мировни преговори со Републиката со умерени услови. И покрај повеќекратните катастрофи што ги претрпел Рим, Сенатот одбил да преговара. Рим прогласил целосна мобилизација на машкото римско население и создавале нови легии преку ангажирање на селани без земја, па дури и робови.[16] Самиот збор „мир“ бил забранет, жалењето било ограничено на 30 дена, а дури и на жените им било забрането да леат солзи.[18] :386

Историски извори

Средновековен приказ на битката кај Кана

Има три главни извори за битката, а ниеден не е своевремен. Општата историја на Полибиј е напишана 50 години по битката. Ливиј пишувал во времето на Август, а Апијан уште подоцна. Апијан опишува настани кои не се поврзани со оние на Ливиј и Полибиј.[11] Тит Ливи на Сенатот му дава херојска улога, префрлајќи ја вината за поразот на Варон. Обвинувањата против римскиот генерал, исто така, одземаат дел од вината на војниците, кои овој автор имал тенденција да ги идеализира.[11] Историчарите обично не даваат вредност на белешките на Апијан.[33] Битката е опишана и од Касиј Дион и Плутарх.

Наводи

  1. Delbrück 1975, стр. 320, 327.
  2. Goldsworthy 2001, стр. 194.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 3,24 3,25 3,26 3,27 3,28 3,29 3,30 3,31 3,32 3,33 3,34 3,35 3,36 3,37 3,38 Goldsworthy 2001.
  4. Titus Livius, Ab Urbe Condita, xxii.8
  5. Liddell Hart, Basil. Strategy. New York City, New York: Penguin, 1967.
  6. Livy, Ab Urbe Condita, xxi.19
  7. Polybius, Historiae, i.16
  8. 8,0 8,1 Polybius, Historiae, iii.107
  9. The Cambridge Ancient History VIII: Rome and the Mediterranean 218–133 BC, Cambridge University Press, 1965.
  10. Livy, Ab Urbe Condita, xxii.36
  11. 11,00 11,01 11,02 11,03 11,04 11,05 11,06 11,07 11,08 11,09 11,10 11,11 11,12 Daly 2002.
  12. Caven, B. Punic Wars.
  13. Macrobius, Saturnalia, 1.1.6.26
  14. Polybius, Historiae, iii.114
  15. Mills, Cliff.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 Cottrell, Leonard.
  17. Bradford, E. Hannibal.
  18. 18,0 18,1 18,2 Dodge, Theodore.
  19. 19,0 19,1 19,2 Healy 1994.
  20. 20,0 20,1 Livy, Ab Urbe Condita, xxii.51
  21. Hanson, "Battle of Cannae Архивирано на 21 септември 2005 г." The Reader's Companion to Military History, Cowley, Robert and Parker, Geoffrey (edd.), p. 70.
  22. 22,0 22,1 Polybius, Historiae, iii.117
  23. 23,0 23,1 23,2 Livy, Ab Urbe Condita, xxii.49
  24. Livy, Ab Urbe Condita, xxii.7
  25. Appian 1999.
  26. Plutarch 1916.
  27. Quintilian.
  28. Eutropius.
  29. Cantalupi, P. "Le Legioni Romane nella Guerra d'Annibale", Beloch Studi di Storia Antica.
  30. Samuels 1990.
  31. Livy, Ab Urbe Condita, xxii.52.6
  32. Palmer, Robert EA (1997). Rome and Carthage at peace. Stuttgart, F. Steiner. ISBN 978-3-515-07040-9.
  33. Sabin, Philip.

Библиографија

Антички извори

Современи извори

Надворешни врски

Strategi Solo vs Squad di Free Fire: Cara Menang Mudah!