На Тридентскиот собор (1545-63) Римокатоличката црква дала многу одговори на прашањата за внатрешна реформа поставени како од протестантите, така и од оние кои останале католици. На соборот се дискутирала и претставителната уметност, и се дошло до решение дека сликарството и вајарството во црковен контекст треба да им зборува на неписмените, а не на добро информираните.
Поради ова барокната уметност има тенденција кон прикажување на светци, Дева Марија и други добро познати библиски приказни. Според многу историчари на уметноста овој пресврот кон популистичка замисла за улогата на духовната уметност бил двигателот за иновациите на Караваџо и браќата Карачи - сите овие уметници работеле (и се натпреварувале во нарачки) во Рим околу 1600.
Барокната уметност се одликува со голема драматизација, богата и длабока боја и силни светла и сенки. Наспроти ренесансната уметност, која обично прикажува момент пред случувањето на некој настан, барокните уметници го одбирале најдраматичниот момент, моментот на самото дејствие: Микеланџело кој работел во високата ренесанса го прикажува Давид во смирена состојба пред да се бори со Голијат; Берниниевиот барокен Давид пак, е прикажан на самиот чин на фрлање на каменот. Барокната уметност имала за цел да пробуди чувства и страст наместо смирена рационалност која била ценета во ренесансата.
Несомнено е дека најважниот барокен вајар е Џанлоренцо Бернини (1598-1680), кој му се доближил на Микеланџело во неговите сестрани способности. Бернини бил вајар, архитект, сликар, драматург и припремач на спектакли. Во доцниот XX век Бернини бил највреднуван за неговите склуптури, за неговата виртуозност во резбањето на мермер и неговата способност за создавање на ликови кои во едно го имаат и диховното и физичкото. Бил и одлчен портретист кого моќниците го барале да им изработува бисти.